30 години „Нептун Македонија“ – инспиративен лидер посветен на развој на вработените

Интервју со д-р Даниела Карадаков, менаџер за обука и развој во Нептун Македонија. Д-р Карадаков во интервјуто зборува за своето работно искуство во Нептун Македонија, компанија која годинава прослави 30 години успешна работа. Според Карадаков, менаџерите, постапувајќи како лидери во својот дел, се клучниот двигател на луѓето и промените. Тие се одговорни за привлекување, задржување и развивање на талентите во компанијата и токму поради тоа, вложувањето во нив е од големо значење за компанијата. Карадаков зборува и за нејзината улога како еден од модераторите на „Марили Бизнис Форум“, но и за наградата „Жена водилка“ со која се стекна на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ одржана во 2019 година.

МАРИЛИ: Вие сте стручњак во делот на менаџмент на човечки ресурси. Вашата нова работна позиција во компанијата „Нептун“ Македонија е менаџер за обука и развој. Какво е новото искуство на новата работна позиција?

Д-Р КАРАДАКОВ: Голем е предизвикот да бидете дел од најголемата малопродажна и дистрибутивна мрежа на производи од бела техника, апарати за домаќинство, ТВ/аудио/видео, компјутери, телефони, фото апарати и камери, производи за нега и убавина, спорт и рекреација, ладење и греење, во Македонија, со едно име кажано, да бидете дел од НЕПТУН МАКЕДОНИЈА. Уште поголем е предизвикот да работите за компанија која е дел од Нептун Интернешнал и Балфин Групацијата и да водите грижа за обука и развој на вработените и во East Gate Mall, East Gate Living и Сервис Македонија. Сплетот од домашно и меѓународно искуство, дава додадена вредност на улогата на тимот за човечки ресурси кој континуирано ги следи промените, трендовите и инвестира во своите вработени со цел да создаде професионален и супериорен однос кон клиентите.

Како менаџер за обука и развој, посветена сум на идентификување и развивање на целосниот потенцијал на вработените. Моите работни активности опфаќаат развој и имплементација на системи и механизми за обука и развој од доаѓањето на нововработените во компанијата, како и понатамошна континуирана грижа за развојот на вработените во текот на нивниот работен век. Грижата за вработените е дел од мисијата на сите наши компании, на тој начин растеме и се развиваме. Веруваме дека со развојот на вработените и нивните вештини придонесуваме во растот на компаниите.

МАРИЛИ: Што значи да се работи во еден голем систем како што е „Нептун“ и колку обуките на вработените во делот на менаџментот се од суштинско значење за севкупниот развој и напредок на компанијата?

Д-Р КАРАДАКОВ:  Колку системот е покомплексен и поголем, толку и предизвикот за обука и развој на вработените е поголем. „Нептун“ Македонија има потреба од добро приспособени, обучени и искусни вработени кои ќе можат непречено да ги извршуваат своите работни задачи, па затоа грижата за нивниот развој е од наше стратегиско значење, а тоа придонесува кон создавање на поголема конкурентска предност. Менаџерите, постапувајќи како лидери во својот дел, се клучниот двигател на луѓето и промените.

Тие се одговорни за привлекување, задржување и развивање на талентите во компанијата. Токму поради тоа, вложувањето во нив, вложувањето во развојот на нивните компетенции ни е од големо значење. Наша задача е да ги направиме луѓето способни за заедничка работа, да ги направиме нивните силни страни ефективни, а нивните слаби страни неважни. Како компанија, постојано се адаптираме на промените, стануваме пофлексибилни, иновативни, развиваме поголема свесност за квалитетот и ориентирани сме кон своите клиенти, но и кон своите вработени.

Се трудиме постојано да ги подобруваме нашите перформанси за да бидеме уште подобри. За сето ова да се оствари потребни ни се добро обучени менаџери, лидери и вработени кои ќе споделуваат и ќе создаваат нови знаења.

МАРИЛИ: Каква е примената на дигитализацијата во делот на човечки ресурси во вашата компанија? Дали имплементирате примери од развиените земји и што според Вас треба да се направи на овој план во нашата држава?

Д-Р КАРАДАКОВ: Нептун Македонија, како компанија која припаѓа на интернационалното семејство Балфин Групација, применува дигитални системи со цел да го олесни, забрза и подобри квалитетот на своето работење, што значи дека се движиме по стапките на најуспешните меѓународни успешни приказни.

Се трудиме да направиме интеграција на дигитален начин на размислување, обука на вработените со неопходните вештини, го дигитализиравме процесот на регрутирање на таленти, го дигитализиравме процесот на учење преку примена на мобилна апликација за микроучење, применуваме комбинации на дигитални технологии на работното место, работиме на креирање и воведување на софтвер за менаџмент на човечки ресурси и сл. Процесот на дигитализација ги опфати сите, вработените, внатрешните процеси, производите, услугите, добавувачите, клиентите и сите нивни интеракции – трансформирајќи ги податоците во едни од највредните ресурси на компанијата.

Во нашата држава, сѐ уште може да се сретнат компании кои управуваат со своите податоци во хартиена форма. Дигитализацијата на процесите во делот на човечки ресурси треба да го трансформира начинот на кој што секторот на човечки ресурси управува со своите секојдневни активности. Овие промени ќе помогнат да се надминат мануелните интервенции и долгите процеси на документација, да се оптимизираат процесите, а на таков начин се штеди време, се подобрува продуктивноста и ефикасноста, се интензивира оперативната еластичност. Тоа значи дека компаниите треба да ги мигрираат традиционалните оперативни процеси во дигитално опкружување, за да можат да станат понезависни и да бидат порационални во користењето на моќни алатки како што се автоматизација, аналитика на податоци, софтверски решенија и сл.

