Интервју со госпоѓа Соња Ризоска-Јовановска, универзитетски професор, автор, режисер, сценарист, продуцент на филмот „Зародиш“

Матка не е обичен простор во секоја смисла на зборот, во неа се кријата многу тајни од искона. Матка ја карактеризираат како несекојдневно божество кое ја симболизира плодоносната сила на природата. Матка ја симболизира утробата, местото каде се создава и раѓа животот.

МАРИЛИ: Г-ѓа Ризоска Јовановска, автор сте на документарниот филм за Матка, поддржан од Град Скопје, од каде инспирацијата и кој сѐ учествуваше во реализација на истиот?
РИЗОСКА-ЈОВАНОВСКА:
Да, тоа е филмот за Матка, насловен како „Зародиш“, филм кој беше многу значаен период во мојот живот. Од оваа временска дистанца сфаќам дека „Зародиш“ е всушност моја автобиографска приказна. Во филмот ја понесов улогата на автор, режисер, сценарист и продуцент. Тоа носи со себе една голема одговорност за да ја прикажам комлементарноста на истражувањето на спојот меѓу природата и културата како тоталитет. Сега можам да кажам дека за да истражуваш за Матка најверојатно треба да си во некоја посебна спиритуална димензија за да можеш да ги видиш и доживееш нештата кои ја прават Матка во една длабочина, височина, широчина - местото каде извира животот од древнина до денес. Се сеќавам на мигот кога пред 7 години влегов во пештерата „Врело“, мислам дека внатре ја видов утробата на светот. Тоа беше неверојатна енергија која ме инспирираше веднаш да се зафатам со идејата за проект кој гласеше „Зошто утробата на Скопје е Матка? Тоа беше посебен предизвик за целата екипа. Знаев дека екипата е многу значајна за да можеме да го реализираме сето она што си го поставивме за цел во идејниот проект. Ова не е етнографски филм, ова е документарен филм во кој антрополошкиот и етнолошкиот аспект на истражувањето ја истакнуваат културата како тоталитет, а природата е спој на сите присутни елементи поврзани со духовната димензија на луѓето. Во тимот на продукцијата бевме вклучени јас, снимателот и директор на фотографија Александар Карпузовски, фотографот, Горан Десковски, како и членови на нуркачкиот клуб, спелеолошкиот клуб, алпинистичкиот клуб, велосипедскиот клуб, кајакарскиот клуб, луѓето во храмовите кои на одреден начин ни го покажуваа спојот на културата со природата. За наша среќа, Градот Скопје имаше слух за значајноста на проектот пришто беше поддржан од нивна страна. Посебна поддршка во секаква смисла, а секако и финансиска беше мојот брат кој ме научи да бидам истрајна во сите мои идеи и цели. Неговата поддршка ми беше од непроценливо значење.
Во постпродукцијата на филмот учествуваа многу значајни личности од уметничката сфера, монтажа: Дарко Андоновски, додека за музичкиот аранжман кој секако е многу значаен сегмент за успешноста на филмското доживање е заслужен маестралниот басист Трајко Симоновски –Таци. Во музичкиот аранжман беа вклучени Дуке Бојаџиев, пијано, Игор Атанасовски Харе, гитара, како и Мијата, соло изведба. Во филмот е користена обработка и од албумите на етно музичката група „Љубојна“.

МАРИЛИ: Филмот ја отсликува Матка во едно поинакво издание, зошто токму Матка и какво е нејзиното значење за Македонија, детерминирајте ни го терминот матка?
РИЗОСКА-ЈОВАНОВСКА:
Матка не е обичен простор во секоја смисла на зборот, во неа се кријата многу тајни од искона, место каде се создавале многу културни добра, место каде се одвивале многу значајни културни преродби, место каде луѓето наоѓале инспирација во духовна смисла, место каде природата ги привлекувала луѓето. Нејзина мистична моќ, нејзината импозантност во карпестиот кањон, скриениот свет во пештерите, духовноста во храмовите, манастирите и црквите, остатоците од културните споменици, брзаците на реката Треска, обредните практики кои и денес сведочат за вербата на луѓето во духовноста, се само дел од волшебството кое е присутно на Матка. Матка ја карактеризираат како несекојдневно божество кое ја симболизира плодоносната сила на природата. Матка го истакнува женскиот атрибут, тука се забележува тој женски архетип на плодноста на земјата, затоа и насловот на филмот „Зародиш“ е асоцијација на мајката земја од чија утроба извира животот. Затоа сметам дека е многу значајна и улогата на жената како автор на филм поврзан со ваква женска симболика која е присутна во сите сфери на Матка.

