„АСП Консалтинг“ – Сметководството со сите предизвици и решенија, услов за развој на економијата
Интервју со Ангела Јолакоска, косопственик и менаџер во „АСП Консалтинг“ од Охрид, во кое говори за развојот на сметководствениот бизнис, предизвиците со кои се соочува, какви решенија нуди. Јолакоска дава одговори на повеќе прашања, меѓу кои како компанијата го следи технолошкиот развој, какви се очекувањата на клиентите и што се очекува од квалификуваниот кадар... Ангела Јолакоска е минатогодишна лауреaтка. Таа е една од наградените менаџерки кои беа прогласени на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ во 2023 година.
МАРИЛИ: Која е улогата на „АСП Консалтинг“ во современото финансиско работење? Колку и како се развива сметководството како професија и кон што се стреми?
ЈОЛАКОСКА: АСП Консалтинг е фирма ќерка на АСП ПАК Охрид, плод на инвестиција на полето на управувачко сметководство и е специјализирана за сметководство, правен и даночен консалтинг. Во неа се здруживме и како сопственици, а со цел да придонесеме во управувачките процеси во АСП ПАК, но и пропратните бизниси на сопствениците, кои се особено важни за менаџирање со средствата во целина. Услугата што ја нудиме опфаќа сметководствени работи, контролинг, финансиско известување во согласност со меѓународните стандарди и даночната регулатива во Македонија, консултантски услуги, проектно менаџирање, планирање на бизнисот и, инвестициите, работи со фондови и тн.
Очекувањата на клиентот, се наш императив, а сето тоа бара систематичност и комплетна посветеност. Сакаме и мислам дека успеваме да се издвоиме со квалитетот кој го нудиме. Ние градиме бренд, ја разбираме вредноста на тоа, а целиме тој бренд да е онаков каков што има и нашата матична компанија АСП ПАК. Нашите информации велат дека веќе сме изградиле препознатливост и се издвојуваме од околината. Знаеме кои ни се целите и колку е важно една сериозна компанија да види во нас квалитетен партнер во бизнисот.
Улогата на сметководителите ги надмина традиционалните граници на финансиското известување и даночната усогласеност. Во денешниот меѓусебно поврзан и дигитализиран свет, од нив се очекува да бидат советници, стратези и технолози, склопени во едно. Повеќеслојната природа на професијата во 2024 година бара не само длабоко разбирање на регулативите и бројките за известување, туку и остар увид во тоа како овие бројки можат да ја поттикнат деловната стратегија во сè покомплексен и нестабилен свет.
Како што напредуваме низ годините, па и во оваа 2024 година, сметководствениот сектор во светот се развива побрзо од кога било досега. Оваа динамична средина, обликувана од технолошките иновации, регулаторните промени и променливите барања на пазарот, претставува уникатен сет на предизвици за сметководствените бизниси. Во услови на загриженост за инфлацијата, зголемените каматни стапки и потенцијалната претстојна рецесија, финансиските лидери ја завршија 2023 година со внимателен и измерен оптимизам за раст на бизнисот.
Подготовката и спремноста да се изнајде решение, во секоја работа е клучна, ако бизнисите сакаат да напредуваат. Треба да се има во предвид дека предизвиците и проблемите на кои тука ќе се осврнам, не се само минливи пречки, туку клучни фактори кои ќе ја одредат идната траекторија на сметководствената професија, а со самото тоа и на сите бизниси воопшто.
МАРИЛИ: Како се прилагодува „АСП Консалтинг“ кон технолошкиот напредок, автоматизацијата и вештачката интелигенција?
ЈОЛАКОСКА: Брзата еволуција на технологијата претставува можност и предизвик за сметководствените фирми. Напредокот во софтверот и вештачката интелигенција нуди потенцијал за зголемена ефикасност и прецизност, но тој исто така бара од фирмите да останат во тек со новите алатки и да инвестираат во постојана обука на кадарот. Предизвикот не лежи само во финансискиот аспект на овие инвестиции, туку и во нивно беспрекорно интегрирање во постоечките работни текови, заради што, се инвестира во технологија која е усогласена со специфичните потреби на компаниите. Вештачката интелегенција е работа во тек, што треба внимателно да се набљудува, како потенцијална алатка за менување на обемот на работа и зголемување на ефикасноста. Нејзината имплементација се тестира, за да се реши недостигот од работна сила и да се автоматизира интензивноста на таа работна сила.
Тука ќе напоменам дека, со зголеменото потпирање на дигиталните платформи, сајбер безбедноста стана главна грижа за сметководствените бизниси. Чувствителноста на финансиските податоци, бара од нас обученост и спроведување на ред заштитни мерки, за да се обезбеди сето тоа. Во поново време, со напредокот, работата од далечина нуди флексибилност, но и предизвици во однос на тимската соработка и одржувањето на културата на компанијата. И тука можеме и мораме да се справиме со предизвиците.
Мојот заклучок е дека, иако автоматизацијата нуди ефикасност, од особена важност е да се постигне и одржува деликатната рамнотежа помеѓу искористувањето на технолгијата и личниот допир во работата, нешто што особено го ценат клиентите и е неопходно потребно за успешна работа. Мора да се интегрираме во тие процеси, без да го изгубиме човечкиот елемент. Се залагам за директни и персонализирани интеракции со клиентите, се со цел, да се изградат доверба и трајни односи.
МАРИЛИ: Колку современото финансиско известување е во согласнот со стандардите и барањата во врска со животната средина и социјалното живеење?
ЈОЛАКОСКА: Променливоста на прописите во Сметководствениот сектор бара способност за прилагодување во светски рамки. За жал, во Македонија, воведувањето на сметководствените стандарди задолжително се одвива со доцнење и институционални ограничувања, но нашите напори како компанија секогаш се во насока на задржување на чекорот со оваа и со било каква друга промена. Особено е важно да се напомене и зголемениот фокус на известувањето за животна средина, кое го одразува поширокиот глобален тренд кон одржливи деловни практики. Нашите клиенти мора да бидат усогласени со стандардите и барањата кои постојано се развиваат и ефективно да го контролираат своето влијание врз животната средина и социјалното живеење во целина.
Од пред некоја година, економскиот пејзаж за сите нас стана неизвесен, под влијание на политички промени, промени на глобалниот пазар и последиците од пандемијата. Но, како и во сите други бизниси, ние изнаоѓаме начин, преку информираност и обученост, да се справиме со овие несигурности и да му понудиме на клиентот силни, прилагодливи финансиски совети, што е и цел на современото Управувачко сметководство.
МАРИЛИ: Што се очекува од квалификуваниот кадар во сметководствената професија денес?
ЈОЛАКОСКА: Очекувањата на клиентите во дигитална ера се многу повеќе од традиционалните сметководствени услуги, некогаш. Квалитетните компании бараат советници кои ќе можат да понудат одговори, приспособени совети и сеопфатни решенија за нивните проблеми и уникатни потреби, во различни сектори. Ова подразбира добра упатеност во финансиските прашања, но и во најновите дигитални алатки и платформи.
Со самото тоа, определбата во нашата компанија е работата да се менаџира со помош на квалитетен кадар. Тоа, во сметководствената професија, е грижа број еден и голем предизвик. И тоа е така на светско ниво. Кај нас, ситуацијата е уште по комплексна. Задржувањето на врвни вработени, во услови на зголемени образовни барања, го контролираме со зајакнати и континуирани обуки, секојдневно развивање на вештини и ажурирање со најновите сметководствени практики и стандарди.
Како последица на работните оптоварувања, на кои што современото сметководство е изложено, не ретко се случува да се соочиме со ризикот од значителна исцрпеност и низок работен морал. Не мислам дека тука е клучна само финансиската мотивација.
Со оглед на фактот што рамнотежата наречена работа/живот доби на приоритет, мислам дека успешно и посветено ги менаџираме развојните очекувања на сопствените вработени, на тој начин што се фокусираме на флексибилни работни услови, можности за континуиран професионален развој и негување на позитивна култура на работното место и тоа во секој поглед. Од исклучителна важност е за оваа работа да се формира тим, кој ќе има мотив да работи заедно и тоа најдобро што може и во најпријатна работна атмосфера.
МАРИЛИ: Колку е важно навремено и квалитетно да се одговори на барањата на клиентите?
ЈОЛАКОСКА: Одржувањето чекор со потребите на клиентите е неизбежно.Во услови на управувачко сметководство, ние, како нивни советници, така да речам, не само што мора да сме ажурирани со најновите сметководствени стандарди и практики, туку мора да имаме и суштинско разбирање за специфичните предизвици и можности кои им се нудат на бизнисите на нашите клиенти.
Како тие се развиваат, прилагодуваат на условите на пазарот и напредуваат, така и ние мора посветено, со континуиран професионален развој да го пратиме нивниот напредок.
Понекогаш е потребно да ангажираме и други експерти кои имаат специфични познавања за конкретна работа, бидејќи не секогаш можете да ги имате сите одговори во себе. Сепак, во оваа, како и во било која друга работа, за да ја постигнете целта, секогаш и неизбежно морате да знаете кои прашања и каде треба да ги поставите.
Одговорите на сите можни специфични барања, кои ќе им се понудат на клиентите, мора да се квалитетни и издржани. Последиците од лошо водење на книгите на еден клиент, вредат не само пари, туку и голема одговорност од секаков вид, за нив, а особено за нас.
МАРИЛИ: Колку е клучно клиентите да бидат навремено и прецизно информирани за нивниот готовинскиот тек?
ЈОЛАКОСКА: Секојa компанија сака да знае каде и се средствата, колку и кога може со нив да располага, дали и се сигурни, дали ги има доволно и што може да си дозволи да прави со нив, дали да инвестира и во што.
Сметководствено, сите податоци можат да се видат во билансните позиции, како бројка, но, во економијата, ниедна бројка сама за себе не претставува податок, се дури не се стави во релација со друга, по одреден критериум, во зависност од тоа што сакаме да дознаеме. Суштината е да се пратат парите, паричниот тек. Од него може да се види колку време е потребно тие пари, врзани во форма на средства и обврски, повторно да го добијат својот примарен облик. Прашањето е од особено значење кога се работи во услови на економски потешкотии, кризи и други надворешни ограничувачки фактори. Во тие моменти темата за одржување на ликвидноста е ударна. Во такви услови некои бизниси се повлекуваат и работат на стабилизирање на готовинскиот тек, а некои инвестираат. Сепак, за да се донесе било каква одлука, мора да се следат готовинските извештаи на многу краток временски период.
Само така може да се видат промените и да се даде квалитетна информација, па и да се донесе одлука и испланира иднината на работењето на компанијата.
Не случајно го спомнав овој предизвик. Сметководствените компании едноставно мора да нудат квалитетна услуга, бидејќи истото веќе одамна не е историско известување. Дополнително, во Македонија, плаќањето и наплатата и понатаму се горлив проблем. Во суштина, произлегува дека сигурни се само оние бизниси кои имаат работа со странство. Да се надеваме дека бизнис климата во периодот што следи ќе биде подобрена, било од себе-корекција на самите учесници во неа, било од дополнително регулирање на овие процеси, на ниво на држава.
МАРИЛИ: Со кои предизвици се соочува сметководствениот бизнис изминативе години?
ЈОЛАКОСКА: Справувањето со предизвиците со кои се соочуваат сметководствените бизниси во последниве години се различни и сложени. Сигурно ги има уште многу, за кои немаме време и простор да се осврнеме, но заклучокот е дека компаниите за сметководство, правен и даночен консалтинг, каква што е нашата, мора успешно да се движат во постојано променливите услови. На крајот од денот, надминувањето на овие предизвици и пречки, претставува и можност за раст, развој и иновации во периодот што следи. Прифаќањето на промените, инвестирањето во луѓе и фокусирање на испорака на квалитетна услуга, е придобивка за нас, но и за нашите клиенти. Нашите постоечки, со сигурност тоа ќе го потврдат.
МАРИЛИ: Која е Вашата функција во АСП Консалтинг во однос на менаџирање и сопственост?
ЈОЛАКОСКА: Јас како дел од сопствениците и менаџер на компанијата, во соработка со останатите сопственици на „АСП Консалтинг“, навистина внимаваме при изборот на кадар и со помош на интерни критериуми, ја оценуваме вештината и искуството на кандидатите кои ќе работат за нас и со нас, бидејќи тоа е еден значаен услов за да можеш да одговориш со една комплетна услуга.
Покрај тоа што треба да се избере вистинскиот кандидат за работа, треба постојано да се нуди и можност за развој на тој кадар, негова исполнетост, за што имаме посебен пристап и отвореност и се вложуваме секојдневно, за да на крајот на денот имаме навистина квалитетен тим, што може да одговори на очекувањата.
Ќе признаам дека во современи услови тоа и не е баш толку лесно, колку и да звучи едноставно и ќе кажам дека е клучно, независно од техничко-технолошкиот напредок. Мојата улога и намера и како сопственик и како менаџер е, со еден ваков тим, да понудиме услуга која ќе го помогне финансискиот раст на компаниите, на тој начин што ќе им го покаже патот за правилно менаџирање со ресурсите, врзувањето на средствата, ликвидноста и паричниот тек на кратки и подолги рокови, бидејќи нашите совети треба да го олеснат текот на капиталот, инвестициите и крајно да му овозможат економска експанзија на клиентот.
Се обидуваме да бидеме лидер во областа и финансиски советник на клиентите, а колку во тоа успеваме, сепак е поблагородно да кажат другите за нас. Не случајно ова ко кажувам со доза на скромност, бидејќи лично сметам дека таквиот начин на размислување подразбира можност за постојано подобрување, отвореност, континуитет и допир со реалноста. Само скромните професионалци се лидери во својата област, па ако сакате и големи и успешни и заштитени од стагнација.
МАРИЛИ: Што е она што ја исполнува Ангела Јолакоска вон работното време?
ЈОЛАКОСКА: Поради природата на работата, главно во затворен простор, многу го ценам сопственото слободно време и тоа секогаш е некаде на отворено. На тој начин ги уживам и двете мои пасии. Првата ми е пешачење крај езеро или пак околните планини, а втората е фотографијата.
Среќа е што можам да ги спојам и двете, со оглед на тоа дека живеам во Охрид, а во Охрид е најлесно и наједноставно да го направиш тоа. Градот и Охридско Езеро се непресушен извор на убавини и задоволства, кои можат да го разведрат и најтмурниот ден.
Потекнувам од музичка фамилија на која покрај музиката и уметноста од секој вид секогаш и е во преден план, па сето тоа ми прави убав баланс. Професијата ми е рационална, а уметничките афинитети тоа некако суптилно го ублажуваат и ми даваат елан, повторно да се вратам на практичното и да бидам задоволна па и успешна во тоа што го правам. Среќа е што особено ме релаксира и готвењето, па голем дел од слободното време со љубов готвам за најмилите. За да бидеш успешен, треба и да си среќен. Мојата среќа се моите блиски луѓе, а љубовта што ми ја даваат, ми дава стабилност, сила, верба во себе и способност цврсто да стојам на нозе.
Со еден збор, семејниот статус ми е љубов, во скоро сите облици. Како ќерка, сестра, тетка, партнерка. Не е тајна дека ние жените сме особено зависни од љубов, а јас не сум исклучок.
Статијата е прочитана 1235 пати.