Даниела Адемоска: „Континуираниот успех и долгорочниот импакт врз економијата се резултат на јасна визија, стабилни вредности и доследна стратегија“
Интервју со Даниела Адемоска, сопственичка и извршна директорка на хотелот DoubleTree by Hilton од Скопје, најдобриот и најлуксузен хотел со пет ѕвездички, во земјава и регионот. Потврда за тоа се многубројните награди и признанија во изминативе седум години за најдобар хотел од брендот Hilton во ЕМЕА, (Европа, Блискиот исток и Африка). Double Tree by Hilton – Скопје е повеќе од луксузен хотел, тоа е место каде што гостите можат вистински да го почувствуваат врвниот квалитет на услугите, гостопримливоста и беспрекорното функционирање во секој сегмент.
„Ние постојано инвестираме и подготвуваме нови иницијативи кои ќе се реализираат во наредните години. Во следниот период продолжуваме да ја развиваме нашата инфраструктура, да ја зголемуваме понудата и да имплементираме иновации како лидери во секој сегмент од работењето“, вели Адемоска за агенција „Марили“.
Г-ѓа Адемоска е овогодишна лауреатка, добитничка на статуетка „Жена водилка“, наградена за долгогодишно, континуирано, успешно менаџирање и траен придонес кон македонската економија на 30-та јубилејна манифестација „Избор на Најуспешни жени менаџери“ 2026 година.
Манифестацијата се одржа на 23 април 2026 година во Хотел DoubleTree By Hilton во Скопје, во организaција на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: DoubleTree by Hilton - Скопје е најдобриот и најлуксузен хотел во Југоисточна Европа на светски етаблираниот синџир на хотели „Хилтон“. Кои се капацитетите на хотелот и што значи да се одржуваат стандардите кои ги наложува самиот бренд? Колку во тоа помага и едукацијата на вработените на Hilton University?
АДЕМОСКА: Брендот Hilton во светски рамки е синоним за квалитет и воспоставени највисоки стандарди во хотелиерството кои доследно мора да се почитуваат, така што сум исклучително горда што овој врвен бренд во нас ги препозна своите вредности и ни ја довери честа да го развиваме Hilton и во земјава. Тоа е огромна чест, но истовремено и уште поголема обврска да се оправдаат високите очекувања и да се задоволат врвните стандарди. Ние максимално ја оправдуваме укажаната доверба со тоа што го развиваме брендот и над очекувањата, етаблирајќи го Double Tree By Hilton Skopje како лидер во хотелиерството, не само во Македонија, туку и во поширокиот регион.
Потврда за тоа се и многубројните награди и признанија во изминативе 7 години за најдобар хотел од брендот Hilton во ЕМЕА, (Европа, Блискиот исток и Африка) кое нѐ претставува како репер за сите други хотели од овој бренд. Double Tree by Hilton – Скопје е повеќе од само луксузен хотел со пет ѕвездички, тоа е место каде што гостите можат вистински да го почувствуваат врвниот квалитет на услугите, гостопримливоста и беспрекорното функционирање во секој сегмент. Хотелот располага со 170 елегантно уредени соби и 15 апартмани, од кои еден е претседателски, седум модерни сали наменети за деловни и приватни настани, најсовремени спа и фитнес центар, како и два врвни ресторани.
Управувањето со светски познат бренд како DoubleTree by Hilton значи многу поголема одговорност. Од една страна, тоа ни дава можност да ги имаме највисоките стандарди на услуга и квалитет, но исто така бара постојано усогласување со глобалните протоколи и насоки на брендот. Потребно е да се одржува доследност и да се создаде искуство за гостите кое ќе ги задоволи очекувањата на бренд со глобално признание. Во исто време организирањето на значајни настани како што се Брдо Бриони, НАТО самитите и други меѓународни собири, каде што присуствуваат претседатели и високи делегации од сите региони, нè позиционира како клучна дестинација за високи дипломатски и бизнис настани.
Додека пак одржувањето на стандардите на брендот Hilton претставува доследна примена на строго дефинирани процедури, континуирана грижа за квалитетот на услугата, беспрекорна хигиена, професионален однос кон гостите и внимание на секој детал. Тоа подразбира и постојано надминување на очекувањата на гостите, како и создавање чувство на топлина, доверба и персонализирана услуга, по што брендот DoubleTree е препознатлив.
Во тој процес, значајна улога има и едукацијата на вработените преку Hilton University. Овој систем овозможува континуирана обука и професионален развој, запознавање со најновите стандарди, трендови и најдобри практики во хотелската индустрија. Благодарение на ваквата едукација, вработените се оспособени да обезбедат конзистентна, квалитетна и професионална услуга, со што директно придонесуваат за одржување на високата репутација и престижот на брендот Hilton.
МАРИЛИ: Освен со DoubleTree by Hilton, кои други објекти ги поседувате во областа на хотелиерството? Со кои сѐ семејни бизниси се занимавате и кои се новитетите за 2026 година?
АДЕМОСКА: Во рамките на „Сити Плаза Холдинг“ управуваме со неколку важни дејности кои играат клучна улога во нашата стратегија.
Со особена гордост можам да истакнам дека повеќе од 25 години активно придонесуваме кон развојот и унапредувањето на хотелиерската индустрија во земјава и дека моето професионално патување во оваа сфера започна со долгогодишното успешно менаџирање на хотелот „Стоун Бриџ“ (Stone Bridge), кој претставува важен дел од портфолиото на нашите успешни семејни бизниси. Овој период овозможи не само континуиран раст, туку и длабоко разбирање на потребите на современиот начин на работа и динамиката на пазарот.Гледано од денешна перспектива, изминатите децении донесоа видлив напредок во домашното хотелиерство, проследен со зголемени инвестиции во квалитет, услуга и инфраструктура. Токму оваа еволуција беше поттик за следниот чекор – проширување на нашето присуство преку реализацијата на еден од најзначајните проекти во нашето портфолио, DoubleTree by Hilton – Скопје.
Во 2021 година, со преземањето на еден од најголемите ланци на супермаркети „Рамстор“ и трговскиот центар „Рамстор мол“, кои повеќе од 20 години бележи успешен раст со преку 1.000 вработени, застанав на чело на „Рамстор Македонија“.
Под мое раководство, „Рамстор“ продолжи да ја зацврстува позицијата на лидер во малопродажната индустрија. Нашата стратегија за секој нов проект се фокусира на динамично проширување на понудата и оптимизирање на потрошувачкото искуство преку воведување иновативни решенија и нови бизнис модели кои ја следат брзата еволуција на пазарот и потребите на современите потрошувачи, со што продолжуваме да растеме и да се позиционираме како многу повеќе од трговски ланец. „Рамстор мол“ е првиот трговски центар со глобални стандарди во Македонија, позициониран во срцето на градот. Тој е познат по тоа што е централен дел од секојдневниот живот на многу посетители, кои го препознаваат како совршено место за шопинг, забава и релаксација.
„Капитол мол“ во населбата Аеродром, од друга страна, претставува модерна инвестиција која има за цел да ги задоволи потребите на своите посетители. Со својата современа инфраструктура, позиционираност и понуда на брендови и различни услуги, „Капитол мол“ е поставен како семеен и културен трговски центар во кој посетителите уживаат во различни аспекти на пазарување и забава.
Како дел од моето портфолио е и модниот сектор. о моментов работиме и на проширување во fashion индустрија со фокус на создавање и лансирање на нови модни брендови и концепти.
Покрај овие активности, во рамки на групацијата вклучени се и проектите на нашата градежна компанија „Пера констракшн“ која значително инвестира во обновливи извори на енергија кои се од огромна важност за иднината на одржливоста и развивање на еколошката свест. „Пера констракшн“ активно учествува во реализација на модерни инфраструктурни проекти и изградба на енергетски ефикасни објекти во согласност со највисоките стандарди за одржливост и енергетска ефикасност.
Ние постојано инвестираме и подготвуваме нови иницијативи кои ќе се реализираат во наредните години. Во следниот период продолжуваме да ја развиваме нашата инфраструктура, да ја зголемуваме понудата и да имплементираме иновации како лидери во секој сегмент од работењето.
Секој нов проект е продолжување на нашата стратегија за раст и напредок, што ни овозможува да ја задржиме конкурентноста на пазарот и да создадеме нови можности за нашите вработени и за целокупната домашна економија.
МАРИЛИ: Повеќе од две и пол децении сте на менаџерски позиции. Како менаџер во компании што се успешни во континуитет и имаат значаен импакт во развојот на македонската економија, според Вашето мислење, што е клучно за да се постигне тоа ниво?
АДЕМОСКА: Токму така, овие над две и пол децении на менаџерски позиции ме научија дека континуираниот успех и долгорочниот импакт врз економијата не се резултат на случајност, туку на јасна визија, стабилни вредности и доследна стратегија. Клучно е компанијата да има долгорочна цел, но и флексибилност да се адаптира на промените на пазарот, технологијата и потребите на клиентите.
Еден од најважните фактори е инвестирањето во луѓето. Силен тим, мотивирани и едуцирани вработени и култура на доверба и одговорност се основа на секоја успешна организација. Кога вработените се чувствуваат ценети и имаат можност за раст, тоа директно се рефлектира во квалитетот на услугата и резултатите на компанијата.
Дополнително, одржувањето високи професионални и етички стандарди, транспарентното работење и градењето долгорочни партнерства се од суштинско значење. Компаниите што континуирано вложуваат во квалитет, иновации и општествена одговорност не само што се успешни, туку оставаат и траен позитивен импакт врз развојот на македонската економија.
МАРИЛИ: За успешна жена менаџер неизбежни се конзистентноста и континуираната работа. Кои лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?
АДЕМОСКА: Како жена менаџер верувам дека конзистентноста, континуираната работа и упорноста се резултат на јасни лични вредности и силна внатрешна мотивација. Една од клучните карактеристики што ме воделе низ годините е дисциплината - способноста да останам фокусирана и посветена, дури и во предизвикувачки периоди. За мене, успехот секогаш бил процес, а не момент.
Упорноста и истрајноста, исто така, одиграа значајна улога. На патот неминовно има препреки, но верувам дека од секоја ситуација може да се извлече лекција и можност за раст. Дополнително, постојаната желба за учење и личен развој ми помогна да се адаптирам на промените и да останам релевантна во динамичното деловно опкружување.
Емпатијата и способноста да се слушаат луѓето се уште една важна карактеристика. Сметам дека вистинското лидерство не е само донесување одлуки туку и градење доверба, поддршка на тимот и создавање средина во која секој може да го даде својот максимум. Токму таа комбинација од професионализам, човечност и континуирана посветеност ме донесе таму каде што сум денес.
МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво има манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе 30 години?
АДЕМОСКА: Манифестацијата МАРИЛИ „Избор на најуспешни жени менаџери“ има значаен удел во унапредувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво во Македонија. Во текот на своето 30-годишно постоење таа придонесе во зголемувањето на видливоста на успешните жени лидери, уривањето на стереотипите и охрабрувањето на жените да преземат лидерски улоги во различни општествени и економски сфери.
Преку препознавањето и јавното вреднување на нивните достигнувања, манифестацијата создаде позитивни примери и мотивација за идните генерации жени, како и платформа за вмрежување, размена на искуства и промоција на родовата еднаквост во бизнисот и општеството.
Воедно, ја користам оваа пригода да Ви честитам за значајниот јубилеј - 30 години успешно дејствување, како и да изразам искрена благодарност што повеќепати сум препознаена од оваа организација, што претставува особена чест и силен поттик за мојот натамошен професионален ангажман.
Статијата е прочитана 237 пати.


























