Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска: Користењето на медијацијата во односите на компаниите има само предности, нема ниту еден недостаток
Интервју со д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија, советник на претседателот на Комората за економски развој и инфраструктура, Национален координатор за медијација и претседател на Асоцијација за поддршка на медијацијата при Комората. Георгиева Јовевска во интервјуто зборува за нејзиното богато работно портфолио, за сите успеси и достигнувања низ годините. Автор е на повеќе едиции на полето на медијацијата и алтернативните алатки за решавање на споровите. Еден од поводите за интервјуто е и меѓународната конференција на тема: „Промоција на медијацијата со цел искористување на нејзините предности“ која ќе се одржи на 18 октомври.
МАРИЛИ: Непосреден повод за ова интервју е меѓународната конференција која ќе се одржи кон средината на октомври на тема : Медијација во решавање на бизнис спорови. Кажете нѝ нешто повеќе за овој настан?
ГЕОРГИЕВА ЈОВЕВСКА: Токму така. Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) при Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ), Националниот совет за медијација-Владино тело и Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ) - дел од Групацијата на Светска Банка, на 18 октомври 2023 година (среда) во Стопанската комора на Северна Македонијa во Скопје со почеток од 10.00 часот ќе бидат организатори на ВТОРАТА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА: „ПРОМОЦИЈА НА МЕДИЈАЦИЈАТА СО ЦЕЛ ИСКОРИСТУВАЊЕ НА НЕЈЗИНИТЕ ПРЕДНОСТИ”.
Првата конференција, која се одржа за прв пат од таков вид во нашата држава, беше организирана во 2017-та година од Стопанската комора на Северна Македонија со поддршка на Германската стопанска комора и проектот АБЦ-ДИХК (Асоцијација на балкански комори-Унија на германски стопански комори).
На истата имавме над 20 говорници од департментите за медијација при стопанските комори од регионот кои го споделија своето искуство од користењето на медијацијата и кои пред повеќе од 100 учесници презентираа за бенефитите од користењето на медијацијата. Мислам дека тогаш направивме добар придонес во промоција и популаризација на медијацијата и многу компании, но и други заинтересирани страни од тогаш па навака активно користат медијација при решавањето на некој свој спор. Во меѓувреме АПМ при СКСМ одржа повеќе од 50 настани, со учество на повеќе од 1500 претставници од компании и од други заинтересирани страни, сѐ со цел уште поголема популаризација и афирмација на медијацијата. Организиравме бесплатни семинари, конференции, обуки, состаноци и други активности за промовирање на медијацијата како најефикасен алтернативен начин за решавање на споровите. Со таа цел за поголема афирмација и поддршка на медијацијата беше и формирана АПМ на 16.7.2016 година во рамките на Стопанската комора на Македонија. Печатиме брошури, правиме презентации, правиме интервјуа и со поддршка на медиумите информираме, одржуваме семинари, настани и правиме други слични активности за промоција со што се надеваме дека допираме до сите кои можат да бидат учесници во постапка за медијација, бидејќи од истата сите можат да имаат само корист.
На годинешнава, втора регионална конференција за медијација како говорник поканет е претседателот на Владата на РСМ, д-р Димитар Ковачевски кој преку неговото обраќање сакаме да ја истакне важноста од користењето на медијацијата на државата и поддршката што државата ја дава на оваа алатка vis a vis препораките од ЕУ и користењeто на медијацијата во високоразвиените европски земји како што е во Германија, Холандија, Италија и сл. (земји со најголем процент на користење на медијацијата при решавање на споровите). На тој начин со поголемо користење на медијацијата би се помогнало на државата преку растеретување на судството, намалување на трошоците на правните и физичките лица-корисници на медијацијата и исползување на останатите предности од медијацијата. Државата дава поддршка преку нејзино вклучување во користење на медијацијата, преку легислативата која ја носи и последно преку формирање на Владино тело-Национален совет за медијација кој се грижи целосно за квалитетот на работата на медијацијата и медијаторите. На регионалната конференција во име на Стопанската комора на Северна Македонија, како говорник поканет е претседателот на Комората Бранко Азески, а истата ќе ја потенцира важноста и бенефитите од користењето на медијацијата кај стопанските спорови. Претседателот Азески во Стопанската комора на Македонија прв го отвори патот и создаде услови за промоција на медијацијата и тие негови чекори ние ги следиме.
На оваа регионална конференција поканети со свои обраќања се високи говорници од Асоцијациите за медијација при стопанските комори од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Грција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора кои ќе говорат за постигнувањата и користењето на медијацијата секој во својата земја како и за чекорите кои треба секој поединечно како институција, но и преку синергија и регионални поврзувања како оваа конференција да ги направи во насока на поголемо афирмирање и презентирање на медијацијата, бидејќи користењето на медијацијата има само предности, нема ниеден недостаток.
Конференцијата ќе биде поделена во два дела. Во првиот дел освен обраќањето на претседателот на Владата на РСМ, д-р Димитар Ковачевски, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, како и Националниот координатор за медијација, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, предвидено е да има обраќање на Амбасадорите од Германија, Холандија, Италија и Швајцарија, додека во вториот дел кој ќе биде поделен во 3 панели учесници-говорници ќе има од горепоменатите земји, односно Асоцијации за поддршка на медијацијата од тие земји. За потребите и на оваа Регионална конференција за промоција на медијацијата ќе биде подготвено и испечатено, во организација на Стопанска комора на Македонија, Националниот освет за медијација и Меѓународната Финансиска Корпорација, како домаќини на конференцијата, БРОШУРА на македонски и англиски јазик.
МАРИЛИ: Години наназад работите на афирмација на медијацијата. Вие сте лиценциран медијатор и актуелен Национален координатор за медијација. Што поточно значи оваа функција и кои се главните бенефиции од ваков тип на посредништво во бизнис секторот?
ГЕОРГИЕВА – ЈОВЕВСКА: Да, работам на полето на афирмација на медијацијата уште од 2006-та година кога Стопанската комора на Македонија во партнерски шест месечен проект со Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ) - дел од Групацијата на Светска Банка за прв пат во нашата земја го промовираше Проектот за подигнување на јавната свест за медијацијата преку активностите насловени како: „Финансиски користи од Медијацијата”, промоција и дистрибуција на публикациите на ИФЦ: Брошура за медијација и Алманахот за Медијација.
Исто така, повеќе години наназад сум инволвирана во процесите на афирмација и популаризација на медијацијата во рамките на заедничките активности кои ги имавме со АБК-ДИХК (Асоцијацијата на балкански комори и Унијата на Германските трговско-индустриски комори), во периодот од 2001-2014 година, каде освен тоа што се работеше на активности поврзани со зајакнување на капацитетот на коморите и проекти за компаниите се промовираа и медијацијата и арбитражата како ефикасни алтернативни методи на решавање на споровите.
Потоа од 05.07.2016 година станав лиценциран медијатор со положен испит за медијатори согласно Законот за Медијација во РСМ а од март 2018 година и лиценциран обучувач на медијатори.
Следствено на сите многубројни активности кои ги имавме за промоција на медијацијата од една страна, но и согласно тековите од скори сите земји од регионот и пошироко кои под капата на своите стопански комори имаа департменти за медијација и ние на 16.7.2016 година ја формиравме Асоцијација за поддршка на медијацијата при Стопанската комора на Македонија. Во рамките на оваа Асоцијација, од кога истата е форирана до сега имаме организирано, на цела територија на државава, над 50 бесплатни семинари за промоција и афирмација на медијацијата на тема: „Медијацијата како ефикасен начин на алтернативно решавање на стопанските спорови”, со учество на над 1500 претставници од компаниите и други заинтересирани партиципиенти. Паралелно со реализација на сите активности континуирано се усовршувам и надградувам и во областа на медијацијата во РСМ и надвор од неа, a преку поддршката на медиумите (печатени и пишани) мислам дека афирмативно придонесувам за доближување и што е можно поголемо разбирање и користење на медијацијата и нејзините придобивки (како доброволност, доверливост, ефикасност, економичност, правичност на постапката, извршност - доколку Спогодбата постигната во медијација се солемнизира на нотар и слично).
Автор сум на повеќе едиции на полето на медијацијата и алтернативните алатки за решавање на споровите како што се: „Моќта на арбитражата и медијацијата за алтернативно решавање на стопанските спорови”, Скопје 2008 година, „Брошура за Медијација (Промоција, афирмација, успех)”, септември 2016 година, „Брошура за предностите на медијацијата во меѓународни рамки”, април 2017 година, „Прирачник за основна обука за медијатори”, 2019 година, Брошура за предностите на медијацијата, второ издание, 2022 година и во моментов работам на Алманахот за промоција на медијацијата - издание кое ќе го промовираме на втората меѓународна конференција за медијација на 18-ти октомври 2023 година.
Слободно можам да кажам како експерт за медијација, на 21 јуни 2022 година именувана сум од страна на Владата на РСМ за прв Национален координатор за медијација. Со формирање на Националниот совет за медијација како Владино тело за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите во медијацијата, и Владата дава поттик за уште поголема промоција и достапност на медијацијата кај бизнис-заедницата и кај сите заинтересирани страни. Во целиот овој процес на инволвираност во медијацијата, најголема поддршка имам од претседателот на Стопанската комора на Маедонија, Бранко Азески.
Во периодот од 2016-та година до 2021 година во нашата легислатива имаше неколку измени поврзани со медијацијата за да на крајот од 2021 година се донесе и нов Закон за медијација со што за прв пат се формираше и посебно тело кое се грижи за квалитетот на работите во медијацијата во нашата држава. Тоа тело се вика Национален совет за медијација (НСМ). Со ова тело раководи и истото го застапува и претставува Национален координатор за медијација, односно јас. Националниот совет за медијација брои 5 члена и освен националниот координатор членови се Љупчо Сотироски, Ивана Талевска-Трендафилова, Зоран Петковиќ-Бакли и Ќебир Авзиу, додека имаме и секретар на Советот кој не е член туку врши административни работи и е од редовите на Министерството за правда на РСМ.
Согласно Законот за медијација, Националниот совет за медијација, врз основа на начелото на самостојност, стручност и независност во својот делокруг на активности извршува повеќе активности меѓу кои се: покренување на иницијативи за подобрување на законските решенија и давање мислења за предлози на закони од областа на медијацијата; покренување на иницијативи за пошироко запознавање на заинтересираните страни со правото за користење на медијацијата како начин на компромисно решавање на спорните односи; утврдување на исполнетоста на условите за издавање на лиценца за вршење на медијаторски работи; издавање или укинување на лиценците за медијатори, медијатори за специфични области и за обучувачи на медијатори; акредитирање на програми за обука на медијатори утврдени со законот врз основа на методологија; вршење на евалуација на квалитетот на работењето на медијаторите, обучувачите на медијатори, спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори; соработка со домашни и меѓународни организации и тела за поголема промоција и примена на медијацијата и слично.
Од кога е конституиран Националниот совет за медијација од септември 2022 година до денес има одржано 25 седници, ова тело е во постојано заседание и работа, а заедно со Стопанската комора на Северна Македонија и Меѓународната Финансиска Корпорација за целиот изминат период има одржано неколку настани за промоција на медијацијата пред сите заинтересирани страни. Така, во рамките на првиот циклус предавања кои беа одржани на 17,18 и 22 ноември 2022 година во Скопје, Штип и Струмица, како и во рамките на вториот циклус предавања одржани на 25, 26 и 27 април 2023 година, одржавме бесплатни предавања за афирмација на медијацијата пред повеќе од 120 заинтересирани страни. На предавањата беше промовирана и дистрибуирана и Бошурата за медијација-второ издание, испечатена со поддршка на ИФЦ. Предавачи на предавањата беа домашни и странски експерти за медијација кои ги покриваат сите области за медијација.
Сега во октомври сме организатори на Втората регионална конференција за медијација. Правиме навистина големи чекори за конечно медијацијата да го добие своето заслужено место. Можеби и сме единствените во државава кои од ваков вид и обем кои прават постојана промоција на медијацијата, соработуваат со домашни и странски институции и постојано зборуваме за медијацијата, но затоа и постоиме како тело да работиме токму во тој правец. Продолжуваме со уште поголемо темпо во следниот период бидејќи сакаме медијацијата да се користи не тогаш кога ќе настане некој проблем, туку пред тоа, доброволно и договорно.
МАРИЛИ: Какви се Вашите согледувања, дали има подобрување во односите на компаниите со помош на медијација и кои се најчести корисници на медијација во земјава?
ГЕОРГИЕВА ЈОВЕВСКА: Има подобрување. Не онакво какво што сакаме, не онакво какво што очекуваме и можеме, но доволно. И во извештаите од ЕК за напредокот за нашата земја секогаш стои забелешката дека потребни се поголеми напори за земјата да користи медијација со цел искористување на поволностите, ниските трошоци, заштедата на време, растеретување на судството, останување во добри деловни односи и слично. И не само да се користи медијацијата, туку и арбитражата, за што постои Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија која e постојана арбитражна институција основана согласно со Законот за стопанските комори и Статутот на Стопанската комора на Северна Македонија. Арбитражата е надлежна за решавање спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите на Република Северна Македонија, доколку странките ја договорат нејзината надлежност. Подобрувањата кои ги има се, можам слободно да кажам, благодарение на нашите активности. Тоа нѐ охрабрува да продолжиме со афирмација на медијацијата со цел истата да биде достапна за сите, бидејќи иако ние одржуваме настани, иако ние сме имале безброј промоции за медијацијата, потребна е добра волја другата страна да е заинтересирана да слушне, разбере и користи нешто од кое се има само бенефит. Инаку, согласно Законот за медијација според начинот на поведување, медијацијата може да се одвива како доброволна, договорна и законски определена.