Проф. д-р Клопчевска: „Трансформацијата на био-отпадот во корисни производи ќе овозможи особен придонес во заштитата на околината и развој на економијата“
Интервју со професор Јана Клопчевска од Катедрата за прехранбена и биотехнологија на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје, научник, иноватор во трансформација на био-отпад и бизнис консултант. Во интервјуто професорката зборува каде најбрзо може да се имплементира циркуларната економија во наши услови, што е био-отпад и како преработката на био-отпадот би помогнала во зачувувањето на животната средина и како би влијаела на развојот на економијата. Проф. Клопчевска говори и за Отворената Градска Лабораторија, но и за тоа што треба да се преземе за се зголеми екосвеста во општеството.
МАРИЛИ: Колку циркуларната економија, која е водечка во Европа и светот се применува кај нас, особено во приватниот сектор и каде најбрзо можеме да ја имплементираме во наши услови?
ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Прашањето е сосема на место, водечка во Европа, токму така, но иако во другите земји веќе поодамна применета, нам нѝ беше потребно постепено да ja осознаeме, за да може да ја примениме. Како научници секако мора да се обучуваме, за и самите да можеме било што да примениме во државата.
Бев обучувана токму за ова 2018 -тата година во Израел, впрочем, тоа е и целта на науката, да служи и да ја движи државата кон иновативно преприемаштво, во рамките на циркуларната економија.
Слободно можам да кажам дека денес по долгогодишна работа со приватниот сектор, а последните неколку години исклучиво во делот на био-отпад, работите се движат во сосема задоволителна насока.
Индустријата и компаниите отворено ги прифатија сите идеи и предизвици за трансформација на отпадот.
МАРИЛИ: Што претставува био-отпад од храна, каков е потенцијалот на био-отпадот и какви се статистиките предвидувањата за искористување био-отпадот во иднина?
ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Био-отпад значи биоразградлив материјал кој се создава при преработка и консумирање храна од различни извори, или отпад кој го генерираат граѓаните, кафулињата, рестораните, домаќинствата, компаниите и преостанатите субјекти, градини и паркови, малопродажни простори, како и отпад од погоните за преработка на храна. Био-отпадот не вклучува шумски или земјоделски остатоци и затоа не треба да се меша со терминот „биоразградлив отпад“, кој ги опфаќа и другите биоразградливи материјали како дрво, хартија, картон, отпадна тиња, природен текстил.
Можам да кажам дека потенцијалот е огромен особено во делот на заштита на животната средина и решавање на голем општествени проблеми или проблеми на денешницата во однос на храната. Најбрз начин на трансформација е со негово претворање во гориво кое ќе ги замени фосилните горива. Примена на техники на екстракција на биолошки активни компоненти или пак со термохемиски и биохемиски техники, може да се претвори во течно природно ѓубриво, подготвено да ги замени (загадувачките) вештачки ѓубрива, да се добие биоцемент, или пак брикети за греење. Иновациите водат кон реупотреба на отпадни материјали од прехранбената индустрија, преку употреба на ензимска хидролиза на лигноцелулозен материјал и употреба на фототрофни бактерии за добивање производи со додадена вредност и компостирање на големи колични на отпад со помош на инсекти.
Според најновиот извештај на Европската комисија за 2022 година, количината на комунален био-отпад која се селектира, а потоа собира и преработува во висококвалитетен компост не надминува 40 милиони тони. Преточено во проценти од вкупните количини, ова значи дека само 17% од цврстиот комунален отпад се рециклира преку компостирање, останатиот дел се трансформира на најразлични начини.
МАРИЛИ: Какви се Вашите сознанија, колку био-отпад се генерира во државата годишно и како преработката на истиот би го подобрила зачувувањето на животната средина?
ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: 45% од вкупниот генериран отпад во државата отпаѓа на био-отпадот. Тој во моментов нема цена, но во превод тоа значи дека со трансформација на овој отпад, во корисни производи преку понудени најбрзи и конкретни решенија на индустриите, ќе придонесеме особено кон заштита на животната средина.
Замислете секоја општина да нуди информација за количината на отпадот преку поставување на софтвер за детекција во делот каде се собира отпадот, би знаеле на ниво на градови со колкави количини располагаме.
Потоа, да се постави една солидна база за Агроберза и трговија само со биотпадот во рамките на ЈП Дрисла, каде би имале конкретни бројки за секоја од индустриите и податоци за количини на био-отпад по индустрии.
Кога згора на ова и граѓаните би го селектирале отпадот, би заштедиле на простор, време и секако би ја унапредиле економијата во самата држава, но првенствено би се заштитиле самите себе и нашето здравје.
МАРИЛИ: Што може да се добие од био-отпад, во кои индустрии може да најде примена и колку тоа може да го подобри економскиот развој?