МАРИЛИ: Вие сте доктор на науки во делот на образовен менаџмент, издадовте и две дела: „Личен менаџмент“ и „Практикум по личен менаџмент“. Како вашето претходно искуство од едукативно-образовниот сектор го имплементирате во компанија со сосема поинаква дејност?

Д-Р КАРАДАКОВ:  Долги години мојата експертиза ја развивам во областа менаџмент на човечки ресурси. Јас сум искусен професор, обучувач и консултант во оваа област, кој активно ги истражува трендовите и се обидува да ги имлементира во своето работење. Претходното мое работно искуство е голема основа за она што го работам денес, особено ако земеме предвид дека и во овој случај се грижам за едукација и развој на вработените во конкретна компанија.

Секое искуство, секоја научена лекција во животот си наоѓа свое место во идните акции. За мене многу е важно да умееш да го искористиш тоа искуство, да го пренесеш, но и да стекнеш ново, уште побогато искуство.

МАРИЛИ: Две години по ред сте дел од „Марили Бизнис Форум“. Оваа година бевте модератор на сесијата насловена како „Лична трансформација – клуч за успех на менаџерите во иднина“. Какви се Вашите впечатоци од сесијата и целокупниот регионален бизнис форум во огранизација на агенција „Марили“?

Д-Р КАРАДАКОВ:  Имав чест по втор пат да бидам дел од Марили Бизнис Форумот што се одржа оваа година, а во организација на Агенција Марили. Учеството на овој форум креира додадена вредност за сите кои се дел од него. Нуди можност за вмрежување, ширина на информации, можност за пренесување на практични искуства од земјата и од регионот поврзани со конкретни и актуелни теми кои ги засегаат поголем дел од компаниите. Форумот е можност каде што на едно место можете да се сретнете со голем број на успешни приказни, сите посебни и уникатни на свој начин, а најголем дел од тие приказни се водени или создадени од успешни жени менаџерки или претприемачки.

Водењето на сесија на тема „Лична трансформација – клуч за успех на менаџерите во иднина“ беше вистински предизвик за мене. Зошто? Затоа што тешко е кај луѓето да се развие свесноста за лична промена и подобрување, да се развие свесноста за своите силни и своите слаби страни, свесноста за започнување со промената денес, а не утре. Драго ми беше што на оваа сесија имаше многу добри соговорнички кои потврдија дека многу е важно континуираното вложување во човечките ресурси, водење на континуирана грижа за нивниот развој, создавање на можности за учење и вмрежување кои ќе ја поттикнат нивната храброст и ќе ги активираат нивните идеи со цел создавање, водење и развивање на одреден бизнис.

Тука би ја потенцирала важноста, која ја истакнаа соговорничките, а тоа е постојано вмрежување, споделување на своите знаења и искуства и надвор од нашите граници, постојано трагање по нови можности и предизвици, постојано учење.

МАРИЛИ: Вие сте една од најуспешните жени менаџери прогласена од агенција „Марили“ во 2019 година. Што е според Вас најважно за успех во кариерата и колку личната трансформација е клучна да се направи вистински исчекор во вистинско време?

Д-Р КАРАДАКОВ:  Кариерното патување на секој поединец е уникатно и секој поединец е креатор на својата траекторија на развој. За да се движиме во вистинскиот правец и за да може да го оствариме замислениот успех, според мене, многу е важно да имаме јасни цели, континуирано да учиме и да се развиваме за да можеме да ги оствариме тие цели. Исто така, многу е важна самоиницијативноста, посветеноста кон она што го работиме, како тоа го спојуваме со оние со кои соработуваме, па затоа тука би дала на значење и на градењето на односи со другите кои се наша поддршка, но кои нѝ отвораат и нови потенцијални можности. За да се прилагодиме на сите промени и предизвици кои ни ги носи кариерата и за да може да направиме соодветна лична трансформација, важно е да бидеме приспособливи и флексибилни, тоа значи да бидеме отворени за промени, да ги прифатиме новите технологии, да се прилагодиме на новите барања на пазарот, така ќе бидеме и поконкурентни. Надминувањето на пречките, учењето од неуспесите се исто така основа за успех во нашата кариера.

Признавањето на успешноста е исто така голем поттик за уште поголеми дострели во кариерата. Агенција Марили, преку манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, долги години наназад ѝм дава признание на оние кои забележале успех во својата кариера. Ова признание за мене значеше потврда на моето вложување, на мојата работа, на моите резултати и мојот успех. Ова признание претставуваше вистински мотив за сите мои наредни предизвици.

МАРИЛИ: Која е Даниела Карадаков приватно и што ја исполнува во слободното време?

Д-Р КАРАДАКОВ:  Јас, покрај тоа што сум менаџер за обука и развој во Нептун Македонија, остварувам бројни улоги во мојот приватен живот. Пред сѐ, јас сум човек кој е посветен на себе, сопруга која воспоставува длабока врска и добар партнерски однос со својот сопруг, мајка која се грижи за своите деца, која секогаш се труди да обезбеди време поминато со нив и да ја почувствува заемната среќа и поврзаност.

Јас сум и ќерка, сестра и снаа која вечно ќе биде благодарна на поддршката која ја добивам од моите блиски. Јас сум и добра пријателка која ужива во своето друштво. Се трудам да воспоставам баланс меѓу деловниот и приватниот живот. Секој да го добие највредното од мене, секој да биде среќен и задоволен со мене.

Слободното време ми е посветено на домот, на семејството, на децата, на пријателите.

Кога и да го имам, гледам да го поминам со нив, да се радувам на заемната среќа и да уживам во нашиот живот. Тоа ме исполнува, ме прави среќна и ми дава сила и енергија за сите понатамошни предизвици.


Статијата е прочитана 1474 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско