Започна шестото издание на Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност во организација на Македонија2025
Вчера во Охрид официјално започна Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност 2026, во организација на Македонија2025, под покровителство на Претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова.
Оваа година се одржува шестото издание на Кампот, на кое учествуваат 23 деца на возраст од 11 до 15 години. Од нив, 13 учесници се од македонската дијаспора - од САД, Германија, Малта, Србија и Обединетите Арапски Емирати, додека 10 учесници се од Македонија, од повеќе градови низ државата. Како и во изминатите години, дел од учесниците се деца од социјално ранливи семејства, за кои Македонија2025 обезбеди целосни стипендии, овозможувајќи им еднаков пристап до квалитетно СТЕМ образование и незаборавно животно искуство.
Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност има за цел преку интензивна еднонеделна програма да ги поттикне младите да ги развиваат своите знаења и практични вештини во областа на роботиката, програмирањето, кодирањето и иновациите. Покрај техничките знаења, Кампот има и силна мисија за поврзување на младите од дијаспората со нивните македонски корени, култура и традиција, како и за создавање трајни пријателства меѓу младите од Македонија и светот.
Програмата вклучува интерактивни СТЕМ работилници, развој на роботски решенија и тимски проекти, работилници за дизајн размислување, посета на Костал Македонија, културни активности и креативни работилници, спортски содржини и запознавање со богатото културно наследство на Охрид. Посебен акцент е ставен на практичното учење, критичкото размислување, тимската работа и развојот на лидерски вештини.
На 10 јули ќе се одржи свечената церемонија на доделување сертификати, на која учесниците ќе ги презентираат своите проекти, а сертификатите лично ќе им ги врачи Претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, покровител на Кампот.
Македонија2025 изразува искрена благодарност до програмските партнери Центарот за технологија, роботика и иновации (CTRI), Браинстер и iSource, кои го реализираат едукативниот дел од програма на Кампот.
Посебна благодарност упатуваме и до нашите поддржувачи Триглав Осигурување АД Скопје, Алкалоид, Костал Македонија, Витаминка АД Прилеп, Пелистерка, Фруктал и Форест Бар, како и неколку индивидуални поддржувачи, чија доверба и придонес овозможуваат оваа програма успешно да се реализира и оваа година. Нивната поддршка отвора нови можности за младите учесници, особено за децата од социјално ранливи семејства, и придонесува кон создавање нови генерации млади иноватори, идни STEM лидери и амбасадори на знаењето, креативноста и македонскиот потенцијал.
Преку Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност, Македонија2025 продолжува да инвестира во младите таленти, создавајќи простор каде знаењето, иновациите и македонскиот идентитет се поврзуваат во едно незаборавно искуство кое остава трајно влијание врз идните генерации.
Статијата е прочитана 25 пати.




























