Редовна есенска средба на Марили Бизнис Клуб на 4-ти октомври
Марили Бизнис Клуб (МБК) ја организира редовната есенска средба на Клубот, каде ќе бидат промовирани новите членки, а се дел од лауреатките прогласени на овогодишната 28-ма по ред, манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“, во организација на маркетинг агенцијата „Марили“, а ќе биде промовирана и една почесна членка.
Средбата ќе се одржи на 4-ти октомври (петок), во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСРМ).
На средбата ќе се дискутира за реализираните активности, за идните планови на МБК, како и за сите други проекти кои маркетинг агенцијата „Марили“ ги планира за 2025 година.
Покрај лауреатките, на средбата ќе присуствуваат и менаџерки од Р. Хрватска и Р. Србија.
ИСТОРИЈАТ ЗА МБК – ЦЕЛИ, МИСИЈА И ВИЗИЈА
МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ (МБК) официјално постои од 7 декември 2016 година и оттогаш успешно работи на континуирана соработка и вмрежување на жените менаџери – членки на клубот. Во него членуваат жени менаџери што биле дел од изборите за најуспешни жени менаџери кои ги спроведуваше агенција „Марили“ во изминатите 28 години, а има и почесни членки. Клубот има свои симболи, заштитно лого, значка и клуб-картичка за секоја членка.
МБК е формиран со цел да ги обедини најуспешните жени менаџери што биле дел од проектот на агенција „Марили“ – „Избор на најуспешни жени менаџери“ и да овозможи нивна подобра комуникација, соработка и размена на идеи и искуства.
Идејата наиде на големо одобрување и желба позитивната енергија што ја носат овие жени во себе да ја споделуваат не само за бизнис проекти, туку и за проекти од општо општествено значење и да бидат гласот на жената во општеството за нејзините севкупни права, а особено за нејзините лидерски позиции во бизнис заедницата. За членките на МБК многу важен аспект е хуманоста.
Клубот досега спровел четири хуманитарни донации, а минатата година клубот донираше апарат „Афијас -6“ и тестови за истиот во Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“. Апаратот на МБК го остапи нашата членка Наташа Паунова Блажевска од „Л&Н&Т Диагностик“, додека пак средставта за тестовите беа обезбедени од членките на клубот.
МБК брои над 170 членки, а од пред три години во него се вклучени и жените менаџери што биле дел од изминатите три манифестации кои имаа регионален карактер, па дел од МБК се и менаџерки од Р.Хрватска, Р.Србија, Р. Црна Гора и Р. Косово. Целта беше да се овозможи заемна поддршка и соработка особено во услови на повеќеслојни кризи, водејќи се од мотото „Заедно сме посилни“, но излегувајќи од границите на нашата земја, што беше и една од целите на овој Клуб уште при неговото формирање.
Во рамки на средбите на МБК досега се одржани бројни едукации, хуманитарни акции, разменувани се искуства и идеи, а во услови на пандемиска, економски и енергетска криза овозможена е зголемена соработка и заемно помагање за надминување на тешкиот период. Сето тоа со посредство на агенција „Марили“ која ги споделуваше информациите на сите членки.
Мисијата на Клубот се продлабочуваше постојано и во текот на овие изминати седум години ги надмина првично поставените цели. Денес МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ ги третира најзначајните бизнис теми поставувајќи ги на високо општествено ниво, преку проектот „Марили Бизнис Форум“ кој е регионален и има за цел да даде одговори на многу економски состојби.
Жените менаџери, лидери и претприемачи се значајно јадро на македонската економија, а нивните искуства, практики и сознанија даваат витални идеи за надминување на актуелните состојби.
Тие се креатори на општествената реалност и пример за младите генерации за тоа како се чекори по трнливиот пат на успехот. Овие жени даваат поттик не само во борбата за женски права, родова рамноправност во општеството и во бизнис секторот, туку и за извојување на битките со кои се соочуваат младите генерации.
Агенција „Марили“ преку МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ ќе продолжи да биде мост за заемно помагање и комуницирање меѓу своите членки, борејќи за подигање на колективната свест за улогата на жената во општеството, особено како менаџер, претприемач и лидер.
Статијата е прочитана 158 пати.