МАРИЛИ: Создадена од природата во која свој печат ставил и човекот, како го толкувате ова навраќање на човекот кон природата и обратно?
РИЗОСКА-ЈОВАНОВСКА:
Ух, тоа е најзначајното нешто кое го доживував секојпат на Матка. Тие карпести предели кои те потсетуваат на исконското, на зачетокот на светот, пештерите кои како да нѐ воведуваат во историскиот поредок, како да се движите низ една временска и просторна машина на создавањето на светот...таа длабочина која се чувствува кога ќе влезете во неа... тогаш не можете да направите никаква дистинкција меѓу природата и човекот. Човекот оставал свои траги насекаде на овој мистериозен предел. Каде и да тргнете ќе наидете на сведоштва од тоа што го создавала природата, на печатот кој го оставил човекот тука. Неможам да го опишам допирот со природата која потсетува на таинственост, мистериозност, но и нешто кое ве поврзува со тој природен амбиент, како да ве маѓепсува, неможете да останете рамнодушен пред таа нема исконска убавина. Филмот започнува со водениот елемент, всушност таму каде што и се создава животот, плодот во утробата на мајката.

МАРИЛИ: Мистерија и љубов, симбиоза на многу фактори. Како ја доживувате Вие може да се види во филмот, но како ја доживуваат постетителите според Вас?
РИЗОСКА-ЈОВАНОВСКА:
Матка го истакнува допирот со животот и трансцеденталниот премин, подземјето и небото, светлината и мракот, погледот кон вечноста. Матка со својатата мистериозна убавина отсекогаш ги привлекувала луѓето. Таа личи на порта во таинствен, волшебен, мистериозен и неоткриен свет. Свет во кој може да ја забележиш поврзаноста на водата, земјата, воздухот, огнот и мистеријата.
За да ја доживееш Матка онаква каква што е, мислам дека секој кој ќе ја посети треба да има чувство дека е подготвен за на аџилак на Матка.
Тоа е пат кон љубовта, кон Бога, кон вербата, истрајноста, кон природата, но и кон човекот, да се сврти кон себе, осознавањето себе си и желбата да ја избрише дистанцата во просторот меѓу себе и сѐ околу нас. Сакав да го ставам гледачот во единство на внатрешниот и надворешниот свет. Поентата ми беше да ги доловиме елементите и симболите на сето она што околу нас беше реалност и да и го издвоиме на публиката како богата визуелна експресија во целокупноста на поимувањето внатрешност во нас и на видливата невидливост во целокупното доживување на длабоката стварност, таму каде почетокот и крајот стојат на иста позиција низ водата, земјата, воздухот, огнот и мистеријата. Мислам дека оние кои го гледале „Зародиш“ сигурно ќе бидат поттикнати да ја доживеат таа љубов и мистерија споени ко едно - како едно тело, една душа, една желба.

МАРИЛИ: Што треба задолжително да се види, да се доживее кога ќе се посети Матка?
РИЗОСКА-ЈОВАНОВСКА:
Треба да се види Матка (со сите нејзини атрибути) Морам да тргнам од првиот елемент водата, треба да се види Матка, нејзината транцеденталност, менувањето на сите четири годишни времиња, кога се добива посебна рефлексија меѓу небото и земјата. Да се посетат пештерата Врело, достапна за туристите, подводната пештера Врело, која е значајна туристичка атракција за посетителите ширум светот, бидејќи се вбројува во една од најдлабоките подводни пештери во светот, пештерите Крштална и Убава. Храмовите: Св. Богородица или манастир Матка, Св. Андреа, Св. Недела, Св. Спас, Св. Тројца, Марков Град, Св. Никола Шишевски. Од особено значење е да се посетат храмовите во деновите поврзани со обредната практика, патронот на секој храм, групното кршевање кое е посебна атракција за посетителите.

МАРИЛИ: Италјански тим ја испитуваше пештерата Врело, какви се сознанијата, што може да се види и доживее таму?
РИЗОСКА-ЈОВАНОВСКА:
Многу сум среќна што го снимавме филмот во времето кога експедицијата правеше истражување на подводната пештера Врело. Тоа беше големо искуство за нашата екипа, 11 дена бевме заедно со тие мисионери. Ништо во животот не е случајно. Освен што ми дадоа екслузивно право од материјалот снимен во подводната пештера, ми дозволија да бидам дел од луѓето кои се поврзани со Матка преку допирот кој останува во вечноста.
Луиџи Касати, нуркачот специјализиран за нуркање на 200 метра остави впечаток на мене за цел живот. Неговата посветеност на природата, начинот на медитација и умешноста да се носи со сето тоа за мене беа многу значајна животна лекција.
Тоа се луѓе кои знаат да ги вреднуваат и најмалите нешта, тие го ризикуваат животот со секое влегување во тие подземни канали. Нивната ведрина и грижата еден за друг се недовоив дел од приказната поврзана за Матка. Имав среќа две години да се дружам со нив и да учам нешта кои се вредни за почит. Се сеќавам на зборовите на Луиџи Касати кој велеше: „Можеби на луѓето им е чудно што влегуваме во вакви авантури и сакаме да ја истакнеме вредноста во други земји, но луѓето кога би знаеле дека мојата татковина е планетата земја, тогаш сигурно ќе ме сфатат“. Нивната несебичност треба да ни биде пример на сите на кои ниво треба да ги создаваме универзалните вредности.
Јас не успеав да нуркам во подводната пештера Врело, но снимките кои ми ги поклонија и времето кое ни го посветија за да ја сфатиме нивната величина ми дозволија да ги доживеам убавините и предизвиците со кои се соочуваат додека се борат со сите препреки за да дојдат до најголемите длабочини, а воедно и на гледачот да му ја доловиме таа импозантна убавина.

МАРИЛИ: Кои алтернативни спортови ги нуди Матка?
РИЗОСКА-ЈОВАНОВСКА:
Матка нуди толку алтернативни спортови, затоа и е една од најзначајните туристички атракции во Македонија. Тука се кајакарите кои се борат со брзаците на реката Треска. Борбата да се бориш со водата е тешка, но тие својата моќ ја добиваат од мирот и спокојството кои ги има на Матка, секојдневно доаѓајќи на своите тренинзи. Не можете да останете рамнодушни кога ќе ги видете алпинистите. Постојано се прашуваме што ги привлекувало луѓето да се населуваат во пределот на Матка, од древнина до денес, така ни останува и да се запрашаме што е тоа што ги привлекува и алпинистите секојдневно да ги освојуваат височините на Матка. Каква е таа љубов кога се допира до височините или подземјето, во водните каналски тунели или до духовната димензија на храмовите, црквите и манастирите. Тука се и нуркачите кои пак, се посебна атракција за посетителите. Навлегувајќи во длабочините на пештерите тие се најзаслужните за сите тие успеси да се допира до најодалечените места и подводната пештера Врело да стане позната и во светски рамки. Одејќи по патеките на симболите кои ја сочинуваат Матка, ги забележуваме и велосипедистите кои доаѓаат да вежбаат и да се рекреираат. Имено, тие заедно со сите спортски љубители се и срцето на Матка. Во сите нив може да се забележи љубовта кон овој предел.

МАРИЛИ: Во филмот се забележува вашата неизмерна желба да се прикаже природното богатство на Матка. Но, пораката е сосема друга. Која е таа?
РИЗОСКА-ЈОВАНОВСКА:
Матка е многу значајна за сите нас. Таа има непроценливо културно богатство. Но, нејзината вредност и убавина треба да се чуваат, негуваат, заштитуваат. Сакав да ги разбудам надлежните да размислат за она што го имаме, а треба да го чуваме. Светот треба конечно да разбере која е Матка, што нуди, каква туристичка атракција е, кои се нејзините присутни мистерии и таинствени симболики. Иако, трипати се соочив со животна опасност за време на снимањето на филмот, најголемата порака за идните генерации е да ги мотивирам да истражуваат низ пределите на Македонија. Сакам да си докажат најпрвин на самите себе дека треба да се горди што живеат на ваков простор, да направат дела со кои ќе покажат која е Македонија. Затоа ги мотивирам и моите студенти кога одиме на теренски истражувања.

МАРИЛИ: 

Вие се појавувате во филмот во улога на македонска хероина облечена во бел фустан кој се идентификува со Матка, ја симболизира македонската жена.
РИЗОСКА-ЈОВАНОВСКА:
Работејќи митологија долги години неизбежно беше да ја прикажам митолошката симболика на Матка, на мајката земја природа, мајката родилка, на македонската жена која ги одржала традициите и верувањата, заслужна за сето она кое се пренесувало низ вековите во семејството во вид на култ, всушност култот кон христијанската светителка. Белата боја ја симболизира Македонија со голема надеж, чиста во душата, ја симболизира вербата во слободата, го симболизира кањонот, моќноста, силата и вечноста. Тепелакот на главата го симболизира статусот на македонската жена, плетенката на жената - ја симболизира силата, а пафтата ја симболизира женската утроба. На фустанот има исплетено сонца кои се симбол на вечноста, истрајноста, на светлината.

МАРИЛИ: На кои други документарни филмови сте работеле, освен овој за Матка, и на што работите во моментот?
РИЗОСКА-ЈОВАНОВСКА:
Јас сум универзитетски професор. Предавам на Мит Унивезитет, како вонреден професор. Во научната сфера сум веќе две децении, а во образовната осум години. Работам на мултикултура, културното наследство, традицијата, христијанството и исламот, туризмот, односите меѓу луѓето, етникумите, личностите. Имав среќа да дипломирам етнологија, а потоа да се насочам кон антропологијата и социологијата. Тоа ми помогна многу во истражувањата, да тргнам од поединечното, да го истражувам народот, да се насочам кон човекот и се поврзано со него и да истражувам за поврзаноста и дистанцата меѓу етникумите за да дојдам на крај и до глобалното, и обратно.
Самата вокација како етнолог ми даде можност да истражувам по сите предели на Македонија, до доаѓам на места каде можеби имав среќа да доаѓам и до првични информации за животот и вербата на луѓето. Тоа беа многу значајни проекти на кои работев во Институтот за старословенска култура. Токму поради тоа бев поканета неколку пати како член на меѓународното жири на меѓународни филмски фестивали. Далечната 2006 година кога се вратив од филмски фестивал сфатив дека филмот остави големо влијание за мојата научна сфера. Мојата професионална ориентација се сврте и кон филмот како средство за да ги пренесам моите истражувања. Филмот стана неодвоив дел од мојот живот. Најпрвин се зафатив со филмот за Прилепските Мечкари, филм кој исто така е моја автобиографска приказна. Тоа е филм за една затворена машка група која има своја специфика во обредната практика, а јас бев првата жена антрополог што успеав да им се доближам и да направам филм за нив.

Па така, со „Прилепските Мечкари“ во конкуренција од 109 филма ја добив првата награда за најдобар странски филм на Меѓународниот филмски фестивал за етнолошки и антрополошки филмови во Белград. Филмот беше прикажан и наградуван уште на осум светски фестивали. Потоа следеше филмот „Мечкарски Табу“, филм за филмот со мечкарите, т.е. низ кои се препреки требаше да поминам за да го снимам филмот. Како благодараност од мечкарите дека ја прикажав нивната вековна низ многу делови на светот добив мечкарска маска и станав првата жена која има право да учествува како мечкарка во нивните обредни практики. Добив нов идентитет, заштитник на градот и истерувач на лошите духови.
Потоа следуваше филмот „Скопје и сѐ е можно“, една урбана приказна за културните, националните, религиските, социјалните, просторните и временските дистанци на луѓето кои се присутни на овој простор. Тој филм беше долго време присутен на тв екраните, бидејќи говореше за сите препреки меѓу луѓето. Филмот „Чувари на едно време“ е филм за османлиските споменици во Скопје. Би го издвоила и филмот „Моќ“ кој ми значи многу. Во филмот се говори за верувањето на моќта и моќта на верувањето на чудотворецот св. Јоаким Осоговски во продукција на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје. Потоа следуваше филмот „Постоиме за вас“- филм за солидарноста на луѓето, хуманоста, визијата. Филмот „Тука има сѐ“ ја отсликуваше реалната состојба за луѓето во урбаната и руралната средина. „Заеднички до заедништво“ е воедно филм кој носи порака за поврзаноста на младите без разлика на нивната национална, религиска припадност. 
Сите филмски проекти се поддржани и морално и финансиски од мојот брат. Тој е најмногу заслужен што моите идеи се родија во дела. Тој најмногу веруваше во она што го работам и што сакам да го работам. Сѐ што научив за чесност, трудољубивост и гордост научив од него. Се сеќавам дека бев некаде околу 7-8 години, со часови ме учеше да одам со книгата на глава без да ми падне. Сега ја сфаќам неговата мисија, книгата е секогаш со мене и над мене бдее, а главата и покрај се морам да ја држам исправено. Затоа сите мои дела му ги посветувам нему, бидејќи тоа е единственото нешто што можам да му го возвратам.
Моментално работам на проект за ретките народни танци кои се значаен елемент за македонскиот фолклор, поддржан од Министерството за култура. Танцот едновремено означува повторно раѓање, феникс, доближување до Бога. Се надевам дека филмот ќе биде направен во планираниот временски интервал и дека премиерата на овој филм ќе биде прикажана во Коња на 17 декември, каде дервишкиот танц има посебна симболика.
Убаво е кога своите истражувања може да ги споделиш со своите студенти. Тие се мојата инспирација, мојата сила. Многу сум среќна што имаме млада движечка сила која има слух за нештата кои треба да се вреднуваат. Колку е убаво тоа чувство кога знаеш дека знаењето им го пренесуваш на младите луѓе. Многу сум среќна што сум дел од образовната сфера, што моите истражувања можам лично да ги споделам со нив, да ја видам таа жед во нив дека се спремни за нови истражувања. Македонија има кому да му ја оставиме во наследство, имаме кому да им ги пренесиме вековните традиции кои нѐ одржале и нѐ прават горди од искона до денес.


 

Статијата е прочитана 6842 пати.

Сподели: