Академскиот вајар Никола Смилков со самостојни изложби успешно чекори на интернационалната сцена
Интервју со д-р Никола Смилков, академски вајар и редовен професор по методика на ликовното образование и вајарство на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Непосреден повод за интервјуто е најновата самостојна изложба на проф. д-р Смилков која се одржа на 18-ти октомври во Офицерскиот дом во Битола, но исто така проф. Смилков зборува и за најважните настани кои ја одбележаа годинава, кои се плановите до крајот на годината, за професорската работа, за идните проекти и за неговата вечна инспирација.
Проф.Смилков е автор на статуeтката „Жена водилка“ која им се доделува на лауреaтките на регионалната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: Непосреден повод за интервјуто е Вашата најнова самостојна изложба „Фигурации“ во Офицерскиот дом во Битола. Како поминавте и какви се вашите импресии? За каква изложба станува збор и како реагираше публиката? Дали со изложбата ќе гостувате и надвор од границите на државата?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Благодарам за поканата. Ова е мое прво интервју по најновата самостојна изложба и со големо задоволство сакам да ги споделам моите импресии за ова, и мое последно претставување во 2024 година, кое претставува своевидно финале на уште една успешна година.
Изложбата се одржа во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола, еден извонреден изложбен простор, кој дише со префинетост и елеганција.
Токму затоа го избрав, бидејќи почувствував дека тука одлично ќе се вклопат делата кои се дел од мојот циклус на тема Емоции.
Темата на изложбата е Фигурации, претставена со 18 скулптури, изработени во мермер и во бронза. Со овој избор на скулптури, прикажана е женската фигураво различни емотивни движења, заедно со избор од неколку женски фигурации од новиот циклусна кој работам, кој повторно е поврзан со емоциите, а го нареков Емотивни патувања, кој во целост е планиран да биде презентиран следната година, на повеќето самостојни изложби кои ги планирам.
Од изложбата имам исклучителни, позитивни импресии од причина што не само што добив позитивни критики од познавачи на уметноста, особено во врска со синергијата на скуптурите и просторот, туку и од целиот настан, кој беше одлично организиран од Културно-информативниот центар во Битола и поддржан од Министерството за култура.
Уште повеќе ме воодушеви големата посетеност на изложбата. Присутни беа колеги-уметници, но уште повеќе, бројни љубители на уметноста од сите возрасти, што уште еднаш ми ја потврди големата почит што битолчани ја имаат кон ликовниот израз и уметноста, воопшто. На мое лично задоволство, имаше публика од Прилеп, и од Скопје, луѓе кои дојдоа специјално за отворањето на изложбата.
МАРИЛИ: Кои се вашите најзначајни настани и гостувања кои ја одбележаа оваа година?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Оваа година, како и претходните, мојата творечката работа не намали со интензитет, а еднакво и ликовните претставувања.
Имав неколку домашни и меѓународни претставувања на групни изложби, а неодамна, и поставување на монументална скулптура во центарот на Штип, мојот роден град, за што имам посебни емоции.
Од групните изложби, би ги издвоил групната изложба „Зимски салон“организирана од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), на која беа претставени одлични ликовни дела од македонски ликовни уметници во националната галерија Чифте амам, потоа претставувањето на Шестото меѓународно биенале на акт „Марко Крстов Греговиќ“ во Петровац, Р. Црна Гора во организација на Музеј и галерија - Будва, каде пред неколку години освоив „Гран при“ и прва награда за скулптура.
Тука ќе го спомнам и учеството на Фестивалот на светлината, „Zasjače palace“во Котор, Р. Црна Гора, како еден необичен формат на изложување на уметнични дела, каде уметнички фотографии на делата се претставуваат на средновековните фасади на градбите во центарот на Котор. Се претставив и на меѓународната групна изложба организирана од Културен центар од Нови Сад и комплексот Краљеви Чардаци во Копаоник, Србија.
Претставувањето на групната меѓународна изложба под наслов „Beyond borders“ во Европскиот музеј на модерна уметност во Барселона, Шпанија беше исто така извонредно изненадување и убаво искуство, поради строгата селекција на дела од европски уметници, меѓу кои беше и мојата скулптура. Во галеријата Victor Gallery во Њујорк, оваа година исто така беа изложени мои скулптури.