Врвни резултати на учениците на мецосопранот и професор по соло пеење Александра Коцевска – Следат повеќе Новогодишни концерти

Александра Коцевска – мецосопран, професор по соло пеење во Д.М.Б.У.Ц. „Илија Николовски -Луј" и концертен пејач, бележи успеси и во кариерата, но и како професор.

Како педагог периодов кој измина постигна голем број врвни резултати, како во класичната така и во естрадната музика.

На онлајн натпреварот во Молдавија, нејзините ученици се закитија со Гран при и повеќе први награди.

На Балканска Романсијада – Бугарија, пак, учениците добија две награди, а професорката Коцевска беше единствен член на жири комисијата  кој доаѓа од Македонија.

За тековниот месец декември, Коцевска најавува концерти со учениците од Државниот музичко-балестки училишен центар „Илија Николовски -Луј од Скопје, како и Новогодишни концерти на нејзината класа по соло пеење, како и на дувачка класа.

Додека во концертната дејност  во подготовка се концерти кои треба да бидат реализирани во  2025 година, за мецосопранот Коцевска токму следната година е со двоен јубилеј,  поточно таа бележи 10 години сценска дејност и 30 години педагошка дејност.

Коцевска за „Марили“ вели дека Новогодишните и Божиќните празници ќе ги помине во семејна атмосфера, посветувајќи се на семејството и исполнувајќи ги православните обичаи.

Александра Коцевска дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Благоја Николовски. За време на своите студии учествува на бројни натпревари по соло пеење во Македонија и странство, каде е наградувана со високи награди и признанија.

По дипломирањето започнува да работи во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, каде е една од основачите на класата по соло пеење. Во 2002 година ги завршува магистерските студиите во класата на проф. Билјана Јовановска – Јакимовска. Од 2006 година својата педагошка кариера ја продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. 

Како наставник по соло пеење бележи успеси со своите ученици на бројни натпревари.  Како истакнат педагог е често поканувана како член во жири-комисии на меѓународни натпревари. Во 2011година ја добива наградата за повеќегодишна успешна работа во областа на уметничката педагогија од  страна на Здружението на  на музички и балетски педагози на Република Македонија.

Од 2015 година повторно еактивна на концертните подиуми, реализирајќи концерти во соработка со пијанистот Глигор Гелебешев во Тетово, Гевгелија, Кочани, Скопје, Куманово, а често настапува во камерни состави на фестивалот „Златна лира“, концерт по повод Светскиот ден на хармониката. Бележи и настапи во организација на Амбасадите на Р. Србија и Р. Полска.

Мецосопранот Александра Коцевска, со својот раскошен глас ја облагороди атмосферата на овогодишната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на маркетинг агенцијата „Марили“.  


Статијата е прочитана 230 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско