Нов поттик за пристап до капитал на домашните компании: Македонска берза и ЕБОР започнуваат проект за пазарно финансирање
Македонска берза, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и PwC Северна Македонија денеска официјално го презентираа новиот Проект за подготовка на домашните компании за финансирање преку пазарот на капитал.
Оваа иницијатива е во функција на понатамошен развој на македонскиот пазар на капитал и создавање нови финансиски инструменти и издавачи на Берзата. Во рамките на овој проект ќе бидат избрани до десет компании што имаат амбициозни развојни планови и сериозен интерес во иднина да ги разгледаат можностите за прибирање капитал преку издавање акции или корпоративни обврзници.
„Македонските компании не треба да имаат само една врата до капиталот. Банкарскиот кредит е важен, но не е мудро секогаш да биде единствениот избор. На Македонија не ѝ недостига капитал. И недостигаат повеќе компании што се подготвени да го привлечат тој капитал од различни видови инвеститори, вклучително и физичките лица. Затоа ние како Македонска берза постојано зборуваме за ИПО и пазарно финансирање. Тоа е наша мисија. Сведоци сме на позитивно раздвижување во овој домен во нашиот регион. Проектот со ЕБОР е обид и ние да станеме дел од овој тренд.“ изјави Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза АД Скопје.
ЕБОР повеќе од три децении го поддржува приватниот сектор во земјава и го препознава значењето на развивањето на локалниот пазар на капитал во насока на подобрување на долгорочната конкурентност на компаниите. Банката останува посветена на поддршката на приватниот сектор преку разни механизми за пристап до финансии и нефинансиски услуги.
Проектот ќе биде имплементиран од PwC Северна Македонија и PwC Хрватска, кои ќе понудат експертска поддршка преку обезбедување индивидуален пристап во проценката на подготвеноста на секоја компанија – учесничка во прокетот.
Наменет е за компании кои имаат потенцијал за раст, планираат нов инвестициски циклус, размислуваат за генерациска сукцесија преку акционерство и сакаат да добијат независна стручна проценка за нивната подготвеност за иден пристап на пазарот на капитал.
Избраните компании ќе учествуваат на дводневна лидерска академија наменета за сопствениците и највисокото раководство, каде ќе се обработува процесот на издавање хартии од вредност, очекувањата на инвеститорите, вреднувањето на компаниите, регулаторната усогласеност, корпоративното управување и односите со инвестициската јавност. Потоа, секоја компанија ќе помине низ детална индивидуална проценка на подготвеноста за евентуално издавање акции или обврзници, а по завршувањето на истата, консултантите ќе изготват детален извештај со конкретни препораки и насоки за понатамошните чекори на компаниите.
ЕБОР ќе обезбеди грант со којшто ќе покријат 60–70% од трошоците, додека избраните компании ќе учествуваат со кофинансирање од 30–40%.
Крајниот рок за аплицирање на заинтересираните е 1 септември 2026 година.
Воедно, беше најавено дека компаниите што по завршувањето на овој проект ќе донесат конкретна одлука за издавање акции или обврзници на Македонска берза ќе имаат можност да добијат дополнителна поддршка од ЕБОР, односно начелно е договорен последователен проект за техничка и финансиска помош за оперативната реализација на потенцијалните иницијални јавни понуди.
Проектот е поддржан со финансиска помош од Европска Унија.
Статијата е прочитана 57 пати.




























