„СорС Академија“ Белград – во тек уписи на единствениот регионален центар за едукација на професионалци во областа на осигурувањето
Интервју со м-р Зорана Пејчиќ, претседател на СорС Академија од Белград, центар за едукација на професионалци во областа на осигурувањето, реосигурувањето, посредување во осигурувањето, управување со ризици и корпоративен менаџмент. Пејчиќ повеќе од една деценија беше претседател на Извршниот одбор (ИО) на „Дунав Ре“ од Р. Србија, а повеќе од 20 години работела на менаџерски позиции во областа на осигурувањето и реосигурувањето.
М-р Пејчиќ годинава во мај, беше директен учесник на третиот регионален „Марили Бизнис Форум“, како панелист на третата панел сесија насловена како „Дигитализација и автоматизација во областа на човечки ресурси“. Пејчиќ беше прогласена за една од најуспешните жени менаџери од регионот, од страна на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: Почитувана Зорана, повеќе од една година сте претседател на СорС Академијата во Белград. Кажете ни, со што се занимава академијата, каков вид на едукација нуди и дали е наменета за почетници, вработени и менаџери? Колку време траат обуките/едукациите?
М-Р ЗОРАНА ПЕЈЧИЌ: Академијата СорС е основана во јули 2023 година со цел, на иновативен и едноставен начин да обезбеди едукација за професионалци во областа на осигурувањето, реосигурувањето, посредување во осигурувањето, управување со ризици и корпоративен менаџмент.
Едукацијата е организирана за различни нивоа на претходно стекнато знаење и примена на пракса, односно програмите за едукација за својот предмет и обем на работа, се формираат за почетниците, еднакво како и за понатамошен развој и усовршување на знаењето за среден и висок менаџмент.
Едукативните програми се организираат за една група учесници во времетраење од два, три или пет работни дена, што зависи од бројот и специфичноста на студии на случаи на избрани за поединечни програми, кои се селектират од страна на Стручното тело на СорС Академијата.
МАРИЛИ: Кога започнуваат уписите на студенти и дали имате кандидати од Р.С. Македонија? Што е она што ја прави академијата специфична и колку знаењата од оваа академија се практично применливи? Во кои се сфери можат да работат оние кои ќе завршат на Вашата академија?
М-Р ЗОРАНА ПЕЈЧИЌ: Првата едукативна програма на СорС Академија е организирана во април 2024 година. Имплементацијата на програмата беше исклучително успешна, мерено според повеќе критериуми, почнувајќи од самата оценка за ефикасност и ефективност на едукација кои ги дадоа учесниците во априлската програма. Имаше над 120 учесници во програмата. Од Северна Македонија имавме одличен одѕив од осигурителните компании Триглав Осигурување, Сава Осигурување и Еуролинк.
СорС Академија е единствен регионален едукативен центар чиј „брендмарк“ е давање на практично и непосредно применливо знаење на учесниците. Методот на работа на нашата академија е „симулација“, односно учење низ структурни групни активности на учесниците на Студии на случаи кои се примери од праксата на осигурувањето и реосигурувањето. Ментори на нашите едукациски програми се професионалци, кои повеќе од 15 години се ангажирани во регионалната и меѓународната осигурителна индустрија.
Учесниците на нашата Академија се вработени како во финансискиот, така и во комерцијалниот и индустрискиот сектор, односно самите купувачи на осигурителни услуги, кои во претходниот период покажале заинтересираност да учествуваат во нашата работа, а заради стекнување на потребни знаења со кои би ја унапредиле својата улога и би овозможиле адекватни и квалитетни услуги во осигурувањето.
МАРИЛИ: Вие имате долгогодишно искуство во осигурителната индустрија, а до неодамна бевте и на чело на „Дунав Реосигурање“ Србија. Дали осигурителниот сектор во вашата земја и регионот ги следи новитетите и трендовите на современото осигурување, како во Европа така и светот? Што е особено актуелно во осигурувањето во последниве години, посебно во постковид периодот?
М-Р ЗОРАНА ПЕЈЧИЌ: Јас навистина имав огромна чест и среќа десет години да бидам ЦЕО и да развивам една реосигурителна компанија и да оствараиме резултати заедно со тимот кои говорат за исклучителната успешност на нашата работа. Еден од условите за остварување на добри резултати е да бидете компанија која е континуирано развојно ориентирана и иновативна во сите сегменти на делување, што неопходно ги подразбира следењата на најновите ризици и трендови за развој на осигурувањето на меѓународниот пазар, како и нивната примена и прилагодување на приликите и можностите за развој на вашата компанија, на пазарот на кој делувате.
Од актуелните ризици, освен Сајбер (кибер) ризикот и ризикот од примената на Вештачка интелигенција (AI) во осигурителното работење, би ги истакнала и климатските промени кои остануваат сеприсутна закана, потврдувајќи го своето влијание преку растечките температури, екстремните временски случувања и еколошките промени.
Како растат глобалните температури, осигурителната индустрија мора проактивно да се занимава со ескалирачките ризици поврзани со топлотни бранови, надојдени бури и раст на нивото на морињата. Денеска сѐ повеќе е потребна блиска соработка меѓу осигурителната индустрија, државите институции, економскиот сектор и специјализираните институции, поради стратешко планирање и иновативни мерки кои е неопходно да се воведат, со цел ублажување на последиците од ризиците од климатските промени кои доаѓаат.
Соочена со новите ризици, осигурителната индустрија се наоѓа на критична крстосница. Прилагодливост, соработка и иновативни решенија во осигурителните произиводи се неопходни од една страна, како и проактивна стратегија за управување со ризици и напреден пристап во обезбедување на отпорна и успешна иднина на осигурителната индустрија, од друга страна.
Самите бизниси кои сакаат да се потпрат на осигурувањето, мораат да бидат информирани и едуцирани за подобро да ја разберат нивната оперативна и финансиска изложеност на нови ризици, и нивниот апетит за ризик и толеранција и подобро да работат во партнерство со осигурениците за да постигнат оптимална пресвртна точка помеѓу задржаниот ризик и купувањето на осигурувања.
МАРИЛИ: Годинава ја добивте наградата – статуетка „Жена водилка“ од агенција „Марили“ како една од најуспешните жени менаџери од регионот. Каква сатисфакција се ваквиот тип на награди за менаџерките и колку ваквите настани придонесуваат за вмрежување и соработка на жените во регионот?
М-Р ЗОРАНА ПЕЈЧИЌ: Малку е кажам дека сум почестена што сум една од 13-те избрани жени од целиот регион на Поранешна Југославија, да бидам носителка на наградата „Жена водилка“. Оваа титула ме прави горда, среќна и уште поодговорна за сите активности кои ми следат како човек, вработена жена и родител.
Сметам дека жените се витална економска сила и дека имаат повеќеструки улоги во општетството затоа што се катализатори на општествените промени и економскиот напредок. Како половина од светската популација, жените се и половина од потенцијалот на планетата, тие се центар на најразлични трендови, имаат силно присуство во работната сила, а истовремено имаат клучна улога во семејството и домаќинството.
Навистина верувам дека со подобрување на услугите за потребите на жените, без разлика дали се финасиски, здравствени или други, имаме можност да иницираме многу понатамошни промени и напредок.
Тоа што сум дел од „Марили Бизнис Клуб“ значи дека сум на вистинското место, заедно со останатите членки со кои ја делиме истата визија. Активно ќе учествуваме во развојот на претстојните проекти на кои ќе даваме поддршка преку присуство и поттикнување на значењето на жените во општеството и економијата.
МАРИЛИ: Како го оценувате напредокот на женското менаџерство, лидерство и претприемаштво во Вашата земја и во регионот. Дали сметате дека овие процеси треба да се движат со позабрзано темпо и што се презема по ова прашање во Република Србија?
М-Р ЗОРАНА ПЕЈЧИЌ: Можностите во женското менаџерство во Србија се значително подобрени во однос на периодот од пред десет и повеќе години, во смисла на тоа дека е зголемен процентот на нови претприемачки, како и тоа дека сега жените се на многу подобри позиции во рамки на корпорациите во кои работат.
Влегуваат во претприемштвото со мотив за достигнувања, а не од нужност, пообразовани и поедуцирани се. Подиверзифицирани се во смисла на бројот и видовите на индустрии во кои работат, свесни се за значењето и потребата за инвестирање во сопственото образование и развојот на човечките ресурси, а нивните бизниси се поотпорни на криза, а за тоа е доказ Ковид-19 пандемијата.
Од друга страна, во Србија, како и во регионот, сè уште има голем број планирани активности чијашто реализација може да го поттикне развојот на женскиот бизнис, во смисла на развој на мерки за поттикнување на женското претприемништво преку подобрување на институционалната рамка.
Потоа, унапредување на бизнис климата и поттикнување на мотивацијата на жените да влезат во претприемаштвото, нивни медиумски промоции, подобрување на финансиската поддршка за женското претприемаштво, образовни програми, советодавна и друга нефинансиска поддршка, поддршка за транзиција кон зелена економија или пак мерки за усогласување на семејниот и професионалниот живот на жените претприемачи.
МАРИЛИ: Која е Зорана Пејчиќ приватно? Што е она што Ве прави среќна, ве релаксира и го исполнува вашето слободно време?
М-Р ЗОРАНА ПЕЈЧИЌ: Одлично прашање. Една од првите лекции што секоја деловна жена треба да ја совлада е да го раздвои приватниот од работниот живот, поготово ако сте како мене со години на раководни позциции кои сами по себе носат долги работни денови и голем број активности и одговорности кон самата компанија и вработените.
Со јасна граница меѓу деловниот и приватниот живот вие секако внесувате квалитет и успех кој треба да постои во двата аспакта од вашиот живот за да бидете трајно среќни, исполнети и задоволни.
Приватно, пред сѐ, поминувам квалитетно време заедно со семејството и пријателите, го усовршувам моето професионално знаење бидејќи ова е континуиран процес.
Учам странски јазици, патувам, имам своја мала работилница каде реконструирам мебел, читам, готвам, спортувам...
Сè на сè, живеам едноставен и исполнет живот.
Статијата е прочитана 473 пати.