Заклучоци од Четвртиот регионален „Марили Бизнис Форум“ 2025, посветен на туризмот

Овогодишниот четврт регионален „Марили Бизнис Форум“ 2025 година, кој се одржа на 17 мај 2025 година, во организацијата на агенција „Марили“, беше посветен на туризмот и сите негови форми, и токму затоа почетното обраќање го имаше директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефановска која ги истакна плановите на Агенцијата.

Форумот, како и секоја година го отвори генералната менаџерка на „Марили“ и организаторка на форумот, Лидија Трипуноска. Целиот настан и две панел сесии модерираше проф.д-р Маја Кузмановска од Бизнис Академија Смилевски – БАС,  а последната сесија ја модерираше новинарот и водител, Ване Маркоски.

Вовед во сесите беше извонредната анализа за вицегувернерката м-р Ана Митреска, насловена како„Улогата и пристапот до финансирање на малите и средни претпријатија во македонската економија“.

Од овогодишниот „Марили Бизнис Форум“ кој беше насловен како „Туризмот- Фактор за економски развој и конкурентност во земјава и регионот“ можеше да се заклучи дека перспективите на македонскиот туризам треба да се насочени пред се кон алтернативниот туризам, како што е примерот со Крушево, коешто се равива во последно време, а тоа го потенцираше и еден од панелистите, туристичкиот конуслтант, проф. д-р Љупчо Јаневски.

Според панелистката Васка Мојсовска, генерална менаџерка на „Агро Калем“ Тимјаник, огромни сепотенцијатлите за развој ан руралниот туризам, а во Неготинскиот регион постаојат и одлични примери кои практикуваат рурален, но и верски туризам.

Одличните можности за конгресен туризам кој е одлично поврзан и со регионот ги потенцираше панелистката Весна Мицева Тодоровска, генерална менаџерка на „Конгресен сервисен центар“. Главните проблеми кои се инфраструктуни се потврдија низ целата дискусија на првиот панел, а одличен пример како треба да се решат овие проблеми даде доцент д-р Гордана Николиќ, сопственичка и декан на „Велеучилиште ПАР“ од Ријека, Р. Хрватска.

Првиот панел беше насловен како „Алтернативни форми на туризам – Рурален развој и одржливост на дестинации како фактори за локален развој“ и поттикна голем број на прашања и дискусии, каде интерактивно се вклучи и публиката.

На втората панел сесија насловена „Хотелско- туристичка индустрија – Можности, трендови и предизвици“, беа презентирани искуствата во работењето на елитни урбани хотели од Скопје, каде извршната менаџерка на DoubleTree by Hilton, Даниела Адемоска ги истакна спецификите во работењето на хотел од синџирот на лускузните светски хотели „Хилтон“ и перфекцијата во услугите кои се нудат. Извршната директорка на „Парк резиденс“, Нина Шерифовска, истакна како треба претпоставените да се грижат за вработените, како истите би биле задоволни и не би дошло до одлив на работна сила во странските земји, што претставува еден од клучните проблеми во туристичкиот сектор. Истиот став за грижата кон вработените и развојот на секторот за Човечки ресурси го потенцираше и м-р Барбара Оленик Станичиќ, директорка на човечки ресурси во „Јадран д.д Цриквеница“ од Ријека, Р. Хрватска. За можностите на Охрид, кој е главниот културно-историски и археолошки центар на Македонија, но се труди и во водедувањето на нови, современи содржини, какви што нуди бродот „Армада“, говореше генералната менаџерка на „Брод Армада“ од Охрид, Елена Лотеска Наумовска. Вложувањата во турзмот, генерално се базираат на вложувања во хотелско-туристичката индустрија која е темел на развојот на сите други форми на туризам. 

