„ЕАМ“ Штип - Единствена вертикална трикотажна компанија во Македонија што произведува за светски брендови
Интервју со Марија Патриклиска, менаџер во Оддел за човечки ресурси во „ЕАМ“ ДОО Штип. Семејна текстилна компанија со долгогодишна традиција за производство на трикотажни материјали и готови производи од нив. Компанијата соработува со многу домашни, но и странски компании, меѓу кои: „Mercedes“, „BMW“, „Porsche“, „Heineken“, „BOSCH“, „T-Home“, „A1“, „MAN“, „Siemens“, „TESLA“, „GооdYear“, „Mischelin“, „Макпетрол“, „Силбо“, „Вивакс“ и други.
Говорењето за себе во прво лице ми е една од најслабите страни, вели за себе Патриклиска. Се смета себеси за едноставна личност и ги обожува патувањата со семејството. „Најголемо животно достигнување ми се синовите“, вели таа.
Патриклиска е овогодишна лауреатка, добитничка на статуетка „Жена водилка“, прогласена за една од најдобрите менаџерки во земјава и регионот, на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“.
МАРИЛИ: „ЕАМ“ е најголема текстилна фабрика во Македонија со сопствено производство. Од што се состои Вашиот асортиман? Своевремено „ЕАМ“ имаше и сопствени плантажи на памук. Како започна оваа приказна и што претставува таа од денешна дистанца?
ПАТРИКЛИСКА: „ЕАМ“ ДОО Штип е семејна текстилна компанија со долгогодишна традиција за производство на трикотажни материјали и готови производи од нив. Шиеме маички, поло маички и дуксери.
Генерален менаџер на компанијата е Александар Патриклиски, а јас сум менаџер во Одделот за човечки ресурси.
Памучните плантажи се убав сегмент од растот и развојот на „ЕАМ“, кој има своја силна симболика.
Прво, нивното постоење е поврзано со перманентниот порив на компанијата кон бескомпромисен квалитет.
Пред повеќе од 10 години, во ситуација на глобален дефицит на квалитетни увозни материјали, а во исто време и вртоглава инфлација на памукот на светскиот пазар, менаџментот на „ЕАМ“ донесе одлука за сопствено производство на нашата главна суровина.
Така, во 2011 година, по цели 30 години од последната жетва на памук во Македонија, штипскиот регион ги доби првите плантажи на памук, кои своевремено се протегаа на површина од околу 55 хектари.
Во однос на споменатата симболика, компанијата „ЕАМ“, со целиот свој тим вработени зад себе, низ овој пионерски чекор ја афирмира и својата некогашна улога на пионер во современиот дизајн за изработка на компјутерски, графички и ликовни обликувања.
По неколку години ги запревме активностите на плантажите на памук под притисок на неповолните климатски услови за оваа индустриска култура, како долгорочен резултат на глобалното затоплување.
Но оваа приказна, која во преден план ја има природата, живее и денес во духот на зелената парадигма, па на местото на некогашните плантажи сега се наоѓаат фотоволтаици што ја покриваат целокупната потрошувачка на енергија на компанијата „ЕАМ“ во текот на годината.
МАРИЛИ: Вие, пред сѐ, сте извозно ориентирана компанија што работи на многу странски пазари и за голем број познати странски брендови. Наведете со кого соработувате?
ПАТРИКЛИСКА: Соработуваме со многу домашни, но и странски компании. Дел од нашите соработници се: „Mercedes“, „BMW“, „VW“, „Porsche“, „Heineken“, „BOSCH“, „T-Home“, „A1“, „MAN“, „Siemens“, „TESLA“, „GооdYear“, „Mischelin“, „Konzum“, „Merkator“, „Tush“, „H&K Carrefour“, „Anhoch“, „Макпетрол“, „Силбо“, „Вивакс“ и други.
МАРИЛИ: Што значи да се работи со познати светски брендови? Колку техничко-технолошките процеси и автоматизацијата мора да ги следат современите текови и модернизацијата за да се обезбеди континуирана соработка со високоетаблирани компании?
ПАТРИКЛИСКА: Да се соработува со светски познати брендови и да се одржува конзистенција во сета таа работа е прашање на професионализам, но и на високи етички бизнис-стандарди. Односно, покрај квалитетот и другите конкурентни предности на продуктот што го нудите, пред сѐ, треба да сте човек за да стекнете, а потоа и да негувате меѓусебна доверба со бизнис-партнерите.
Од старите останало дека треба да се биде еснаф во работата. Низ секојдневната работа се трудиме тоа да им го пренесеме и на подмладокот на нашето семејство што активно партиципира во професионалните обврски.
Од друга страна, во делот на техниката и технологијата, но и на корпоративниот менаџмент воопшто, од суштинско значење е не само да се биде во тек туку и да се држи цврст чекор со динамичните процеси во рамките на нашата дејност.
Постојаната едукација, доквалификацијата, осовременувањето на опремата, но и присуството на саеми и други значајни стручни собири се добитна комбинација кога се во прашање новите професионални познанства, соработки и партнерства. Би го издвоила глобалниот саем ITMA - највлијателен настан од областа на текстилството во светски рамки.
Потврда за високите стандарди што ги исполнува „ЕАМ“ при извршувањето на дејноста се и сертификатите: „OKOTEX 100“, „ISO 9001“, „ISO 14001“, „ISO 50001“.
МАРИЛИ: Текстилната индустрија е една од оние што создаваат најмногу отпад. Дали во Вашата компанија постои систем на преработка, рециклирање на отпадот и на кој начин се грижите за заштитата на животната средина?
ПАТРИЛИСКА: Како што споменав, релацијата со природата ни е важен сегмент - и лично и професионално. „ЕАМ“ не поседува сопствен систем за рециклирање на текстилен отпад, но има склучено договор за соработка со фирми од Турција за негов откуп и рециклирање.
Понатаму, по рециклажата на текстилниот отпад, процесот резултира со нов финален продукт - предиво со полна употребна вредност. Тоа е значително продолжување на животниот циклус на ресурсите и уште позначителна заштита на природните капацитети. Сите помошни средства што ги користиме во секојдневната работа внимателно се избрани и поседуваат еколошки сертификати и 100 % европско потекло.
МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно жената да напредува во кариерата? Дали тоа се личните карактеристики, образованието и доедукацијата, поддршката од семејството, поддршката од тимот или, пак, нешто друго?
ПАТРИКЛИСКА: Од сѐ по нешто, помалку или повеќе. Лично, низ животот и низ работата се водам од една навидум едноставна девиза: Секој што вистински сака да работи, може да најде време за сѐ!
Со оптимален „тајм-менаџмент“ и добра организација може да се постигне секоја цел. Еланот на жената за работа е нејзината движечка сила. Во мојот пример мора да потенцирам дека поддршката од семејството е дополнителна храна што ми дава огромна сила.
Со сопругот Александар сме втора генерација што го развива семејниот бизнис, па имаме чест да уживаме поддршка од нашите претходници, родителите, но и од тие чие време допрва доаѓа - нашите деца. Понатаму, соработката со колективот, со секој вработен во „ЕАМ“, ми е мотив.
А фактот дека имаме колеги што се дел од тимот и над две децении ми е показател за правилната насока во која се движиме и за исправноста на одлуките што ги донесуваме.
МАРИЛИ: Која е Марија Патриклиска приватно? Како успева по напорниот работен ден да се релаксира? Што Ве радува и што Ви дава елан?
ПАТРИКЛИСКА: Говорењето за себе во прво лице ми е една од најслабите страни.
Се сметам за едноставна личност, односно така ме доживуваат и другите. Во текот на годината, 365 дена сум мајка и сопруга и тоа ми причинува најголемо задоволство.
Но, си ги ценам и своите минути во мир да се напијам кафе или да се сретнам со другарките.
Патувањата со семејството ми се вистински рестарт. Најголемо животно достигнување ми се синовите.
Статијата е прочитана 1291 пати.