„Бизнис Академија Смилевски“ – во тек уписи на единствената акредитирана високообразовна установа специјализирана за менаџмент

Интервју со проф. д-р Гордана Тасевска, директор на Бизнис Академија Смилевски - БАС во Скопје и Битола. Проф. д-р Тасевска веќе 16 години е дел од БАС како професор во областа на Менаџмент на човечки ресурси, потоа како одговорна за настава, заменик директор и во моментов како директор на академијата. Проф. д-р Тасевска во интервјуто вели дека на новата функција гледа како на можност да ги примени своите знаења и искуства, за да ја унапреди институцијата и да ја подигне на уште повисоко ниво.  

Бизнис Акадедемија Смилевски е единствената акредитирана високообразовна установа која успешно функционира во областа на високото образование уште од 2007 година. БАС успешно создава кадри од областа на менаџментот коишто се препознатливи по вештините и компетенциите, стекнати за време на студиите. 

МАРИЛИ: Најпрово честитки за новата функција, директор на Бизнис Академија Смилевски. Од кога сте дел од БАС, на кои позиции бевте претходно и каков предизвик претставува новата функција за Вас?

ПРОФ. Д-Р ТАСЕВСКА: Ви благодарам за честитките. Навистина е голема чест и привилегија да го преземам раководењето со Бизнис Академија Смилевски (БАС), институција со која сум нераскинливо поврзана веќе 16 години. Во текот на овој период, имав можност освен како професор во областа на Менаџмент на човечки ресурси, да поминам низ различни функции, почнувајќи како одговорен за настава, потоа како заменик директор, пред да ја преземам сегашната функција. Ова долгорочно искуство ми овозможи длабоко разбирање на организациските процеси, академските стандарди, како и предизвиците и можностите кои ги нуди високото образование. Секој од овие ангажмани беше исклучително значаен за мојот професионален развој и за моето разбирање на улогата која образованието ја има во општеството.

Преземањето на функцијата директор со мандат од три години е голем предизвик и одговорност за мене. Гледам на ова како на можност да го применам стекнатото знаење и искуство на начин кој ќе ја унапреди нашата институција и ќе го подигне нивото на квалитет во образованието кое го нудиме.

Мојот фокус ќе биде насочен кон континуирано подобрување на наставните програми, зајакнување на академската заедница, и обезбедување на уште поголема конкурентност на нашите дипломци на пазарот на трудот.

Верувам дека БАС има потенцијал да стане лидер во високото образование, не само на локално, туку и на регионално ниво, и со оваа визија ќе продолжам да работам, поттикнувајќи иновации и воспоставувајќи нови стандарди на успех.

Посебно горда сум на тоа што сум дел од БАС од самото отворање. Имав привилегија да бидам сведок и активен учесник во растот и развојот на Академијата од нејзините почетоци.

Од првиот ден, бев посветена на поставување на темелите и развивање на наставните програми кои денес претставуваат суштински дел од нашата институција. Ова длабоко вкоренето искуство ми дава уникатна перспектива за предизвиците и можностите со кои ќе се соочуваме во иднина, и дополнително ме мотивира да ја водам БАС кон нови успеси.

МАРИЛИ: Што опфаќаат студиските програми за академската  2024-2025 година, како за додипломските, така и за последипломските студии?

ПРОФ. Д-Р ТАСЕВСКА: Нашите студиски програми за учебната 2024-2025 година се внимателно дизајнирани за да ги подготват студентите за предизвиците и можностите на современиот пазар на трудот. На додипломските студии, нудиме две програми: Бизнис менаџмент и Маркетинг менаџмент.

Програмата за Бизнис менаџмент има за цел да ги оспособи студентите во различни аспекти на менаџирањето на бизнисите, од планирање и организација, оперативните процеси и менаџирањето на човечки ресурси до финансиски менаџмент. Со фокус на практични вештини и аналитички пристап, програмата ги подготвува студентите да станат компетентни менаџери, подготвени да работаат во успешни организации, но и да отвораат сопствени бизниси.

Маркетинг менаџмент како програма е наменета за студентите кои сакаат да ја разберат и совладаат уметноста и науката на маркетингот. Од класичен маркетинг до дигитални стратегии, програмата ги покрива сите аспекти на маркетингот и комуникацијата.

Студентите ќе научат како да развиваат иновативни маркетинг кампањи, како и да ги анализираат и интерпретираат пазарните податоци, со што ќе станат високо вработливи во динамичниот свет на маркетингот.

Стратегиски менаџмент на човечки ресурси е нашата постдипломска програма која е фокусирана на создавање лидери во полето на менаџирањето на човечки ресурси.

