Туризмот може да претставува еден од петте столба на македонската економија

Интервју со д-р Љупчо Јаневски, универзитетски професор и поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Д-р Јаневски во интервјуто говори за предвидувањата за раст и развој на туризмот, колку Македонија има потенцијали туризмот да стане еден од носечките столбови за развој на македонската економија, што треба да се направи за унапредување и промоција на алтернативниот и масовниот туризам, воопшто.

МАРИЛИ: Проф. д-р Јаневски, како искусен стручњак во областа на туризмот и поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризам, располагате ли со податоци, дали и колку досега се реализираа предвидувањата коиштo ги имавте оваа година?

ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: За да можам да одогворам на ова прашање потребно е да се вратиме некаде во 2018 година кога една моја изјава „во Македонија туризмот може да донесе повеќе од 500 милиони долари туристички промет“ (дотогаш 328 милиони долари) одекна преоптимистички и наиде на критики и песимизам кај дел од македонскиот туристички сектор.

Изминатата 2023 година македонскиот туристички сектор ги заврши со 598,5 милиони долари туристички промет кој приближно претставува 4 отсто од бруто домашниот производ. Да се потсетите дека овој период е поминат со голем број на предизвици како држава и туристичката индустрија како менување на името на државата, одразувајќи се без туристички бренд, и пандемијата која без разлика на сѐ успешно се изменаџира во туризмот за да израснеме во уште пожилава дестинација која треба да го почне својот следен циклус на развој.

Туризмот по многу нешта преставува феномен и област која влијае врз повеќе од 21 економска гранка на директен или индиректен начин. За стручната и научна фела, туризмот преставува уметност на рударење, обработка и анализирање на податоци за создавање конкурентни среднорочни стратегии комплементарни со долгорочните државни стратешки цели во оваа област. За жал, Македонија нема стратегија за туризам, односно, истата е толку застарена што нема потреба воопшто да се спомнува или мери нејзината имплементација и предизвикани ефекти. Затоа Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во 2020 година го постави стратешкото планирање и заздравување на македонскиот туристички сектор во три чекори од кои првиот со домашни туристи за време на пандемијата и познатата кампања „Дома си е Дома“, вториот со фокус на регионалните пазари и традиционалните, и третиот, во кој се започнува нова национална туристичка кампања во светот која ќе ги следи сите останати потребни промени во секторот.

Доколку се погледнат податоците од 2024 година, туризмот во Македонија го продолжува својот континуиран раст во бројот на туристи и ноќевања, но споредбено со 2019 година и традиционалните пазари, не изгледа сѐ розово. Традиционалните пазари како Холандија, Полска, Бугарија, Грција се во минус од 20% до 80% и не очекувам драстично да биде променета состојбата ни со завршување на летната сезона, што покажува дека некаде се греши во пристапот, нови туристички производи, а највеќе во промоцијата која изостанува во 2024 година. Намалениот број на чартери, редовни линии од охридскиот аеродром, пад на просечниот престој на туристите, недостаток на инвестиции и друго, отвораат голем број на прашања кои треба да бидат одговорени од надлежните институции и менаџментот кои ги водат. Сепак, 2024 година ќе ја завршиме со каков – таков раст кој убедливо ќе биде најмал од регионот, негативно одразувајќи се на 2025 година во македонскиот туристички сектор.

МАРИЛИ: Колкав дел од туристичкиот „колач“ им припаѓа на Охрид и Скопје, како главни туристички центри и што треба да се направи за да бидат уште потрактивни во текот на целата година?

ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: Вообичаено, скопскиот и југозападниот регион се со најголем број на посети од туристите и остварените ноќевања поради повеќе причини, односно 65% од остварените посети и ноќевања во текот на годината.

Структурата на туристите и сезоналноста се разликува бидејќи градот Скопје е бизнис центар и генерира посети од различен тип во текот на годината за разлика од Охрид и Струга кои се туристички центри и сезоналноста е сведена на неколку месеци. Сепак, многу малку е направено од локалната самоуправа за туризмот и за негово подигање на повисоко место, бидејќи многу недостасува пред сѐ визија, која ќе започне со креирање на нови туристички проиводи и основната цел, туристите да го продолжат престојот во дестинацијата.

Колку е нашиот главен град конкурентен со останатите, ако врвните настани во културата или гостувањето на светски ѕвезди ги пребројуваме на една рака. Дури и сме заборавиле како изгледа добар дочек на Нова година и светска или регионална ѕвезда која ќе го наполни градот со туристи. Јавниот превоз, хигиената, туристичките информативни центри, јавните тоалети ако ги пронајдете, промотивните материјали, дигитализацијата во туризмот, регистри на приватни станоиздавачи, место за паркинг на туристички автобуси, конгресен центар, платена туристичка такса, немање на авто-камп во градот, туристичка инспекција, и вака можеме да набројуваме уште многу до недоглед. Истиот град кој треба во 2028 година да биде „Европски град на културата“ веќе сериозно треба да работи на подготовките и создавање на друга развојна и културна димензија на живеење доволно конкурентна со останатите главни градови во регионот. Скопје е градот на солидарноста и зарем е потребен поголем туристички бренд од тоа? Скопје е мојот град каде сум се родил и живеам, но туристичкиот бисер Охрид секогаш е во моето срце и уживам во градот кој е препознаен и заштитен од УНЕСКО, но очигледно не успеавме да го заштитиме од нас. Типичен пример на немање визија за промоција е светски познатата манифестација „Охридско лето“ која се рекламира со едно коцкасто пано на центрот од градот кој е преплавен со билборди и испреплетен со ленти за гостување на сѐ и сешто за време на августовските празници.

За да се базираме на „Охридско лето“ како бренд кој вистински е дел од престојната програмата за 2025 година, веќе треба да биде во понудите на туристичките агенции и странските туроператори. Звучни имиња со концерти за отворање на сезоната за Велигденските празници во Охрид за привлекување на една друга публика, а сѐ останато со засукани ракави и деноноќна работа „бидејќи каков Охрид ќе создадеме како туристичка дестинација, во таков и ќе мора да функционираме“. Охрид е дестинација за 12 месеци која треба да биде исполнета со голем број на манифестации, конгреси, спортски турнири, културно и историско наследство, стари занаети, алтернативни форми на туризам, дигитализација во секторот, силна и насочена промоција кои вон летната сезона, можат да генерираат повеќе ноќевања и создадат зголемена просечна исполнетост на хотелите со очекуван мулипликативен ефект во локалниот економски развој. 

МАРИЛИ: Дали Македонија има потенцијали туризмот да стане еден од економски позначајните столбови во нашата земја и накусо, која е Вашата визија за развој?

ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: Силно верувам дека туризмот во Македонија може да ја зајакне нашата економија и зголеми растот на бруто домашниот производ, а тоа досега повеќе пати е докажано низ статистики. Ако во 2011 туризмот изнесува 0,2% во БДП, во 2019 изнесува 1,9%, за во 2023 година достигне близу 4% во сектор во кој се постигнати импонзантни резултати со раст од 25% на туристички промет и повеќе од 35.000 вработени. Еден од ретките сектори кој бележи раст во последните три години и кој докажа дека може да преставува еден од петте столба на македонската економија. Токму и мојата посветеност и заложба туризмот да го добие своето заслужено место како министерство и имплементирање на регионалните и светски практики на ова поле.

Потребата од ново реархитектуирање на туризмот во Македонија преку создавање на Национална туристичка организација, дестинациски менаџмент организации - ДМО, туристичка инспекција и полиција како и долгоочекуваната стратегија за туризам која ќе ги следи државните политики и стратешки цели на развој. Една од целите на што е насочено стратешкото планирање за 2023 на АППТ преставува голем број на имплементирани проекти кои преку бројки е 4,5 милиони ноќевања заклучно со 2028 година, една милијарда долари туристички промет и повеќе од 40.000 вработени во туризмот и угостителството, нови инвестиции и комплетно туристичко брендирање на државата, светска промотивна кампања за Македонија и дигитализација на секторот.

Околу реализацијата на овие цели потребна е политичка волја на новата Влада и Министерството за култура и туризам кое треба да ја одигра круцијалната улога во наредните неколку години. 

МАРИЛИ: Каква е соработката со регионот, дали треба да имаме заеднички проекти како што се балканските тури, и колку се работи на ова поврзување?

ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: Соработката е на многу високо ниво на секое поле, пред сѐ, бидејќи ја имаме иницијативата „Отворен Балкан“ која ја зголемува дестинацијата и создава зголемена конкурентност помеѓу земјите членки, но и како голема дестинација во регионот и Европа. Одлична можност за уште поголемо вмрежување и создавање на нови регионални туристички производи што ќе мотивираат повеќе туристи од Европа да нѐ посетат.

Сепак, има уште многу да се работат на ова поле покрај тоа што голем број на туристички дестинации во регионот се комплементарни потребно е повеќе кружни патувања во делот на културното и историското наследство, верскиот туризам. Ено-гастро концептот, националните паркови или на странските туроператори да им се понуди можност за повеќе програми кои ќе бидат понудени на туристите.

Дури во блиска иднина може да се размислува на заеднички настап на саемските манифестации како „Отворен Балкан“ и промотивна кампања за посета на туристите. Ова преставува голема можност за македонскиот туристички сектор кој треба во континуитет да вложува и подобрува во повеќе полиња за да остане доволно конкурентен во рамките на регионот. Можност и за потенцијалните инвеститори кои треба да се привлечат и претстават поволностите и предноста на вложувањето во една дестинација со потенцијални 11 милиони домашни туристи во Отворениот Балкан.

МАРИЛИ: Вие сте универзитетски професор и вашата докторска дисертација е „Екотуризам и одржливост на дестинации“. Колку кај нас во пракса се работи на ова поле?

ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: Екотуризмот во последните години преставува една од најбрзорастечките туристички форми, пред сѐ, во новата туристичка реалност по завршувањето на пандемијата. Македонија има идеални услови за развој на екотуризмот кој покрај неговата примена треба да обезбеди правилно управување на националните паркови и заштитените подрачја и соодветна заштита на животната средина. Максимално интегрирање на локалното население во неговото практикување, вложувања во еко сместувачки објекти кои ќе ги следат препораките за одржливи дестинации.

Потребна е државна стратегија за развој на екотуризмот во која точно ќе се одредат чекорите на неговиот развој. Сепак, додека има изјави на раководни лица кои се залутани во туризмот како „масовниот туризам може да биде одржлив“ или дека „Екотуризмот е измислен термин“, нѐ чека голема работа на ова поле. Време е повеќе професионалци, а не кариеристи во македонскиот туристички сектор кои активно ќе работат со факултетите и експертите на негов развој и примена.

МАРИЛИ: Кои видови на алтернативен туризам се најопфатени во земјава? Дали руралниот туризам зема замав и што треба да се направи по ова прашање?

ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: Можностите за развој на руралниот туризам и одредени алтернативни форми за кои има предуслови во одредени дестинации се големи, но за сериозен развој потребни се државни проекти кои ќе отпочнат циклус на развој. Неколку од проектите кои го понудивме до 2023 година фокусирани на развој на руралниот туриам е „50 села, 50  туристички приказни“ со кој во повеќе фази се поставуваат основите за негов развој односно инфраструктура, валоризација, сместувачки капацитети, обука за локалното население и одредени финансиски линии кои ќе овозможат поголем број на млади луѓе започнуваат со туризмот во руралните средини.

Овој проект и покрај неговото одобрување од страна на владата сѐ уште не е започнат со било која фаза од страна на институциите. Доколу минатата година ја заокруживме со 225 винарии од кои повеќе од половината се мали и семејни винарии, истите не можеме да ги пронајдеме бидејќи недостасуваат туристички знаци, нивна валоризација, дегустациски центри и вински патишта кои ќе бидат посетувани од туристите. Одлични потенцијали за развој на уникатен ено-гастро концепт по кој може да се брендираат цели региони и егзистираат од винскиот и агри-туризмот.

Проекти кои ќе го забрзаат развојот на руралниот туризам кои сериозно може да му помогнат на локалниот економски развој, додека локалните самоуправи е потребно да се фокусираат на европските фондови и меѓуграничните проекти кои можат многу да помогнат во развој на туризмот во општините и планските региони. Развојот на руралниот и еко-туризмот и нивното практикување позитивно влијае врз локалниот економски развој, отворање на нови мали и семејни бизниси, мали сместувачки капацитети  и отворање на нови зелени работни места кои влијаат врз успорување на миграцијата. Верувам дека со успешно имплементирање на овие два проекти и зголемување на сместувачките капацитети во руралните средина знаејки дека руралниот туризам со сите негови форми нема голема сезоналност и може да функционира во текот на целата година , до 2030 година може да генерира приближно 1 милион ноќевања годишно. Тоа преставува 85 милиони долари туристички промет кои сериозно влијае врз локалното население и мултипликативниот ефект во локалниот економски развој. Доволно причини нашите општини повеќе да се фокусираат на подобрување на инфраструктурата за развој на руралниот туризам и помош на локалното население при аплицирање на европските фондови и останати гранови кои го стимулираат овој процес.

МАРИЛИ: Со оглед на тоа дека Македонија е ризница на култрурно-историско богатство, со над 4.000 археолошки наоѓалишта, римски градови, енормен број на религиозни објекти, уникатен фолклор и квалитетни културни манифестации. Дали културниот туризам нѐ прави попосакувана и попосетувана дестинација, особено за странските туристи? 

ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: Потенцијалите што ги наведовте во прашањето и доколку се погледнат истражувањата за перцепцијата на странските туристи за нашата дестинација, сите ги нотираат истите предности. Дали доволно правиме за истите да бидат достојно промовирани и преставени на туристите кои не посетуваат?

Би кажал едно големо НЕ! Почнувајќи од валоризацијата на археолошките локалитети за туризам, инфраструктурата, пристапност, патна означеност, дигитализација и виртуелизација 360, кустоси кои реални и вистински ќе го престават локалитетот, сувенирници и музеј на ископани артефакти, заштита и чуварска служба и туристичката промоција. Најмногу ме загрижува нашата рамнодушност сметајќи дека некој друг ќе ја заврши нашата работа, во што се сомневам.

Од некаде е потребно да се започне, а јас би предложил доколку Министерството за култура и туризам се фокусира за промоција на културолошкиот туризам потребно е што поскоро да ги прилагоди локалитетите за посета на туристите. Процес кој е потребно да се води паралелно со промотивните материјали, светска промоција, видео материјали, дигитализација и обуки за туристичките водичи кои ќе бидат доволно стручни и елоквентни за презентирање.

Крајно е време да престане практиката секој странски водич да презентира сѐ и сешто во Македонија и искривува историјата во зависност од групата која ја води. Максимално користење на европските фондови од страна на министерството за култура и туризам и ставање во функција за подобрување на условите во архиолошките локалитети и стремење на нивна самоодржливост со наплата на билети и дополнителни туристички производи кои ќе генерираат профит.

Пред сѐ, очекувам професионалците на полето од туризмот активно работат заедно со ресорното министерството во градење на подобри услови и имплементирање на светски практики на полето од културолошкиот туризам во Македонија.

МАРИЛИ: Што освен маркетингот е непоходно за поефикасна промоција на туризмот во странство, во смисла на современи алатки, онлајн платформи, е-турзам, апликации...?

ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: Пристапот во промовирањето на нашата земја како туристичка дестинација го изменивме во 2018 година со фокус на 100% on-line и користење на сите успешни канали обрнувајки посебно внимание на социјалните медиуми и светските пребарувачи. Голем скок и видливост кој донесе одлични резултати во секторот и скок на туризмот од одредени примарни и секундарни пазари. За жал, буџетот во последните години и покрај усвоените информации и заклучоци на Владата за градење на платформа Е-туризам која овозможува комплетна дигитализација на секторот, национална туристичка кампања во светот, ново ребрендирање на дестинацијата, фокусирани презентации и Б2Б средби и многу други активности очигледно Министерството и Вадата имаа финансии за се и сешто, освен за тутистичката индустрија во Македонија.

Очекувам новата Влада и ресорното министерство да го измени пристапот и започне да размислува дека вложувањето во промоција и поддшка на македонскиот туристички сектор не расход туку потреба и инвестиција.

Стратешкото планирање на АППТ за 2024 година ги има вградено сите потребни елементи и анализи за успешна промоција и раст на туристичкиот сектор како и трансформацијата на институцијата во Национална туристичка организација и очекувам од новото раководство на институцијата да имплементира поголем број од препораките. Време е за имплементација и работа на полето од туризмот.  

МАРИЛИ: Колку е важно негувањето на односите со странски туроператори и воведувањето на нови авионски линии и чартер летови за зголемување на бројот на странските туристи?

ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: Професионалните односи потребно е да се градат секојдневно со странските туроператори и реализирањето на договореното од двете страни. Состојбата која беше на ова поле во 2018 година и една од првите работи по моето назначување беше исплата на заостанатите субвенции од 2014, 2015, 2016 и 2017 година кон странските туроператори. Долг кој успешно го изменаџиравме без последици во работата на институцијата, издигнувајќи ја соработката на високо професионално ниво, со јасна порака за државата и нејзините заложби.

Долгорочната соработка и стекнатата доверба највеќе се покажаа за време на пандемијата кога се поставија чартери за Охрид во 2021 година на два светски туроператори што преставуваше голема порака за останатите туристички работници.

Потребен е чекор нанапред во соработката со странските туроператори и подобрување на моделот за субвенционирање кој е потребно да се насочи кон развој и инвестиции во дестинацијата, а не како досега, во кумулативност на гости. Од моја страна беа понудени два различни модели на субвенционирање кои беа предложени во консултација со поголем број на странски туроператори, но сѐ уште не е создадена атмосфера за конструктивен разговор на сите засегнати страни, една од причините што и 2024 година голем број на дестинации нема да ги достигнат бројките од 2019 за туристи и остварени ноќевања. Македонскиот туристички сектор е потребно да се фокусира на зајакнување на односите со постоечките туроператори и континиуирано создавање на услови за промоција на нови, односно започнување на циклус средби помеѓу нашиот туристички сектор и странски туроператори, Б2Б и Б2Б средби како и презентации на нашата дестинација со фокус на нови инвестиции во туристичката индустрија во примарните и секундарните пазари значајни за македoнскиот туризам.

Зголемување на редовните и сезонските авионски линии во Охрид, кој ќе има можност сѐ повеќе да ја продолжува сезоната и да развива различни форми на туристичка понуда кои понатаму ќе се прелеваат во останатите наши подзаборавени туристички места низ нашата земја.

МАРИЛИ: Има ли доволно професионалци и обучен кадар кој што (ќе) работи во туризмот и какви промени се потребни на ова поле?

ПРОФ. Д-Р ЈАНЕВСКИ: Сметам дека ги имаме, но повеќе е потребно да работиме за приближување и инволвирање на реалниот сектор во образовниот процес кој треба да биде двонасочен.

Наставни програми кои се потребни на реалниот сектор, создавање на тимови од млади стручни кадри кои ќе работат на европски проекти заедно со туристичкиот сектор и градење професионалци според потребите на долгорочната државна стратегија во туризмот. Изгледа едноставно, но пристап за кој треба многу работа и одрекнување. Во мометов, наместо да бидеме фокусирани на увоз на работна сила, да се фокусираме на создавање на истата и професионално да ја третираме и понудуме кариерен развој како во останатите европски земји. Треба да престанеме да ја девалвираме струката келнер, готвач, рецепционер, бидејќи овие професии стануваат сѐ повеќе дефицитарни и платени, бидејки за истите се потребни дополнителни знаења и вештини кои ги немаат увезените работници од којзнае каде.

Работници кои ќе понудат низок квалитет и многу слаба социјализација во општеството, компанијата ќе ја чини многу повеќе, а Македонија трајно ќе ги изгуби своите високо стручни лица во кои вложувала години.

Во овој случај, клучна улога треба да одиграат Факултетите за туризам кои двонасочно ќе вршат притисок на Владата за подобрување на условите и бизнис секторот да вложува во нови практики кои ќе бидат применети на практичните часови во компаниите.

Континуирни обуки на топ менаџментот во македонските компании за третирање и развој на човечките ресурси во компаниите на среден и дол рок. Само на овој начин ќе изградиме млади професионалци кои ќе преставуваат столб на оддржливост на македонскиот туристички сектор во следните две до три децении.


Статијата е прочитана 838 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско