„ЕВН Македонија“ – Две децении создава трајна вредност за корисниците и економијата
Интервју со Ленче Карпузовска, менаџерка во Оддел за комуникации во „ЕВН Македонија“, компанија која е дел од австриска групација, а годинава одбележува 20 години успешна работа на македонскиот енергетски пазар.
„Како една од најголемите странски инвестиции, компанијата инвестираше околу 850 милиони евра во модернизација на мрежата, дигитализација на услугите и унапредување на корисничкото искуство“, вели Карпузовска во интервјуто за „Марили“.
М-р Ленче Карпузовска е успешна, докажана, етаблирана менаџерка која низ годините, заедно со нејзините тимови била наградувана во повеќе наврати. Годинава е јубилејна и за неа, бидејќи одбележува 20 години успешна работа на менаџерска позиција во „ЕВН Македонија“.
Неодамна Карпузовска се закити со уште едно признание за нејзината беспрекорна работа, односно ја доби меѓународната награда PRO PR Globe People Achievement Awards, со што се вброи во 32-та најдобри комуникациски експерти во светот.
МАРИЛИ: „ЕВН Македонија“ одбележува 20 години. Како капитална странска инвестиција, што е најзначајно во развојот низ годините и кои се најважните инвестиции во последните две децении?
КАРПУЗОВСКА: Во изминатите дваесет години „ЕВН Македонија“ изгради силна и стабилна платформа што целосно го трансформираше електроенергетскиот сектор во земјава. Како една од најголемите странски инвестиции, компанијата инвестираше околу 850 милиони евра во модернизација на мрежата, дигитализација на услугите и унапредување на корисничкото искуство.
Најзначајни се проектите поврзани со изградбата и реконструкцијата на дистрибутивната мрежа, подобрувањето на сигурноста на снабдувањето, намалувањето на техничките загуби, како и инвестирањето во паметни системи и дигитални алатки што ја прават компанијата поефикасна за корисниците.
Кај нас иновациите се движат во повеќе насоки: понуда на поедноставни дигитални услуги за клиентите, паметна мрежа со нови технологии, вложување во обновливи извори и батериски системи, користење на вештачка интелигенција за побрзи и поедноставни процеси итн.
„ЕВН Македонија“ создава долгорочна вредност и за корисниците и за економијата со сѐ што е направено во изминатите две децении, а и со тоа што допрва ќе следува.
МАРИЛИ: Кои се трајните придобивки што „ЕВН Македонија“ ги создаде за домаќинствата, бизнис-секторот и општеството?
КАРПУЗОВСКА: Трајните придобивки се видливи на повеќе нивоа.
За домаќинствата тоа значи постабилно и поквалитетно снабдување, побрза услуга и современи дигитални канали за комуникација.
Бизнис-секторот доби предвидливост, сигурност и инфраструктура што ги поддржуваат растот и продуктивноста, што е клучно за развој на економијата.
Општеството има долгорочен и одговорен партнер што континуирано инвестира во еколошки проекти, во образование, млади таленти, во филантропски и социјални иницијативи, поддршка на заедниците, вложува во културата, уметноста и традицијата.
Со изградбата на едукативниот изложбен центар „Матка“ обезбедуваме трајно наследство за идните генерации, кое не е само збирка експонати туку место каде што историјата, природата и едукацијата се преплетуваат во единствена приказна.
Овие инвестиции создаваат долготраен позитивен ефект што ја надминува основната дејност на компанијата.
МАРИЛИ: Колку долго сте на менаџерска позиција и што Ви е најважно за успешноста?
КАРПУЗОВСКА: На менаџерска позиција од средно ниво на менаџмент сум веќе 20 години и го водам Одделот за комуникации во коj се интегрирани ПР, маркетингот, организацијата на корпоративни настани, внатрешната и надворешната комуникација.
Тоа е динамична комбинација во која секој ден изгледа различно и токму таа разновидност ме држи мотивирана и постојано будна. Нашата улога е да обезбедиме усогласена и конзистентна комуникација на сите процеси и канали, а зад тоа стои многу стратегија, креативност, координација и „невидлива“ тимска работа.
Во текот на целото мое искуство се потврди дека најважно за успех се постојаното учење, адаптацијата и негувањето силна тимска култура.
Мојот успех се должи на мојот тим. Успехот доаѓа кога тимот функционира како една целина. Затоа се стремам да создадам отворена, транспарентна и поддржувачка работна средина во која луѓето се чувствуваат мотивирани да креираат, предлагаат и да растат. Средина во која тимот работи со ентузијазам, а не само затоа што ги разбудил алармот.
Како менаџер за комуникации во компанија што има силно влијание врз економијата и општеството, верувам дека стратегијата, дисциплината и човечката страна на лидерството се неопходни за да се одржи ниво на квалитет и доверба.
МАРИЛИ: Кои лични карактеристики Ви помогнаа да стигнете до позицијата каде што сте денес?
КАРПУЗОВСКА: Она што најмногу ме дефинира се конзистентноста, адаптибилноста, посветеноста, подготвеноста да преземам одговорност и кога е лесно и кога е предизвикувачки.
Подеднакво важни ми се и комуникациските вештини, емпатијата и способноста да ги препознам потенцијалите кај луѓето. Да препознам и кога некој е под стрес, уморен или му треба кафе. Емпатија кон тимот секако, но и доволно хумор за да се преживее неделата. Да бидам креативна и кога нема идеи.
Верувам во тоа дека лидерот не е само оној што води - туку и оној што создава простор другите да блеснат. Таа филозофија многу ми помогна да бидам тоа што сум денес.
МАРИЛИ: Како го оценувате влијанието на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ врз женското лидерство и претприемаштвото?
КАРПУЗОВСКА: Оваа манифестација има силна и долгорочна улога во промовирањето и охрабрувањето на женското лидерство во Македонија. Три децении да се поддржуваат успешни жени менаџери значи создавање конкретни и видливи модели на успех, уривање на предрасудите и инспирација една девојка да поверува дека и нејзината приказна е возможна.
Вашите активности, секако, имаат голем импакт во ова наше мало општество во кое жените ги инспирирате да не бараат дозвола за успех, туку сами да си ја отворат вратата. Со препознавање на трудот и постигнувањата на жените се поттикнуваат поголема самодоверба, амбиција и желба за лидерски позиции.
Верувам дека секоја платформа што ги афирмира жените во бизнисот придонесува кон поправедно, инклузивно и динамично општество. Една награда не значи само признание туку дека патот е прооден и уште повеќе жени може да зачекорат по него.
Статијата е прочитана 178 пати.

























