Успехот на жената најпрво е во балансот во себе, а потоа и на секое друго поле
Интервју со м-р Клаудија Лутовска, генерален менаџер на „СЕТТИМ Консалтинг“ Битола (Скопје), компанија составена од висококвалификуван тим, којшто се занимава со координирање и развивање инвестиции и на инвеститорите им сугерира соодветна финансиска поддршка во форма на неповратни средства или кредити. СЕТТИМ Консалтинг беше препознен како финансиски фасилитатор во рамки на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем (2017-2022), а од август 2023 година е дел од Финансиската платформа 3.0 на Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст.
М-р Лутовска е дел од овогодишните најуспешни жени менаџери, прогласени од агенција „Марили“ на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“. Лутовска е ведра и оптимистична, секогаш насмеана, со убав збор за сите, секогаш подготвена да најде решение и во најтешките моменти.
МАРИЛИ: Од кога постои „Сеттим Консалтинг“ и со кои дејности се занимава?
М-Р ЛУТОВСКА: Сеттим Консалтинг е женска компанија што опстојува 11 години. Претходник на СЕТТИМ беше Асоцијацијата на професионалци СЕМАК, која постои 21 година. Тимот на СЕТТИМ е создаден од вработени и ангажирани лица со висока квалификација.
Наша работа е да координираме и да развиваме инвестиции и на инвеститорите да им сугерираме соодветна финансиска поддршка во форма на неповратни средства или кредити. СЕТТИМ Консалтинг беше препознен како финансиски фасилитатор во рамки на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем (2017-2022),а од август 2023 година сме дел од Финансиската платформа 3.0 на Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст, која има цел да го олесни пристапот до финансии и да го зголеми инвестицискиот потенцијал на приватниот сектор.
Имаме успешност во реализацијата на инвестиции поддржани од: Владата во делот на капитални инвестиции; ИПА Рурален развој; Фонд за иновации и технолошки развој; но и директни инвестиции од странски инвеститори. Сме работеле со компании од ОАЕ, САД, Бугарија, Белгија, Швајцарија, Холандија, Данска, Канада. Успеавме како наш бизнис- партнер да го донесеме и фармацевтскиот инженеринг од Португалија, од Лисабон, Степсајанс (STEPSCIENCE).
Првпат на Балканот имаме тело според ЕУ-квалификации за имплементација на системски стандарди во областа на фармацевтското производство - индустријата, но и за медицински канабис.
МАРИЛИ: Колку нашите компании се успешни во подготовката на апликации за програмите ИПА/ИПАРД и зошто домашните компании слабо ги користат европските развојни фондови? Каква е заинтересираноста на македонските компании за инвестирање во земјите од регионот? Кои погодности им ги нуди нашата држава на странските инвеститори?
М-Р ЛУТОВСКА: Македонското стопанство успешно ги консумираше финансиските средства од ИПА-РД во петгодишната програма 2014-2020 година или дури 96 %. Со тоа нашата држава се стекна со значајно поголем буџет. Од можните 60 милиони евра алоциран ЕУ-буџет во тој период, во новата петгодишна програма ИПА-РД на располагање за македонските компании се 120 милиони евра со тенденција, доколку се искористат, да се одобрат уште финансии од Европа. Со стекнувањето бизнис-култура да се ангажираат консултанти и да им се довери обврската на професионалци, успехот стана неминовен.
Македонското стопанство го следи трендот на трансформација и транзиција. Следењето на Европскиот зелен план дава можност за менување на добрите практики од минатото, кон брз технолошки напредок, а со тоа и излегување на глобалниот пазар. Македонските компании имаат култура за докапитализација, спојување, излегување на берза, привлекување партнери-инвеститори, заедничко настапување на странски пазари, вклучување на бизнис-ангели и кредитни линии и расте културата за ангажирање надворешни соработници и користење експертиза.
Со отворањето на сите можности на Отворен Балкан, расте и желбата за инвестиции во регионот, тоа е стара и добра практика и од минатото, но со отворањето на бенефициите за компаниите во рамките на Отворен Балкан расте и интересот и се интензивираат иницијативите за инвестиции во регионот и обратно, компании од регионот да инвестираат во Македонија. Со цел катализирање на инвестициите во држави како Македонија, ЕУ создаде механизам за интернационализација на европските компании, кои имаат обезбедена поддршка за инвестирање во трети држави што не се членки на ЕУ, како што сме ние.
Ова е момент што треба да го искористиме, да ги детектираме и користиме можностите. Нашите компании да бидат уредни и подготвени за овој предизвик, за влегување во заеднички капитал и заеднички настапи на глобалниот пазар со европска компанија. Нашата држава нуди многу погодности во согласност со Законот за финансиска владина поддршка, кој се реализира преку зоните ТИРЗ и Агенцијата за инвестиции во Македонија.
Различни механизми за финансиска помош за развој, вработувања, технологии, стандарди, капитални инвестиции, набавки од македонски набавувачи, стратегиско партнерство, европски финансиски програми за поддршка за интернационализација, а воедно и соработката со САД (билатерaлниот договор од 1995 година ги осигурува инвестициите во Македонија). Нашите комерцијални банки, Развојната банка, како и ЕБОР и ЕИБ, и финансиските институции даваат максимална поддршка и развиваат нови инструменти што им овозможуваат на инвеститорите да се чувствуваат безбедно.
ЛУТОВСКА: Според Вашето мислење, што е пресудно за напредокот на жената во кариерата? Дали тоа е образованието, личните карактеристики, поддршката од тимот и семејството или, пак, нешто друго?
М-Р ЛУТОВСКА: Жената е емотивна, кршлива, сензуална по самата природа и, како таква, се очекува да биде поддршка, а не лидер.
Во зависност од ситуацијата во бизнисот каде што таа се наоѓа, многу е важно како ќе ги вклопи овие карактеристики. Да остане жена, а да биде и успешна. За знаењето секогаш имам приоритет, исто така, за развивањето вештини „да сакаат да те слушаат“ другите, тоа значи да се поседува и чувство за дипломатски, тактички пристап и да се има искуство. Зад секоја успешна жена постои гарда добри луѓе, мажи и жени, чија наклонетост е заслужена, постои добар маж, кој ги добил нејзината душа и наклонетост, а со неговата свесност, таа нејзина посветеност, тој ѝ вратил со поддршка.
Постои разбирање со децата, со кои мора да биде мајка, потоа пријател, а нејзиниот успех да им претставува пример и семејна заедничка гордост. Жената, за разлика од мажот, мора да пронајде баланс меѓу професионалниот, приватниот и социјалниот живот, а за да го постигне тој баланс потребно е, пред сѐ, да воспостави баланс во сама себе.
МАРИЛИ: Како ведра жена полна со оптимизам, кажете ни од каде доаѓаат Вашата позитивна мисла и ентузијазам? Која е Вашата порака до младите, како да ги канализираат својата креативност и енергија и да бидат успешни на домашна територија?
М-Р ЛУТОВСКА: Јас важам за „насмеаната“, за жена што секогаш има убав збор за сѐ, за жена што наоѓа решение и во најтешките моменти. Нема друг одговор, освен дека тоа е една голема љубов и верба во животот. Сум го разбрала и сфатила животот како награда, себеси сум се доживеала како почестена да се родам и да бидам дел од ова време во оваа Македонија. Многу го сакам животот, ги сакам и луѓето, сакам кога сите сме среќни и заедно успеваме. Убедена сум дека е ова вистинскиот концепт за добар и среќен живот. Секако дека има и моменти, а и луѓе со кои не делиме исти ставови и се разминуваме. А тоа воопшто не е лошо. На оваа планета има место за сите, со сите наши концепти на убедување и добро е да сме различни. Многу често велам сите ние сме исти, но не се исти нашите (зло)дела, а по тоа нѐ препознаваат, по тоа ни судат и по тоа нѐ почитуваат. Македонија е ветена земја и ако така ја доживеете и овде ќе создавате.
И во Македонија сѐ е можно, но повеќето бараат „милостина“ наспроти „можности“. Младите сакаат веднаш да станат успешни, веднаш да бидат богати. Такви дури и не се раѓаме, дури и во кралските семејства децата мора да учат, да се вложува во нив за да станат добри лидери на тоа кралско семејство. Не постои предодреден успех без сопствен напор, вложувања, себеизградување.
Пораката до младите е следна, кога сте деца сѐ е интересно за повозрасниот и за сѐ има оправдување под заштитната порака „дете е“, но не дозволувајте предолго да останете „дете“. Созревањето, сериозноста, професионалноста се димензии во кои треба да се вложува. Вие до 16 години се осознавате себеси, околината, општеството. Но од таа возраст почнувате да ја пишувате сопствената историја, која на триесеттина години ќе ве пречека со вашата судбина.
Што сакам да кажам - ако младиот човек направи визија и план за себе и постави сопствени нормативи (чесен, вреден, мудар, професионалец) да се развива со максимални вложувања, а притоа е космополит, за него секогаш ќе има светла иднина. За оние што подоцна ќе тргнат по тој пат, подоцна ќе имаат успех. Оние што ќе застранат, кои за себе ќе стекнат туѓи заслуги, не остануваат скриени, лажните победи секогаш се осудени на порази. Има една стара мудрост што вели: „Што избираш, да се мачиш кога си млад или кога си стар?“ Поенатата е ако вложуваш чекор по чекор во младоста, стануваш со длабока и комотна старост, но ако некои лажни успеси дојдат со лесно, твојата старост ќе ја направат немирна.
Статијата е прочитана 780 пати.