ПЗУ Аптека „Сара Фарм“ - 20 години посветеност и грижа за здравјето на граѓаните
Интервју со Весна Ставрова, генерален менаџер на ПЗУ Аптека „Сара фарм“ Скопје, дипломиран фармацевт и специјалист по фармакоинформатика и претседателка на Фармацевтската комора. Фарм.спец. Ставрова говори за дведеценискиот континуиран успех и раст на „Сара фарм“ од една аптека до шест организациони единици, за подобрување на услугите во аптеките и грижата за граѓаните. Ставрова веќе две години е претседателка на Фармацевтската комора, каде заедно со останатите членови успеа да издејствува неколку позитивни промени. Приватно е сопруга и мајка на два сина, а за неа среќа е кога гледа дека нејзините деца пораснале во добри луѓе.
МАРИЛИ: Годинава прославувате 20-годишен јубилеј. Какви беа почетоците и со што располагате денес?
ФАРМ. СПЕЦ. СТАВРОВА: Најпрво, сакам да им се заблагодарам на сите мои колеги и колешки за довербата што ми ја дадоа да бидам дел од манифестацијата „Избор на најуспешни менаџери“.
Огромна е честа што ми ја укажавте, им благодарам на госпоѓа Лидија и на цела организација што сите овие години нѐ препознавате нас, успешните жени.
Подолг период од работниот век сум во приватниот сектор. Пред да почнам да ги раководам моите аптеки, осум години работев во ЈЗУ „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, популарната Студентска поликлиника, каде што се стекнав со огромно искуство што и понатаму им го пренесувам на моите вработени, колеги и соработници. Се збогатив со искуство не само од областа на фармацијата, туку и со искуство како човек што треба да се соочи со сите предизвици и тешкотии што ги носи животот. Јас сум дипломиран фармацевт, специјалист по фармакоинформатика.
Сопственик сум на приватна аптека со шест (6) организациони единици, а од пред две години сум и претседател на Фармацевтската комора.
Од 2004 година се спроведува реформа на примарната здравствена заштита. Со нејзината трансформација од јавниот во приватниот сектор, мојата аптека беше меѓу првите, а јас сум меѓу првите фармацевти што преминаа од ЈЗУ во ПЗУ. Овој проект ми беше нов предизвик. Со задоволство почнавме со една аптека и во текот на следните две-три години со работа стартував и со другите организациони единици.
Почнавме со двајца вработени, а сега веќе сме 25 вработени од кои поголем дел се дипломирани фармацевти, а мал дел се фармацевтски техничари со многу големо искуство во областа на фармацијата. Вработените се најважен ресурс во секоја компанија и токму затоа правилната стратегија за успешно управување и личен и професионален развој на кадарот е есенцијален за секоја компанија. ПЗУ Аптека Сара фарм е компанија што за 20 години постигна многу благодарение на тимот, посветеноста и ентузијазмот на сите нас, сите достигнувања и нашите задоволни пациенти. Со нашиот професионален пристап кон пациентите и со нашата пожртвуваност се трудиме да ја подобриме фармацевтската дејност. Улогата на фармацевтот во давањето фармацевтска здравствена заштита има посебна специфичност. Филозофијата на фармацевтите е прв фармацевтски интерес да биде благосостојба на пациентите.
МАРИЛИ: Веќе две години сте претседателка на Фармацевтската комора и вложивте многу труд и енергија за многубројните позитивни промени што се случија. Кажете ни за какви промени станува збор?
ФАРМ. СПЕЦ. СТАВРОВА: Јас сум прв претседател на Фармацевтската комора што доаѓа од базата, односно од аптека, каде што секојдневно се соочуваме со проблемите на пациентите и со функционирањето на институциите на здравствениот систем.
Ќе го ставам на располагање сето мое искуство како професионалец што речиси целиот работен век го поминал во аптека, добро познавајќи ги сите проблеми со кои се соочуваат фармацевтите и пациентите.
Фармацевтската комора е професионална асоцијација на фармацевтите во државата и има околу 3.500 члена. Овозможуваме активна улога и положба на фармацевтите во остварувањето на дејноста.
Проширувањето на листата на здравствени услуги од самиот старт ми беше приоритет за да можат пациентите да имаат придобивки од неа. Би сакала тие услуги, како и во другите здравствени системи на повеќе земји, така и кај нас, да бидат нормативно уредени.
На тој начин придобивката од спроведувањето на тие активности содржани во овој проект ќе биде огромна не само за пациентите туку и за целиот здравствен систем во нашата држава.
Така и ние фармацевтите би се издигнале како здравствени работници во примарната здравствена заштита затоа што ние, со нашите совети кон пациентите што се од непроценливо значење, секогаш го избираме најдоброто решение и даваме максимална фармацевтска грижа.
МАРИЛИ: Кон што се стреми „Сара фарм“ и која е визијата по 20-годишниот јубилеј? Кои се приоритетите и целите на компанијата?
ФАРМ. СПЕЦ. СТАВРОВА: Стратегиската цел на аптекарската практика е подобрување на квалитетот на услугата и задоволството на корисниците на таа услуги.
Наш приоритет и понатаму е да им го пренесуваме нашето искуство на идните генерации. Да придонесуваме и во докажувањето дека фармацијата е здравствена дејност и е во системот на здравствена заштита.
Една од тајните на успешноста на дведецениската приказна се темели врз квалитетот на човечкиот потенцијал и, пред сѐ, на луѓето.
МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно за напредокот на жената во кариерата? Дали тоа е образованието, личните карактеристики, поддршката од тимот и семејството или, пак, нешто друго?
ФАРМ. СПЕЦ. СТАВРОВА: Сметам дека се битни сите три работи, не може едно без друго. Личните карактеристики ги ставам на прво место. Најважно е да имаме одговор на прашањето: „Која е целта и што сакаме да ја постигнеме?“
Потребно е многу трпение за да се издржат неминовните тешкотии. Секогаш дејствувам во насока да има што помалку недоразбирања и повеќе почит и поддршка помеѓу нас.
Треба да го сакаш тоа што го правиш, а работата и грижата за пациентите да ти се приоритет.
МАРИЛИ: Која е Весна Ставрова приватно? Што ја исполнува и релаксира во слободното време?
ФАРМ. СПЕЦ. СТАВРОВА: Приватно, Весна Ставрова е сопруга и мајка на два сина. Горда сум на моите деца и за мене децата се најголемо богатство. Тоа е смислата на животот. За мене среќа е кога ќе видиш дека сопствените деца станале добри луѓе.
Во слободно време практикувам прошетки во природа. Секојдневно пешачам и практикувам да го исполнам барем минимумот што се препорачува за одржување на физичкото и менталното здравје.
Сакам да се дружам со пријателите, да патувам и да откривам нови дестинации.
Статијата е прочитана 1667 пати.