Со оглед на тоа дека човечките ресурси се клучен фактор за успехот на секоја организација, оваа програма нуди длабинско разбирање на стратегискиот пристап кон менаџирањето со луѓе, развој на таленти и организациска култура. Студентите ќе бидат оспособени со напредни знаења и вештини кои ќе им овозможат човечките ресурси да ги издигнат кон човечки капитал на начин што ќе ја зголеми продуктивноста и иновацијата во организациите.

Сите наши програми се дизајнирани со силен фокус на вработливоста на студентите. Во текот на студиите, студентите се изложени на реални деловни случаи, работат на проекти со компании и учествуваат во пракси кои им овозможуваат да стекнат директно искуство од организациите. Програмите се постојано ажурирани за да ги одразуваат најновите трендови и потреби на пазарот, со цел да ги направат нашите дипломци конкурентни и подготвени за успех веднаш по завршувањето на студиите. Со ваков пристап, веруваме дека нашите студенти не само што ќе ги совладаат теоретските концепти, туку и ќе бидат подготвени да ги применат во практиката, што значително ќе ја зголеми нивната вработливост и способност да се адаптираат на брзо променливата деловна средина.

МАРИЛИ: Практичната настава како дел од програмската содржина во студиските програми, БАС ја воведе и тогаш кога таа не беше обврзна со Законот за високото образобание. Колку таа им помага да се вработат во реалниот сектор?

ПРОФ. Д-Р ТАСЕВСКА: Практичната настава е еден од клучните елементи на нашите студиски програми во БАС, и горда сум што Академијата ја воведе уште пред таа да стане законска обврска. Оваа проактивност во образованието е одраз на визијата на еден од основачите на БАС, проф. Цветко Смилевски, кој како ментор на мојот завршен труд на докторските студии, ја насети потребата од практично образование и неговото значење за вработливоста на дипломците и истата иницијатива беше тема на докторскиот труд. Преку детално истражување и анализа, дојдовме до заклучок дека практичната настава не само што ја зголемува вработливоста на студентите, туку и ги подготвува за предизвиците со кои ќе се соочат во реалниот сектор. Ова сознание уште тогаш го споделив со проф. Смилевски, и заедно ја формулиравме стратегијата која БАС денес ја применува во своите програми.

Практичната настава овозможува на студентите да стекнат реално искуство уште додека се во процес на учење. Тие се соочуваат со вистински деловни предизвици, работат на конкретни проекти и учествуваат во процесите на компании од различни сектори. Ова им помага не само да ги применат теоретските знаења во пракса, туку и да изградат мрежа на контакти со потенцијални работодавци.

Од своето лично истражување и долгогодишно искуство во образованието, можам да кажам дека ваквата интеграција на практичното образование е клучен фактор за успехот на нашите студенти. Многу од нашите дипломци веднаш по завршувањето на студиите добиваат понуди за работа или продолжуваат да работат во компаниите каде што ја спроведувале практичната настава. Ова не само што им обезбедува конкурентна предност, туку и ја намалува транзицијата од образовниот во работниот сектор. Во контекст на денешниот брзо променлив пазар на труд, каде што компаниите бараат дипломци со практични вештини и искуство, ваквиот пристап е повеќе од неопходен. БАС и понатаму ќе продолжи да ја развива и унапредува практичната настава, со цел нашите студенти да бидат подготвени за успешни кариери и да придонесуваат кон развојот на економијата и општеството во целина.

МАРИЛИ: Како професор, Ваша област е менаџмент на човечки ресурси чии компоненти се предметните програми по личен менаџмент, организациско комуницирање, интерперсонални деловни вештини, организирање на настани, пред неколку години со Вашата колешка д-р Даниела Карадаков издадовте книга и Практикум по личен менаџмент. Од денешна дистанца, колку содржините од оваа литература наоѓаат примена?

ПРОФ. Д-Р ТАСЕВСКА: Издавањето на книгата и Практикумот по личен менаџмент, кои ги подготвивме заедно со д-р Даниела Карадаков, беше резултат на долгогодишно искуство и истражување во областа на менаџментот на човечки ресурси. Од денешна перспектива, можам со задоволство да кажам дека содржините од оваа литература наоѓаат широка примена и денес, што го потврдува нивниот значаен придонес во академската заедница и во практиката.

Од практична гледна точка, оваа литература им помага на студентите и професионалците да ги идентификуваат своите силни страни и области за подобрување, да ги развијат менаџерските вештини преку управувањето со времето и личниот маркетинг, до разбирањето на стресот и мобингот на работното место.

Овие содржини нудат сеопфатен пристап кон самоуправувањето и подобрувањето на личните компетенции.и да ги применат научените концепти во реални ситуации. Токму затоа, содржините од нашата книга и Практикум наоѓаат примена во различни сектори, како што се бизнисот, образованието и јавната администрација, и продолжуваат да бидат релевантни и корисни алатки за личен и професионален развој. Во време на брзи промени и нови предизвици, ваквите основи се од витално значење за успехот и ефективноста на поединците и организациите, и затоа верувам дека оваа литература ќе продолжи да игра значајна улога и во иднина.

МАРИЛИ: Што поточно претставува личен менаџмент, колку фокусирањето на личниот развој влијае врз современото менаџирање и каква е улогата на личниот менаџмент во водењето на организациите?

ПРОФ. Д-Р ТАСЕВСКА: Личниот менаџмент претставува процес на свесно менаџирање со сопствените вештини, време, и личен развој со цел да се постигнат поставените цели, како на професионално, така и на лично ниво.

Тој е клучен елемент во современото менаџирање, бидејќи ефективното менаџирање со себеси е основа за успешното менаџирање со тимови и организации.

Во денешниот динамичен и брзо променлив бизнис свет, фокусирањето на личниот развој станува сè поважно. Менаџерите кои активно работат на сопствениот личен развој – развиваат нови вештини, подобруваат своите компетенции и го унапредуваат своето ментално и емоционално здравје – се поефективни лидери.

Тие се способни да се прилагодат на нови предизвици, да носат информирани одлуки и да ги мотивираат своите тимови да го дадат најдоброто од себе. Менаџерите кои го практикуваат личниот менаџмент покажуваат пример на одговорност, дисциплина и континуиран развој, што ги инспирира и мотивира и останатите вработени во организацијата.

МАРИЛИ: Колку компаниите вложуваат во обуки и едукации за подобрување на личниот развој на вработените? Дали низ годините се зголемува интересот по ова прашање?

ПРОФ. Д-Р ТАСЕВСКА: Компаниите денес инвестираат во различни форми на обуки, од традиционални тренинзи за развој на вештини до современи методи како што се коучинг, менторство и онлајн курсеви.

Овие програми се дизајнирани да ги подобрат не само техничките компетенции на вработените, туку и нивните меки вештини, како што се комуникацијата, тимската работа, менаџирањето со времето и емоционалната интелигенција. Овие инвестиции не се само трошок, туку стратегиска инвестиција која враќа многу повеќе преку зголемена ефективност, иновативност и конкурентност на пазарот.

Дополнително, глобалната конкуренција и брзите технолошки промени ги поттикнуваат компаниите да се адаптираат и да инвестираат во развојот на своите таленти, за да останат конкурентни. Работните места сè повеќе бараат специјализирани вештини и знаења.

Компаниите мораат да инвестираат во обуки за да ги задоволат овие барања, додека вработените се фокусираат на доживотно учење за да ја одржат својата релевантност на пазарот на труд.

МАРИЛИ: Како професор, менаџер и родител, како успевате да ги усогласите деловните и приватните обврски? Што е она што Ве исполнува во слободното време?

ПРОФ. Д-Р ТАСЕВСКА: Усогласувањето на деловните и приватните обврски е постојан танц на баланс меѓу различните улоги кои ги имам во животот. Како професор, менаџер, мајка, и сега баба, секој ден носи свои предизвици и радости. Но, токму во таа динамика го наоѓам моето исполнување. Секојдневното планирање ми помага да ги распределам обврските на работа и дома, така што успевам да го најдам потребното време за секоја задача и за секој член од семејството.

Разбирањето и поддршката од страна на семејството ми овозможува да ги исполнам и професионалните и личните обврски. Моите две возрасни деца, кои сега имаат свои оформени семејства, се извор на огромна гордост и среќа. А од неодамна, со доаѓањето на мојата едногодишна внука, срцето ми е уште повеќе исполнето. Таа малечка насмевка може да го осветли и најтешкиот ден.

Во слободното време, најмногу уживам во прошетките на крајот од денот. Тие ми даваат можност да ги соберам мислите и да го оставам зад себе работниот ден. Прошетките ми помагаат да го најдам внатрешниот мир. Се радувам и на средбите со пријателите, кои се како мал празник во секојдневието, полни со топлина и радост.

Пишувањето текстови на дадена музика ми е уште една страст. Кога ја пуштам музиката и седнувам да ги пренесам мислите на хартија, чувствувам како да влегувам во еден свој свет каде што можам да изразам сè што чувствувам. Тоа е време само за мене, каде што можам да создавам и да ги споделам моите идеи и емоции.

И конечно, читањето книги со лесна содржина ми е како бегање во некој друг свет. Сакам да се изгубам во страниците на некоја интересна приказна, која ме опушта и ме одмара од секојдневните обврски. Тоа е мојот начин да го завршам денот во мир и задоволство.

 

 

 


Статијата е прочитана 1150 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско