Време е за реформи, модернизација, нови успешни проекти и градење на општество кое нуди можности за сите

Интервју со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, во кое говори за засилениот процес на дигитализација на институцијата, како и за помошта од меѓународните институции во процесите на модернизација за поуспешно работење и приближување кон ЕУ нормативите. Лукаревска говори и за импактот од дигиталната трансформација која позитивно ќе се одрази на македонската економија и на даночните обврзници. Зборува за проектот „МојДДВ“, за извонредните карактеристики на жените во бизнисот, за поддршката на женското претприемништво, но и за тоа што ја исполнува приватно. Лукаревска во мај годинава ја поддржа манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: Г-ѓа Лукаревска, до каде е дигиталната трансформација на Управата за јавни приходи и каква е помошта и улогата на Светска Банка, Меѓународниот монетарен фонд, ЕУ, ОЕЦД, УНДП и други меѓународни институции во овие процеси?
ЛУКАРЕВСКА: Во Управата за јавни приходи со засилен интензитет и силна поддршка и од домашните, но и од меѓународните институции сите ресурси и активности ни се насочени кон дигитализација на деловните процеси. По препорака на ММФ, воспоставивме управувачка структура, Комитет за реформи и Комитет за усогласеност а со новиот проект со Светска банка и со измените и дополнувањата на Законот за УЈП, формиравме работно тело за спроведување на Интегрираниот Даночен Информатички Систем.
Со US Treasury, работиме на подобрување на капацитетите на даночната контрола, антикорупцијата и едукацијата. Со УНДП, работевме и продолжуваме да работиме во областите поврзани со трансферните цени и автоматската размена на информации кои се важен сегмент за пристапување кон ЕУ. Со Делегацијата на Европската Унија (ДЕУ) имплементиравме Твининг проект, а со Фискалис 2027 програмата и ТАИЕКС инструментот за техничка помош ги јакнеме капацитетите за преговорите со ЕУ. Помошта која ја добиваме од страна на ДЕУ, ММФ, Светска Банка, US Treasury, ОЕЦД, УНДП, амбасадите се од огромно значење за модернизацијата и дигитализацијата на основните бизнис процеси на УЈП и истите значат бенефит и за даночните обврзници и за економијата.
МАРИЛИ: Како дигиталните трансформации ќе се рефлектираат на даночните обврзници и воопшто на економијата?
ЛУКАРЕВСКА: Во време кога заради интернетот и онлајн продажбата светот стана глобално село, она без кое не може да функционира современата пазарна економија е модерна, дигитализирана, даночна администрација. Само во високопрофесионална, модерна и услужно ориентирана даночна администрација може да создадеме поволна клима за раст и развој и на претпријатијата, но и на реалниот сектор.
Преку сет на меки мерки, правиме сѐ за навреме да ги прибереме даноците, од друга страна, како даночна администрација работиме кон откривање и санкционирање на оние кои се обидуваат да затајат данок и во овој сегмент со дигитализација на работните процеси и услуги може да бидеме уште поефективни и поефикасни.
Во таа насока, веќе петта година по ред, изготвуваме Годишни даночни пријави за физичките лица кои по електронски пат треба да ги потврдат или коригираат. Оваа дигитализирана услуга не само што ги ослободи граѓаните од прибирање на документација со која го докажуваа платениот данок на личен доход, туку придонесе и да се има јасна слика за тоа каква е состојбата со даночните обврзници, а од друга страна во одреден сегмент го јакне и даночниот морал кај обврзниците. Преку МојДДВ, пак, докажавме и покажавме дека државата, УЈП има капацитет на многу лесен, дигитализиран начин дел од ДДВ- то изразено во фискалните сметки да го врати кај граѓаните.
Модернизацијата и дигитализацијата во УЈП, треба да се спроведе на сите функции на даночната администрација, почнувајќи од електронска регистрација на даночните обврзници, овозможување на брз и ефикасен електронски начин на поднесување на даночни пријави, користење на софтвер за брзо процесирање на даночните пријави, воспоставување на софтвер за анализа за ризик за селекција на даночни обврзници за контрола и за одобрување на поврат на ДДВ, како и ефикасен систем за наплата на даночните долгови. Паралелно, вложуваме во развој и обука на човечкиот капитал кој е важна алка во сите работни процеси. Бидејќи времето е еден од најскапите ресурси, целиот расположив потенцијал е насочен кон креирање на нови, модерни, брзи, дигитализирани услуги за даночните обврзници.
Следејќи ги светските модерните текови за работа како даночна управа континуирано вложуваме во подобрување на ефективноста и ефикасноста на даночната администрација а тоа значи и замена на хартиената документација во електронска и кратење на времето потребно за обезбедувње на истата.
МАРИЛИ: Каква е соработката со УНДП и кои новитети ќе бидат имплементирани преку заемната соработка со УЈП? Конретно, какви ќе бидат бенефитите за стопанството, граѓаните и економијата?
ЛУКАРЕВСКА: Последните години, УНДП е значаен партнер на Управата за јавни приходи и со нивна експертска помош и придонес ги направиме измените и дополнувањето на законите кои се однесуваа на одредби за трансферните цени, работевме на развивање алатки за анализа на ризик за транферни цени, реализираме обуки за спроведување финансиска анализа на ризик за трансферни цени, како и анализа на извештаи и контроли на трансферни цени. Преку проектот на УНДП нашите вработени добија експертска поддршка од Словачката даночна администрација каде се запознаа со меѓународната пракса и словачкото искуство во делот на регулативата за трансферни цени и постапката за контрола на трансферни цени.
Преку зајакнатите капацитети на УЈП, заеднички придонесуваме во борбата против даночната евазија и даночната измама и влијаеме во насока на повисока доверба кај граѓаните во институциите. Ова е особено значајно затоа што во глобалната економија сè повеќе има потреба земјите да ги отвораат своите граници за меѓународна трговија и инвестиции, со цел државите да можат да го наплатуваат данокот за добивката која компаниите ја остваруваат во земјата и тоа да го прават на начин што нема да ја дестимулира или нарушува меѓународната трговија и инвестиции. Преку продлабочената соработка со УНДП, се доби „know how“ за Даночниот инспекторат и организациските капацитети на УЈП за супервизија и контрола на деловните банки, осигурителните друштва, менувачниците, штедилниците и другите финансиски институции. Досегашната соработка во делот на трансферни цени и автоматска размена на информации за даночни цели покажа видливи резултати во насока на креирање пофер даночен систем за граѓаните и за компаниите. Од друга страна, овие активности се од клучно значење за пристапниот процес во Европската Унија, но и за остварување на целите за одржлив развој.
МАРИЛИ: Дали зголемувањето на лимитот за поврат на данокот на додадена вредност преку проектот „Мој ДДВ“ ја зголеми заинтересираноста на граѓаните да учествуваат во истиот и со тоа дали се подобри дисциплината кон фискализација?
ЛУКАРЕВСКА: Интересот и бројот на корисници за МојДДВ, постојано расте, а со тоа расте и сумата за исплата на средства. Во моментов, семејството на МојДДВ брои близу 540 илјади корисници. И таа бројка постојано се зголемува, а со тоа како поттик за сите корисници го зголемуваме и лимитот за поврат.
Согласно последните измени на Законското решение, граѓаните кои скенираат фискални сметки во едно тромесечје може да остварат максимален износ од 2.100 денари по корисник или за цела година 8.400 денри по корисник.
Тоа се средства преку кои директно позитивно влијаеме врз семејните буџети на корисниците на апликацијата МојДДВ.
МАРИЛИ: Неодамна ја поддржавте манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на Марили. Колку се потребни манифестациите од ваков вид коишто даваат константна поддршка на жената во бизнисот и колку е важно жените меѓусебно да се поддржуваат и вмрежуваат во земјава, регионот, па и пошироко?
ЛУКАРЕВСКА: Манифестациите преку кои се промовира, поттикнува развојот на женското претприемништво се многу важни затоа што преку позитивните модели се инспирираат и други жени и девојки, да стекнат самодоверба за да почнат свои бизниси. Од друга страна, ваквите манифестации нудат можност за вмрежување, за размена на искуства, знаења, за нови соработки, деловни партнерства, па дури и за заеднички настапи на други пазари.