На третата, последна сесија насловена како „Ено – гастро концепт, автентичен и современ начин на развој на туризмот“ изворно можевме да ја доловиме суштината на ено-гастро концептот од излагањето на Јаким Митрески, хоспиталити менаџер од „Винарија Тиквеш“, кој го пренесе и своето меѓународно искуство, но и најквалитетните примери за овој концепт кој се применуваат во винскиот подрум на „Тиквеш“. Како овој концепт се применува во соседна Србија и кои се гастрономски специјалитети ги нуди хотелот „Хеба“ од Дивчибаре, имавме можност да слушнеме од Слободанка Цока Стевиќ, сопственик и генералнен менаџер на споменатиот хотел и на „Кондор ТИС“ од Белград и Лозница. За традиционалниот вкус на нашите млечни производи кој е препознатлив за домашните и странските туристи, говореше генералната менаџерка на „Бучен Козјак“ од Куманово, Наташа Денковска – Бојковски. „Бучен Козјак“ се пробива на српскиот и на пазарите во регионот. Заокружување на оваа панел сесија за значањето на домашното производство на храна даде проф. д-р Фросина Бабановска- Миленковска од Факултетот за земјоделски науки и храна, која истакна дека малите производители и семејни бизниси треба да ја сочуваат автентичноста и препознатливоста на своите производи во однос на квалитетот и секако да постои брендирање на производите, што е многу важно во меѓународната туристичка понуда.

Закучоци на модераторката проф. д-р Маја Кузмановска, главен модератор на Форумот и модератор на првата и втората панел сесија

АЛТЕРНАТИВНИ ФОРМИ НА ТУРИЗАМ – рурален развој и одржливост на дестинации како фактор за локален развој

-проф. д-р Љупчо Јаневски, како експерт од областа на туризмот со повеќе од 15 години искуство ја отвори панел дискусијата со конкретно и јасно дефинирање на алтернативниот туризам истакнувајќи ја предноста и иднината на оваа форма. Проф. Јаневски направи одлична паралела помеѓу традиционалните и современите форми на туризам во  светски рамки истакнувајќи ги предиспозициите на нашата земја и можностите кои се уште не се искористени. Особено внимание предизвика дискусијата за меѓу генерациската поврзаност и јаз кој постои во однос на генералната перцепција кон туризмот и препораките кои беа дадени со цел издигнување на Македонија како привлечна дестинација. Беше потенцирана потребата од креирање на стратегија која ќе овозможи рационална употреба на сите ресурси со кои располага нашата држава, професионален пристап во работата и професионален третман кон туристите. На крај, проф. Јаневски го истакна својот оптимизам и верба дека во блиска иднина ќе биде развиен алтернативниот туризам и бројот на туристи значително ќе се зголеми.

Проф. д-р Гордана Николиќ ги пренесе своите искуства од  Р. Хрватска, а поконкретно од градот Ријека, истакнувајќи дека изминатите години доста е вложено во инфраструктурата и изградба на објекти во оваа земја. Во текот на панел сесијата проф. Николиќ пренесе добри практики кои се имплементирани во Р. Хрватска паралелно истакнувајќи македонски дестинации кои изобилуваат со природна убавина, атракција и предиспозиции да прераснат во привлечни светски дестинации. Особено го истакна делот околу користење на финансии преку странски проекти, а секако на крај искажа задоволство и верба во заеднички проекти кои можат да донесат бенефит на двете земји.

- Васка Мојсовска, со повеќе од 25 години искуство во земјоделството, особено позната како жена борец за правата на руралната жена, преку практични примери објасни како може да се развие руралниот туризам во нашата земја. Го истакна незадоволството од моменталната состојба во која се наоѓа оваа форма на туризам. Исто така, сподели бројни примери од регионот како инспирација и мотивација на младите кои особено немаат интерес за оваа дејност.

- Васка Мицева Тодоровска, со своето долгогодишно искуство како генерален менаџер, ги сподели со присутните активностите на Конгресниот центар кој минатата година прослави јубилеј од 25 години работење. Особено детално ги елаборираше формите на деловен и конгресен туризам, како форми за кои тие се специјализирани и вистински професионалци. Се дискутираше и за предизвиците во Ковид кризата и потребата од адаптација и трансформација со оглед на фактот дека Конгресниот центар е еден од првите кој понуди професионална организација на онлајн настани. Мицева Тодоровска ги спомена успешните соработки и партнерства со европските компании, а на форумот ексклузивно беше споделена информацијата за авангардниот потег на КСЦ, развивање на алтернативен туризам дури во вселената. Во текот на дискусијата имаше многу прашања од присутните на овој форум кој истиот го подигнаа на едно повисоко ниво бидејќи се овозможи размена на искуства, знаења и практики. Секако се отворија и многу други прашања кои само ја потврдија важноста на оваа актуелна тема и покажаа дека потребата од вакви јавни настани е повеќе од неопходна.

ХОТЕЛСКО - ТУРИСТИЧКА ИНДУСТРИЈА – Можности, трендови и предизвици

Вториот панел го отвори Даниела Адемоска која има искуство во хотелско – туристичката индустрија повеќе од две децении. Адемоска говореше за предизвиците со кои се справуваше оваа индустрија на глобално ниво после Ковид кризата, а конкретно хотелот на кој таа е сопственик и извршен директор, DoubleТree by Hilton, за кој истакна дека е светски познат бренд кој работи по највисоки стандарди, постојано ги следи технолошките иновации и се трудат да бидат најдобри. Адемовска ги истакна позитивните аспекти во овој сектор, но потенцираше дека се уште има простор за подобрување во делот на услугите кои се нудат, но и со кадарот. Особено беше истакнат делот околу недостигот на кадар во кој многу вложуваат, а заради подобрите услови кои ги нудат странските капацитети, постојано се одлева.

М-р Барбара Оленик Станичиќ која долги години е во хотелско-туристичкиот сектор и претседателка на Хрватската стопанска комора говореше за успешното работење на „Јадран“ д.д Цриквеница од Ријека, Р. Хрватска,  која претставува една од најпопуларните и водечки туристички компании, капацитетите со кои располага, инвестициите и услугите кои се нудат на гостите.  Исто така потенцираше дека Хрватска последниве години доста инвестира во туризмот и го подобри квалитетот на услугите кои ги нудат туристичките капацитети. Таа истакна дека вработените претставуваат најголемата вредност на нивната компанија и многу се инвестира во нив. И Оленик Станичиќ го истакна проблемот на работна сила како глобален проблем, но искрено посочи дека во текот на сезоната има голем број на странски туристи кои бараат работа, а секако, со жалење истакна дека голем број доаѓаат токму од Македонија.

Нина Шерифовска која долги години е дел од хотелиерската дејност исто ја сподели приказната на адаптација на Парк Резиденс после Ковид кризата. Таа истакна дека кризата ги поттикнала да бидат поиновативни и да бараат нови решенија кои ќе се прилагодат на новите потреби на гостите.  Шерифовска говореше за тоа дека хотелот со кој менаџира е препознаен како модерен и луксузен хотел кој ги следи светските трендови. Особено ги следат промените во вкусовите на клиентите и истите ги имплементираат во своето работење со цел да бидат привлечни како за домашните така и за странските туристи. И таа го сподели проблемот од недостиг на квалитетен кадар кој не е спремен да остане во нашата земја и да се развива и едуцира. Елена Лотеска Наумовска која има големо искуство во областа на туризмот, особено земајќи го во предвид фактот дека израснала во еден од најубавите туристички дестинации во нашата земја, градот Охрид, говореше за убавините на оваа дестинации и понудата која ја нуди оваа дестинација. Како сопственичка на туристичка агенција и „Бродот Армада“ во Охрид таа ги сподели услугите кои ги нуди овој брод на домашните и странските туристи истакнувајќи дека истите се достапни во текот на целата година. Исто така го истакна и своето искуство како капетан, што претставува вистинска реткост и привилегија на нашите простори. 


Статијата е прочитана 202 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско