„КБ Прво Пензиско Друштво“ – Докажан лидер на пазарот за пензиско осигурување

Интервју со Весна Стојановска, генерален директор на КБ Прво Пензиско Друштво АД Скопје. Друштво кое успешно работи на македонскиот пензиски осигурителен пазар безмалку две децении и е лидер на пазарот за пензиско осигурување.

Весна Стојановска како Претседател и член на УО на КБ Прво Пензиско Друштво од 2016 година е посветена на примената на своето искуство и заложба во одржување на лидерската позиција на Друштвото на пазарот на пензиски фондови како и за имплементирањето на концептот на одговорно инвестирање, познато и како ESG- светски тренд кон кој се стремат пензиските фондови во сите развиени земји.

МАРИЛИ: КБ Прво пензиско друштво постои речиси две децении и е водечко пензиско друштво во државата. Дали и по неколкуслојните кризи, како економската, здравствената и енергетската, КБ Прво Пензиско Друштво сѐ уште е лидер на овој пазар?

СТОЈАНОВСКА: Друштвото е основано во 2005 година и управува со два пензиски фонда.  Согласно објавените информации на мапас.мк, овие бројки бележат континуитет на раст и во двата пензиски фон,да бројот на членови е над 290.000, додека инвестиционото портфолио со кое управува Друштвото надмина една милијарда евра, што ја потврдува нашата лидерска позиција и доминантност на пазарот за пензиско осигурување. Кризите секако наметнаа доста предизвици и во нашето работење, но не се одразија на бројот на членови и средствата со кои управува КБ Прво. Во изминатите неколку години светот го погодија неколку кризи последователно кои имаа влијание и во нашиот регион и бизнис. Но, КБ Прво во своето работење успешно има инкорпорирана формула за брза адаптација на нови услови на работење, што покажува дека знаеме и можеме да се носиме и со кризите и предизвиците во тековното работење. Во текот на 2023 година, пазарите на капитал доживеаја раст по турбулентната 2022 година.

И покрај геополитичките тензии во Украина и на Блискиот Исток, резултатите на најголемиот број на компании во светот беа подобри од очекуваните што  придонесе за раст на цените на акциите и позитивни движења на пазарот на капитал. Стапката на инфлација во текот на годината почна да се намалува во однос на рекордната 2022 година, таа беше проследена со рестриктивна монетарна политика пред сè, преку покачување на клучните каматни стапки од централните банки. Во последните месеци од 2023 година како резултат на надолниот тренд на инфлацијата и зголемување на очекувањата за почеток на намалување на стапките во 2024 година, започна и падот на приносите на обврзниците односно остварување на принос поради растот на цената. Фондовите со кои управува КБ Прво пензиско друштво АД Скопје остварија приноси кои значително ги надминаа планираните за 2023 година пред сè, поради растот на странските пазари на капитал.

МАРИЛИ: На кој начин ги заштитувате средствата на Вашите членови во однос на инвестирање? Како пионери во регионот во имплементација на одговорно инвестирање, кажете ни како го спроведувате  „ЕСГ“ концептот кој е светски тренд?

СТОЈАНОВСКА: КБ Прво пензиско друштво АД Скопје ги инвестира средствата на членовите во фондовите со коишто управува во согласност со строго утврдени правила и принципи, под постојан надзор на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, а Банката чувар на имот ги чува средствата на Пензискиот фонд одвоено од средствата на Друштвото.

Средствата на пензиските фондови се инвестираат со цел обезбедување на сигурност на средствата, диверзификација од инвестициските ризици, како и одржување на адекватно ниво на ликвидност. Целта на инвестициите во акции е да се максимизира долгорочниот реален раст на средствата, додека со инвестициите во инструменти со фиксен принос се очекува  да се генерира стабилен приход и да се обезбеди заштита на портфолиото. Започнувајќи од 2021 година Друштвото во управување со средствата на фондовите го имплементира т.н. одговорно инвестирање. Одговорното инвестирање вклучува грижа за околината, општеството и корпоративното управување со компаниите (ESG). Истото опфаќа грижа за животната околина, општеството и корпоративното управување на компаниите. Го трансформиравме нашето портфолио, од традиционално во ESG портфолио преку инвестиции во инвестициски фондови т.н. ЕТФ-и кои прават филтрација и рангирање на компаниите според тоа како се однесуваат кон климатските промени, емисија на јаглерод диоксид, трошење на ограничени ресурси, енергетска ефикасност, модерно ропство, стандарди за работа, корупција, политички лобирања и сл. Значајно е да се спомене дека во текот на 2023 година беше задржан и унапреден концептот на одговорно инвестирање во процесот на управување со средствата. Имено, со т.н. ESG инвестирање, кое беше имплементирано во инвестиционата политика на фондовите, Друштвото успеа значително да го зголеми т.н. ESG Score на странското портфолио, а истовремено да го намали продуцирањето на јаглерод диоксид на странското портфолио.

Ние како Друштво на овој начин се трудиме позитивно да влијаеме врз животната средина и општеството во целина, со надеж дека ќе бидеме иницијатор за промени значајни за општеството и еколошката средина. На овој начин членовите со заштедите заработуваат за деновите во пензија, но исто така придонесуваме за да живееме во поубава и поздрава животна средина.  За нас е гордост фактот дека КБ Прво е синоним за компанија која се грижи за сите главни елементи и е регионален лидер во имплементација на одговорно инвестирање во портфолиото. Не помалку важна е нашата посветеност и грижата за сопствените вработени, насочени кон активности за подобрување на нивните компетенции, како и создавање на можности за унапредување на нивните вештини. Покрај финансиските бенефиции на вработените, КБ Прво постојано внесува новитети во работењето за пријатна атмосфера. Компанија која знае да препознае идеја за промена која ќе донесе вредност. 

МАРИЛИ: Расте ли бројот на граѓани кои се одлучуваат за дополнително штедење преку третиот (доброволен) столб и каков е степенот на информираност за овој вид на штедење? 

СТОЈАНОВСКА: Целта кон која се стремиме е да изградиме потреба и навика за штедење кај младата генерација и подигнување на свесноста за планирање на финансиската сигурност во сите животни периоди. Не е воопшто едноставно во нашето општество да ја поттикнете заинтересираноста кај помладите генерации за производ чија директна придобивка ќе ја почувствуваат дури по 20 или 30 години.

Еден од најголемите предизвици за нас е да го привлечеме вниманието на помладите генерации, односно работоспособното население во текот на работниот век и да ги мотивираме да се заинтересираат и да размислат за својата пензија и квалитетот на нивните пензионерски денови. Факт е дека колку помлади се вклучат, дури и со мал износ можат да заштедат сума која ќе биде значајна за нивните пензионерски денови. Лицата кои се блиску до пензионирање и немаат заштеда ќе мораат да штедат поголема сума на пари, бидејќи периодот за штедење и оплодување на средствата е краток.

Штедењето во третиот пензиски столб е одлична можност за инвестирање на долг рок. И покрај активното залагање за доближување на предностите на производот до потенцијалното членство, сè уште не можеме да кажеме дека истото е драстично зголемено, односно тешко се носи одлука за овој тип на долгорочно инвестирање. Но може да кажеме дека КБ Прво веќе има околу 2 000 пензионирани членови од третиот столб, кои еднократно или повеќекратно го користеле пензискиот надоместок. Покрај физичките лица и работодавачите го вклучуваат овој производ со мотив да инвестираат во лојалноста на вработените или индивидуалната сигурност, и да им обезбедат дополнителен пензиски надоместок по пензионирањето, позитивно влијание врз мотивацијата на вработените и воедно зајакнување на добриот имиџ на компанијата. 

Денес, живееме во време кога имаме исклучителна флуктуација на пазарот на трудот, и платата веќе не е единствениот предуслов за вработување. Барателите на работа, очекуваат и останати бенефиции. Имено, со стимулирање на овој вид на штедење расходите по основ на уплатен придонес во доброволниот пензиски фонд во една календарска година се даночно признат расход од аспект на Данокот на добивка, во висина до две просечни месечни бруто плати, исплатени во претходната година во РСМ. Со нашите едукативни предавања, презентации и учество на настани сè повеќе сакаме да се доближиме до новите генерации средношколци, студенти, за да стекнат знаење за реформата, за пензиските столбови и со поголема сигурност да носат одлуки за овој вид на штедење. На годишно ниво редовно сме дел и од едукативните настани во организација на Регулаторот МАПАС заедно со останатите пензиски друштва преку одбележување на Глобалната недела на парите, деновите на пензиска свесност и деновите на финансиска писменост.

МАРИЛИ: Наведете некои еко кампањи или акции што сте ги реализирале како компанија и кои се Вашите идни планови по ова прашање?

СТОЈАНОВСКА: Грижата за животната средина е тема која е од заеднички интерес на сите нас. Впрочем, тоа е и фокусот на Замени и засади, кампања по која изминатите години е препознатливо КБ Прво. Идејата за кампањата се роди во 2021 година. Креирана е за да ги охрабриме членовите да ја поддржат нашата идеја и да го заменат зелениот плик со електронски извештај, а ние во нивно име ќе засадиме по едно дрво. Со цел помасовно запознавање на јавноста, во 2023 година втора година по ред се одржа забавно-едукативен настан, во Градскиот парк во Скопје, кој имаше за цел преку дружба, игра и забава да ги едуцира посетителите како со мали активности можат да помогнат во унапредување на животната средина. Истиот беше повод и за одбележување на 18 години од формирањето на Друштвото и 18 години од почетокот на реформата. Досега се реализирани три успешни акции за пошумување на различни локации.

Исцрпувањето на природните ресурси, предизвикот за чистата животна околина, климатските промени, процесите на дигитализација наметнаа да размислуваме во насока на креирање на кампања од ваков вид. Во изминатиот период, сè поголема е потребата од модернизација и дигитализација на процесите. Со оглед на тоа, Друштвото креира процеси кои ќе го олеснат работењето од една страна, а од друга страна членовите ќе имаат поедноставен пристап до нашите услуги.

Не застануваме тука, ова се предизвици со кои не се соочува само нашата земја, туку и светот. Корпоративната одговорност, заштитата на околината, социјалната одговорност, развојот на вработените ќе бидат во фокус на нашите активности и во иднина. Ние како Друштво не застануваме тука. Поддршка сме на реномирани, но и на нови лица од областа на културата и спортот, но и на настани кои имаат значаен придонес за општеството.

МАРИЛИ: Како ја оценувате состојбата на пазарот на пензиски друштва во земјава? Дали соодветната регулатива треба да претрпи промени?

СТОЈАНОВСКА: Реформата на пензискиот сектор, која се реализираше пред 19 години, беше воведена со цел да се подобри системот на пензиско осигурување и да овозможи финансиска сигурност и стабилност за идните пензионери, што од оваа временска дистанца се покажува како успешен потег. Членството има можност да избере каде ќе членува, а работата на друштвата е транспарентна и строго законски регулирана.

Од аспект на регулативата, законската рамка на инвестирање е нешто на што треба да се влијае во иднина посебно во Доброволниот пензиски фонд. И по поминати 15 години инвестициската рамка е сè уште иста.

Во следните неколку години бројот на пензионери ќе се зголемува. Поради тоа, потребата за унапредување е повеќе од неопходна. Од една страна, треба да создадеме услови за зголемување на акумулираниот износ на индивидуалните сметки, а од друга страна треба да ја преиспитаме и надоградиме регулативата за исплата на пензија. Предвидените начини за исплата на пензии се бројни, затоа треба да се поедностави законската рамка и да се предлагаат поедноставни решенија. Сите овие решенија треба да бидат во насока на обезбедување повисоки пензии.

МАРИЛИ: Какви се Вашите согледувања, дали расте бројот на жени на менаџерски и одлучувачки позиции во финансискиот сектор? Што треба да се направи жените да се охрабраат и повеќе да ги заземаат одлучувачките позиции во општеството?

СТОЈАНОВСКА: Сметам дека има тенденција на зголемување. Бројот може не е драстично голем како во другите професии, но е за пофалба. Секако, има многу иницијативи, залагање од организации кои упатуваат поддршка сè повеќе жени да се охрабрат и да не се откажуваат од патот кон успехот.

Во поглед на охрабрувањето, прво треба да веруваат во себе и во своите квалитети и способности. Образованието кое го поседуваат, вложувањето во нови знаења, стекнатите вештини, се најмоќните алатки за успех. Тие правилно ќе ги насочат и се одлична водилка кога ќе се наметне потребата за прилагодување, зашто секојдневието, трендовите, конкуренцијата наметнуваат промени. Промените значат и подобри услови за работа и помодерна компанија и позадоволни вработени и клиенти.

Во нашето друштво на секторски раководни позиции во моментов се пет жени, од вкупно 8 раководни позиции, 60% се жени. Самиот податок зборува дека континуирано расте бројот на жени на менаџерски позиции, и секако треба да се охрабруваме и одиме чекор понапред.

МАРИЛИ: Како успешна жена менаџер која е постојано во движење, како успевате да ги избалансирате деловните и приватните обврски? Што Ве релаксира и што Ве мотивира?

СТОЈАНОВСКА: Можноста позитивно да влијаам на развојот на вработените, на развојот на КБ Прво е најголема мотивација за мене како менаџер. Од друга страна, секојдневното соочување со предизвици на работното место, наметнува дека мора да се најде баланс помеѓу она што е работно секојдневие и потребата да посветиме време на себеси, на семејството.

Семејството, најблиските се мојата движечка сила. Времето поминато со нив е драгоцено и најмногу се радувам на заедничките патувања и заедничките одмори.

 

 

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел.  02/ 32 24 229

 


Статијата е прочитана 748 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско