Интервју со господин Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија

Петте нови авиолинии до Осло, Фридрихсхафен, Барселона, Нирнберг и Хамбург, што од јуни и јули се отворија од Скопскиот аеродром, како и линијата која од ,,Александар Велики’’ до Женева се отвори во април, се очекува да го поддржат порастот на бројот на патници и вкупниот сообраќај што во континуитет му се случува на главното авиопристаниште во Македонија

Петте нови авиолинии до Осло, Фридрихсхафен, Барселона, Нирнберг и Хамбург, што од јуни и јули се отворија од Скопскиот аеродром, како и линијата која од ,,Александар Велики’’ до Женева се отвори во април, се очекува да го поддржат порастот на бројот на патници и вкупниот сообраќај што во континуитет му се случува на главното авиопристаниште во Македонија. Истовремено, двете нови линии до Лондон и Базел, од Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, се очекува да го раздвижат сообраќајот и таму, како и да придонесат кон развојот на туризмот во охридско-струшкиот и преспанскиот регион.

МАРИЛИ: Господине Крстевски, од денешен аспект како генерален директор на ТАВ Македонија, но исто така и како долгогодишен директор во воздухопловниот сектор, какво е Вашето мислење – колку Македонија има добиено, а особено во авиосообраќајот, со влегувањето на ТАВ на нашите аеродроми? 
КРСТЕВСКИ:
Во последните 5 години македонскиот авиосообраќај достигна значаен прогрес, првенствено благодарение на развојот на двата аеродрома што се случи откако Холдингот „ТАВ Аеродроми“ влезе во Македонија и стана концесионер на „Александар Велики“ и на „Св. Апостол Павле“.
„ТАВ Аеродроми“ инвестираше 110 милиони евра за развој на двата македонски аеродрома. На Скопскиот аеродром беше изградена нова терминална зграда, а овој чекор сам по себе претставуваше појдовна точка за постојаниот раст на сообраќајот (и во однос на движења на воздухоплови и во однос на бројот на патници) кој ни се случува последните неколку години.
За 5 години, од март 2010 година, до март 2015 година, бројот на патници на двата аеродрома, или од 729.297 патници во 2010 година, минатата година таа бројка достигна 1.278.343 патници. Само на скопскиот аеродром порастот е повеќе од 76%. Како што веќе знаете, минатата година имавме значителен пресврт за нашиот аеродром во Скопје – достигнавме 1 милион патници на годишно ниво, но во првите 10 месеци од годината.
Растот на бројот на патници продолжи во првите 5 месеци од оваа година исто така, за кој што период забележавме раст од 17,5%. Очекуваме растот да продолжи.
Главната причина за објаснетиот успех нормално се новите авиокомпании што ги привлековме со цел да започнат со летови од/до аеродромот во Скопје, а како резултат на тоа – голем број нови дестинации што ги отворивме во изминативе 5 години. Во моментов, Скопје има воздушна конекција со 26 европски градови и со Дубаи. Последната нова отворена линија во април е Скопје – Женева, а од јуни и јули оваа година главниот град на Македонија ќе има 5 нови директни линии до: Фридрихсхафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нирнберг, преку Визер. Од друга страна, пак на Охридскиот аеродром, почнувајќи од јуни и јули исто така ќе има две нови директни дестинации – Лондон и Базел. Со оглед на добрите односи со Владата од самиот почеток, како наш партнер во овој проект на ЈПП (Јавно приватно партнерство), ние ги постигнавме нашите цели на време како што и беше планирано. Уште еднаш би сакале да им се заблагодариме за нивниот кооперативен пристап и поддршка за развој на воздушниот сообраќај. Напорите на двете страни придонесоа за унапредувањето на воздушниот сообраќај во државата и за зголемениот број на патници, како и за зголемениот број на летови и за новите отворени дестинации.
Во овој период, додека „ТАВ Аеродроми“ е присутна во Македонија, ние исто така воведовме различни услуги што го подобруваат корисничкото искуство на патниците, како на пример редовна автобуска линија меѓу градот Скопје и аеродромот, како и подобрување на квалитетот на такси-услугите. Од средината на јуни 2015 година ќе обезбедиме и бесплатен интернет на аеродромот „Александар Велики“.

Дополнително, патниците ги очекуваат многу производи и услуги што ги нудат нашите сестрински фирми ATU и BTA преку безцаринската продавница и угостителските објекти за храна и пијалаци.
На крајот, влегувањето на ТАВ на македонскиот пазар не само што помогна во развојот на авионскиот сообраќај, туку исто така придонесе за атрактивноста на Македонија за странските инвеститори, во однос на подобрување на транспортните капацитети и генерално за економијата. Исто така, помогна и во поглед на создавање добра репутација на Македонија како држава, бидејќи присуството на ,,ТАВ Аеродроми’’, како меѓународен холдинг што минатата година опслужи 95 милиони патници, е навистина важен факт за сликата што светот ја има за Македонија.

МАРИЛИ: ТАВ Македонија постојано добива награди за својата работа во изминативе години, а на почетокот на 2015 година добивте награда од британската организација SkyTrax, која што ги рангира најдобрите аеродроми на глобално ниво. При ова рангирање, Скопскиот аеродром е меѓу 10-те најдобри аеродроми во Источна Европа. Што беше направено пред оваа награда, дали се тоа некои истражувања
 што се направени меѓу патниците? 
КРСТЕВСКИ:
Аеродромот „Александар Велики“ – Скопје го обезбеди своето место меѓу најдобрите 10 аеродроми во Источна Европа на светските награди за аеродроми, одржани во Париз во март оваа година. Глобалната средба, традиционално организирана од страна на британската организација SkyTrax, ги објави најдобрите аеродроми на глобално ниво, а и регионално.
Оценувањето на аеродромите е направено од страна на воздухопловни експерти, рангирајќи ги аеродромите според претходно дефинирани критериуми, а нивните истражувања се спроведуваат преку анкети. Впрочем, Skytrax е истражувачка организација основана 1989 година, со седиште во Лондон, Велика Британија. Тие вршат квалитативна процена на производи, услуги, патници, како и студии за авиокомпании, аеродроми и сродни индустрии. Во изминативе 16 години Skytrax врши анкетни испитувања за најдобри авиокомпании и аеродроми во светот.
За потребите на рангирањето за оваа година, преку 13 милиони прашалници се пополнети од страна на државјани од 112 различни националности во периодот меѓу мај 2014 година и јануари 2015 година. Анкетното испитување опфаќа 550 аеродроми во светот, а испитано е искуството на патниците во однос на пријавување, пристигнувања, трансфер, пазарење, обезбедување и други услужни сегменти.

МАРИЛИ: Колку работите на промоција на Македонија и македонските аеродроми со цел да ги убедите авиокомпаниите да започнат со летови од Скопје, имајќи на ум дека за цело време се отвораат нови линии? 
КРСТЕВСКИ:
„ТАВ Аеродроми“ има широка мрежа на авиокомпании бидејќи управуваме уште 12 други аеродроми, покрај двата аеродрома во Македонија. Нашиот маркетинг тим е сместен во седиштето на холдингот, во Истанбул, и тие посетуваат меѓународни саеми за авијација и туризам, како и конференции и средби како на пример IATA slot meetings, Europe and World Route Conferences, ITB Berlin итн. Преку врските што ги имаат тие, ние како ТАВ Македонија сме во постојана комуникација со авиокомпаниите кои што се наши постојани клиенти, а исто така и со оние што имаат потенцијал да оперираат на македонските аеродроми. Постојано ги промовираме македонските аеродроми на претходно споменатите конференции, средби и саеми. Како резултат на сите маркетинг активности, Pegasus, Fly Dubai, Swissair, Wizzair, Alitalia влегоа на македонскиот пазар.

 МАРИЛИ:

 Сообраќајот на аеродромот во Охрид е позачестен за време на летната сезона. Со новите линии што споменавте, можеме ли да очекуваме поголем развој на сообраќајот на овој аеродром, а со тоа и придонес за развој на туризмот во Охрид, како туристички град признаен од UNSECO за своите природни убавини? 
КРСТЕВСКИ:
Поради туристичките карактеристики на градот Охрид, нормално е тоа што Охридскиот аеродром има поголема фреквенција на сообраќај за време на летната сезона. Во овој период покрај директните линии, има повеќе чартер летови заради организираните тури со патници од Холандија, Австрија, Белгија, Израел, Турција ... Охрид е туристички град и природно е да има повеќе сообраќај за време на летната сезона, во периодот мај-октомври. Со новите директни линии до Лондон и до Базел започнувајќи од ова лето, секако дека очекуваме значајно зголемување на порастот на сообраќајот и на овој аеродром.

 

Шест нови авиолинии од Скопје и две од Охрид
Со испраќањето на новите летови за Осло и за Фридрихсхафен, на 29 јуни ТАВ Македонија го прослави отворањето на петте нови рути од „Александар Велики“: Осло, Фридрихсхафен, Барселона, Нинберг и Хамбург, со нискобуџетниот превозник „Визер“. На настанот за медиумите говореа генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски, министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски и портпаролот на „Визер“ – Даниел де Карваљо. Еден ден потоа, на 30 јуни, од Скопскиот аеродром замина и првиот авион за новата дестинација Барселона, со што Скопје и Македонија за првпат воздушно се поврзаа со Шпанија.

На 1 јули, пак, од Скопскиот аеродром се реализираа и првите летови за Хамбург и Нинберг.  Истиот ден, вечерта на 1 јули на Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, компанијата оператор на двата аеродрома, го дочека и првиот лет од Базел, со што се воспостави директната линија Охрид - Базел, исто така со „Визер“. На настанот за медиумите во Охрид, говореа Зоран Крстевски, генералниот директор на ТАВ Македонија и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.  Со отворањето на овие пет нови рути од Скопје, бројот на нови линии од аеродромот „Александар Велики“ до половината од годината се заокружи на шест, додека отворањето на линијата кон Базел е втората нововоотворена дестинација од Охрид летово, после онаа кон Лондон, која беше свечено пуштена на 10 јуни.

 


Статијата е прочитана 3830 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско