„Семос Едукација“– Водечки ИТ тренинг центар во светски рамки
Интервју со Валентина Тасева, сопственичка и генерален менаџер на „Семос Едукација“, еден од водечките ИТ тренинг центри на глобално ниво. Тасева во интервјуто говори за речиси тридецениската успешна работа на компанијата, најновата интернационална награда LLPA Member of the Year за 2023 со која се стекна на LLPA самитот во Мексико, за идните планови на „Семос Едукација“, како и за развојот на женското менаџерство наспроти женското претприемаштво. Тасева „полни батерии“ кога трча трки и кога оди на играорна, активности кои и биле неостварена желба, а за кои е среќна дека успева да најде време...
МАРИЛИ: Г-ѓа Тасева, непосреден повод за интервјуто е вашето најново глобално достигнување. „Семос Едукација“ се стекна со интернационално признание на глобалниот LLPA самит кој се одржа во Канкун, Мексико и ја доби наградата LLPA Member of the Year за 2023! За какво признание конретно се работи и што претставува истото за Вашата компанија?
ТАСЕВА: LLPA (Leading Learning Partners Organization) e асоцијација на 33 ИТ тренинг центри, распространети низ 55 држави. Зачетоците на ЛЛПА датираат од 2009 година, но Асоцијацијата официјално беше регистрирана во 2013 година. Во неа членуваат најголемите ИТ тренинг центри од различни држави, при што секој од нив се одликува со извонредност и уникатност во својата територија, изразени преку соработка со многубројни вендори и огромен број на слушатели.
„Семос Едукација“ е една од основачите на ЛЛПА, застапувајќи 5 земји од регионот: Македонија, Србија, Албанија, Косово и Црна Гора.
Годинава ја добивме оваа награда, благодарение на нашата сериозна вклученост во низа активности низ целата година. Ние во рамките на ЛЛПА први започнавме со обуки за вештачка интелигенција (AI). Понатаму, инициравме и спроведовме глобално шестмесечно истражување за иднината на ИТ тренинг индустријата, земајќи ги предвид сите промени кои настануваат глобално во пост ковид времињата.
И на крај, станавме најголем тренинг центар во Југоисточна Европа за спроведување на професионални Микрософт обуки.
Значи, активностите на „Семос Едукација“ во изминатата година не беа локални, ниту регионални, туку глобални, вклучувајќи истовремено осврт кон најновите технологии како што се вештачката интелигенција и најновите технологии на Микрософт.
Сето ова беше препознаено од страна на останатите членки на ЛЛПА, кои нѝ го доделија признанието LLPA Member of the Year 2023 – значи најдобар меѓу најдобрите во 55 земји.
Оваа награда за нас носи многу возбуда и голема чест.
МАРИЛИ: Во Мексико се стекнавте и со нова титула. Вие сте нов член на бордот на директори на LLPA, изгласан едногласно. Што преставува ова признание за Вас?
ТАСЕВА: Јас сум длабоко инволвирана во ИТ образованието во изминатите скоро 30 години. Ја познавам индустријата на многу нивоа, почнувајќи од ИТ образованието за најмладите и во рамки на училиштата, па сѐ до технолошки најнапредна дообука на ИТ професионалците и сите други вработени.
Долги години соработувам со вендорите, лично познавам многу луѓе низ светот кои оставаат свој печат во ИТ образованието како индустрија глобално. Сето ова, се надевам дека ќе ми овозможи да дадам свој сериозен придонес кон трендовите во индустријата, но и кон позитивното работење на членките на ЛЛПА. Истовремено, ова значи и голема одговорност, видливост, дополнителна интензивна работа. Бордот се состанува доста често, што значи дека обврските се зголемуваат, но возбудлив е фактот дека можностите за глобален импакт сега се отворени.
Морам да споделам со вашите читатели дека не верував дека е можно Mакедонка да биде избрана во Борд. Очигледно, некогаш самите ние ја имаме свеста, а со тоа и ограничувањето дека не можеме да успееме, доколку и понатаму живееме и работиме тука.
Се надевам дека ова интервју ќе биде поттик за многу други луѓе да се стремат кон светските позиции и стандарди, секој во својата екпертиза и знаење.
МАРИЛИ: „Семос Едукација“ неодамна прослави 28 години постоење. По речиси тридецениското успешно работење, можете ли да посочите кои се клучните елементи за успех?
ТАСЕВА: Успехот е сложувалка од низа работи. Тука спаѓаат секојдневното интензивно и паметно работење, континуирана почит кон сите соработници, партнери, слушатели, клиенти, добар тим.
Континуираната едукација за нас како тим на „Семос Едукација“ е секојдневие и обврска, во неколку области, од кои најзначајни се знаењата од технологиите, менаџмент и бизнис практиките.
Визијата за тоа каде сакаме да биде „Семос Едукација“, внатрешната јасна структура, вработените и колегите кои се извонреден тим, се исто така дел од сложувалката. И на крај, дигиталната трансформација низ која поминуваме континуирано, со фокус на Одделот за анализа на податоци, кој нѝ ги подготвува сите податоци од продажба, финансии, маркетинг кампањи. Сите одлуки кои се донесени во „Семос Едукација“, од 2020 година наваму, се темелат на бројките кои ги добиваме преку Одделот за анализа на податоци.
За нотирање е и фактот дека сѐ повеќе компании во нашата земја ја бараат оваа услуга од нас, да помогнеме во воспоставување на систем на известување базиран на податоци од продажба, финансии, маркетинг или пак човечки ресурси.
МАРИЛИ: „Семос Едукација“ организира караван на знаење низ серија бесплатни предавања низ државата. За каков проект станува збор, кои се мотивите за истиот и колку е успешен?
ТАСЕВА: Идејата која стои зад караванот на знаење е запознавање на македонските жители со најновите ИТ професии и трендови. Разговарајќи со слушателите, осознавме дека во внатрешноста на Македонија, не секогаш има доволно знаење за тоа што значи да се биде дел од модерните ИТ технологии, кои се бенефитите, какви се трендовите, кои се можностите да се работи од било каде, за било која компанија која се наоѓа било каде.
Една од целите на караванот е и зголемување на свесноста за потребата од ИТ едукација и сериозни ИТ вештини кај најмладите, учениците во основното и средото образование.
Караванот на знаење започна да се движи во ноември, ги посетивме Охрид и Струмица, а ќе продолжи и во следните месеци.
МАРИЛИ: Кои се плановите на „Семос Едукација“ за 2024 година?
ТАСЕВА: Семос Едукација во периодот ноември – декември секоја година, работи на изработка на бизнис план, кој набргу ќе биде преточен во дашборд и мерењето на сите резултати ќе започне на 1-ви јануари.
Плановите за следната година се:
Да ја зголемиме препознатливоста на брендот регионално, во земјите на Западен Балкан, но и да го зголемиме интернационалното присуството преку партнерство со членките на ЛЛПА. Ставаме фокус на зголемување на продажбата, преку користењето на дигитални алатки како ЦРМ (Customer Relations Management) софтвер и вештачка интелигенција (AI).
Внатрешниот фокус е постигнување на јаснотија во интерната структура, правилата и процесите на однесување во фирмата, описите на работни места, сето тоа преку Одделот за човечки ресурси и Одделот за контрола на квалитет.
И на крај, годинава ќе биде посветена на новите технологии и соработката со вендорите, особно вештачката интелигенција која ја промовираат Микрософт и CertNexus, но секако и останатите вендори.
МАРИЛИ: Женското менаџерство е позастапено од женското претприемаштво? Според Вас, како успешна жена менаџер но и претприемач, која е главната препрека што женското претприемаштво побавно напредува од женското менаџерство?
ТАСЕВА: Претприемништвото е нешто што извира во мене, а менаџментот го учев во изминатите 25 години и сѐ уште го учам. Карактеристика за менаџерот мора да биде знаењето на сите области од менаџментот, бизнисот и индустријата во која се наоѓа фирмата што тој ја води.
За да си претприемач, треба пред сѐ да го сакаш тоа што го правиш, да си кративен, иновативен, неуморен, да не ти е досадно и бизнисот да ти е приоритет, да размислуваш постојано и да се грижиш за тоа што го создаваш.
МАРИЛИ: Како успешна бизнис жена која постојано е во движење и на службени патувања, која е Вашата порака до современата жена како физички и ментално да го одржува своето здравје?
ТАСЕВА: Физичкото и менталното здравје се длабоко поврзани меѓу себе. Не е можно едното без другото. Веќе не важи само пораката „во здраво тело, здрав дух”, туку важи и обратната, „во здрав дух има и здраво тело”. Јас започнав да трчам трки, но и да одам на играорна.
Двете активности ми беа неостварена желба и се гордеам самата со себе што успевам да најдам време за нив.
Тука мора да се споменат и семејството и пријателите, со кои се споделува и позитивната енергија. Лидија и Марили не се само соработници, туку и долгогодишни пријатели и тим за почит.
Статијата е прочитана 1175 пати.