„Вита Нова“ –  Авангарда во јакнењето на свеста за консумирање здрава храна

Интервју со д-р Загорка Блажевска, сопственичка и генерален менаџер во „Вита Нова - За Доо“ – Скопје. Д-р Блажевска во интервјуто говори за почетоците и успешниот развој на компанијата која е дистрибутер на суровини, витамини, минерали и други додатоци, со цел производителите да можат да произведат квалитетни и безбедни прехранбени, фармацевтски и козмeтички производи. Како член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), д-р Блажевска учествувала во креирањето на законот за донација на храна, во соработка со релевантните министерства. Д-р Блажевска, исто така е експерт за комерцијализација на проекти на ниво на Европска платформа за храна, но и претседател на Здружението на Нутриционисти и диететичари – Нутри Баланс, Скопје. 

МАРИЛИ: „Вита Нова - За Доо“ е компанија во областа на прехранбената индустрија. Од кога постои и со што сѐ се занимава?

Д-Р БЛАЖЕВСКА: „Вита Нова“ започна со работа во 2006 година, каде ја отворивме првата канцеларија во Скопје, со идеја да донесеме квалитетни суровини за производителите на храна, додатоци во храна, како и за производители на фармацевтски производи и козметички производи. За краток временски период, во 2008-ма година, отворивме и канцеларија во Белград, Србија, и започнавме со приказната наречена Вита Нова.

Јас како млада и амбициозна жена имав визија најпрво да бидеме препознаени како регионални, а потоа и глобални дистрибутери на ваков тип суровини, витамини, минерали, и други додатоци, со цел производителите да можат да произведат квалитетни и безбедни готови производи. Во тој период, имаше лимитирана понуда од ваков тип суровини, па начинот на кој „Вита Нова“ го даде својот печат на нашите простор, немаше да биде препознаен доколку немаше поддршка и соработка од светски производители со долгогодишна традиција и експертиза. Наши партнери и производители се светски компании за производство, со преку 100 годишна традиција во производство на суровини, адитиви, минерали, витамини и останати компоненти од Германија, Франција, Шпанија. Денес „Вита Нова“ има партери и соработка со компании и од други земји како што е Полска, Словачка, Бугарија, Индија, Кина и други.

Покрај дистрибуцијата и продажба на суровини, нашата компанија нуди комплетна техничка експертиза со имплементација и поддршка за примената во производство, а резултат на тоа се готови производи кои се безбедни и квалитетни за консумација.

МАРИЛИ: Каква е соработката со компаниите кои произведуваат здрава храна и дали бележи пораст косумирањето на здрава храна во нашето општество?

Д-Р БЛАЖЕВСКА: Имаме одлична соработка со голем број компании од Р.С.Македонија, но и од околните држави, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Понекогаш имаме барања и од производители од Бугарија, Грција, но и други земји.

Нашите консументи имаат висока свест за здравата храна и примена на истата, но и примена на суплементи и додатоци во исхраната кои допринесуваат за подобрување на општата состојба на здравјето.

Сѐ повеќе имаме раст на побарување од производителите од регионот за производи за здрава храна, посебно со додадени витамини, минерали и некои други компоненти.

За поздравување е фактот дека свеста на консументот е на многу повисоко ниво од минатото.

МАРИЛИ: Неодамна бевте на работен престој во НР Кина. Какви се вашите впечатоци и дали имавте можност да посетите некои од капацитетите за производство на здрава храна?

Д-Р БЛАЖЕВСКА: Посетата во НР Кина беше на покана од Националниот Институт за Истражување и развој во Храна и Ферментирани производи, доставена преку Сојузот на стопански комори на Македонија, за покана на експерти од доменот на храната. Семинарот беше организиран на многу високо ниво, а предавањата беа од реноминрани професори, научници и експерти од доменот на  храна и ферментирани индустрии, како и доменот на додатоците во храната. Покрај предавањата имавме посети и во најголемите фабрики во градовите Пекинг, Шангај и Збо од наведените индустрии. Семинарот траеше 21 ден, со интензивна работна агенда дури и за викендите. НР Кина е земја која во изминативе 10 години го докажува својот квалитет во светот и многу успешно го прави тоа.

Мојата експертиза од преку 20 години работа и едукација во овие индустрии, а при тоа и завршувањето на моите докторски студии во доменот на Иновативни технологии во храна и нутриционизам, се надополнија со Националниот институт за Истражување од Кина, и на повидок е потпишување на Меморандум за соработка со овој институт. Со самото тоа имаме можност да соработуваме со најновите достигнувања и истражувања во храната и додатоците во храна меѓу нас како земја од европскиот континент и Кина, од азискиот континент. Ова е од огромно значење не само за иновациите во индустријата, подобрување на технологиите и производството, туку и создавање на здрави генерации и здрава популација. Преку храната и суплементите, во голема мера се влијае на здравјето на генерациите и драго ми е дека јас можам индиректно да дадам свој печат во во сето ова.

МАРИЛИ: Како компанија, што преземате за заштита на животната средина? Исто така, како општествено одговорна компанија, колку ги поддржувате еко-проектите и придонесувате за подигање на еко-свеста во општеството?

Д-Р БЛАЖЕВСКА: Нашата компанија нема сопствено производство, но индиректно можеме да влијаеме на заштита на животната средина, не само како корпоративно одговорна компанија, туку и секој еден од нас треба да има висока свест за заштита на нашата средина. Како член на управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) учествував во креирањето на законот за донација на храна, во соработка со релевантните министерства, Министертво за економија, Министерство за заштита на животна средина, Министерство за труд и социјална политика, Агенцијата за храна и ветеринарство, и соодветни невладини организации, како што е Банката за храна и други. Со овој закон не само што се донесоа предлог мерки за заштита на животната средина, туку се стави во соодветна рамка отпадот од храна и вишок од храна, преку донација на истата кај население  критични групи на лица на кои најмногу им е потребна.

Со самото ова направивме сите засегнати страни, јас како претставник на бизнис заедницата и во соработка со операторите на храна, да ја донираат храната преку невладините организации кај лицата каде е најпотребна. Соработката со релевантните министерства, а посебно Агенцијата за Храна и Ветеринарство, имаа слух, желба и многу трпение да по донесување на овој закон, сите ние влијаеме, не само на животната средина, спречувајќи вишок и отпад од храна, туку и да помогнеме на тие што најмногу им треба.

МАРИЛИ: Како член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија, какви се вашите сознанија за третирањето на био-отпадот кој би придонел за унапредување на развојот на економијата?

Д-Р БЛАЖЕВСКА:  Еко отпад – зелена транзиција, био-отпад се нови и модерни терминологии кои се почесто се спомнуваат, но во принцип се работи за имплементирање на нови технологии од сите сегменти во индустријата кои ќе го намалат загадувањето на нашата планета, а воедно ќе допринесат за подобрување на економијата.

Храната е само мал дел, но многу значаен од овој аспект и јас активно сум вклучена во многу работни групи за креирање на стратегии, мерки и имплементација на истите за едно подобро утре за секој до нас.

МАРИЛИ: Дигитализацијата и автоматизацијата во областа на човечките ресусри се суштински и во прехранбената индустрија. Какви се вашите согледувања за напредокот по ова прашање во конкретната индустрија во државата? Кои конкретни позитивни искуства од НР Кина може да се применат во однос на дигитализацијата и автоматизација во делот на човечки ресурси во прехранбената индустрија?

Д-Р БЛАЖЕВСКА: Во моето досегашно работно искуство, јас и моите колеги, сме имплементирале и соработувале со многу компании од регионот, сме оделе на тренинзи во Германија, Шпанија, Франција кај нашите ино партнери и сме виделе многу високо развиени производства и технологии во доменот на нашата работа.

Одењето во Кина и согледувањето на дигитализацијата и автоматизацијата во применат ана производните процеси не е поразлична и од европскиот континент. Како податок, при посета на една од фабриките во Шангај, имаме можност да видиме примена на роботика во процесот на пакување и компанијата ја намалила манипулативната работа од 26 работници на таа линија, на само 6 работници.

Во недостиг на работна сила насекаде во светот, иднината е во дигитализација и автоматизација на многу процеси. Единствено сѐ уште не е можно во голема мерка да се дигитализираат развојот на иновациите, бидејќи во голема мерка зависат од човечката имагинација и достигнување на невозможното.

МАРИЛИ: Со оглед на бројните обврски кои ги имате како сопственик и менаџер на компaнија и обврските во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), има ли Загорка Блажевска слободно време за себе и за најблиските? Што Ве исполнува и Ве релаксира?

Д-Р БЛАЖЕВСКА: Обврските кои ги имам навистина во одредени период од годината знаат многу да заземат од моето слободно време. Се случувало да работам и по 18 часови во текот на денот на различни проекти, не само со Вита Нова, туку и со сите други ангажмани кои се и делумно дел од обврските во Комората.

Јас сум исто така експерт за комерцијализација на проекти на ниво на Европска платформа за храна, но и сум претседател на Здружението на Нутриционисти и диететичари – Нутри Баланс, Скопје. Многу пати знам да се шегувам дека ми фали само уште 25 - иот час, од 24 часовното деноноќие за да дозавршам уште некоја обврска. Но, со добра и правилна организација на времето, соодветна поддршка од тимовите на луѓе со кои соработувам, и безрезервната поддршка на моето потесно семејство, мојот сопруг и синот, јас не би била ова што сум сега.

Редовно, три пати неделно посетувам теретана, за викендите возам точак или планинарам, но имам и време да се видам со пријателите и да поминам заедничко дружење во некое наше ресторанче. Многу си ја сакаме својата држава и со сопругот, а од скоро и со синот, знаеме да се качиме на мотор и да отидеме на места каде што многу малку луѓе ги посетиле, и тоа е едно од малите ситни нешта кои го прават животот вреден да се живее. 


Статијата е прочитана 1319 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско