Се фокусирам на сопствениот потенцијал, амбициите, личните афинитети и можностите

Интервју со Цветанка Илиева, генерален менаџер на „Бистро Груп ДООЕЛ“ Гевгелија, компанија што се занимава со производство на кафе.  Семејниот бизнис го започнале со „Паскалин“, бренд кој им донел многу придобивки и отворени врати кон нови бизниси и инвестиции. Сега се ориентирани на производство на еспресо кафе под брендот „Ди Луна“, како и кон новиот иновативен производ „Ди Луна филтер кафе“. Покрај менаџерските позиции во компаниите со различни дејсности, Илиева е и почесен конзул на Малезија во Р.С. Македонија.

Од оваа година, Цветанка Илиева е и лауреатка, прогласена и наградена на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, во организација на агенција „Марили“.

МАРИЛИ: Вашиот семеен бизнис со долга традиција денес опфаќа поголем број компании со различни дејности како „Бистро Груп ДООЕЛ“,  ХЕМС ДОО  или „Хеалт енд Медикал Солутионс ДОО“,  „Баџо ПТ ДОО“ и „Ледра Агро ДОО“.  Накусо, со што се занимаваат овие компании?

ИЛИЕВА: Нашиот семеен бизнис денес опфаќа повеќе компании со различни дејности. Би започнала со „Бисто Груп ДООЕЛ“, компанија што се занимава со производство на кафе, потоа „ХЕМС ДОО“ или „Хеалт енд Медикал Солутионс ДОО“, компанија чија дејност е производство на медицински канабис.

Компанијата „Баџо ПТ ДОО“  се занимава со оранжериско производство на домати, а нашата компанија „Ледра Агро ДОО“  е со дејност производство на лозје и овошни насади. Повеќето компании се извозно ориентирани.

МАРИЛИ: Вие сте особено познати по бизнисот со кафе. Работите производство на кафе, а Ваши главни производи се „Ди Луна Голд“ и „Силвер еспресо“. На кои пазари ги пласирате овие брендови и кои новитети може да се очекуваат од „Бистро Груп“ во блиска иднина?

ИЛИЕВА: Компанијата за производство на кафе „Бисто Груп ДООЕЛ“ е нашиот прв бизнис, нашиот почеток во целокупниот развој и поради тоа е наш миленик во приватниот и деловниот живот.

Започнавме со брендот кафе „Паскалин“, кој беше познат и надвор од нашите граници. Бренд што ни донесе многу  придобивки, слава, отворени врати кон нови бизниси и инвестиции. Сега сме ориентирани на производство на еспресо кафе под брендот „Ди Луна“. Квалитетот на нашите кафиња доаѓа од висококвалитетната суровина на кафе што ја увезуваме од Бразил.

Оваа година се подготвуваме за нов иновативен производ „Ди Луна филтер кафе“, производ што ќе биде извозно ориентиран и ќе овозможи негова поширока примена. Цел ни е ова кафе да се консумира и во домаќинствата каде што нема соодветна опрема.

МАРИЛИ: Познати сте и по оранжериско производство на домати. За колкав капацитет на производство станува збор, дали работите само за македонскиот пазар или, пак, извезувате?

ИЛИЕВА: Компанијата „БАЏО ПТ“ располага со 15 хектари земја на која се изградени  најсовремени оранжерии со вградена софистицирана опрема за производство на домати. Оранжериското производство е специфично и потребно е континуирано затоплување. Токму затоа за загревање на водата користиме сопствени фотоволтаици. Компанијата, исто така, е извозно ориентирана. Застапени сме на полскиот, словенскиот и српски пазар.

Компанијата „Ледра Агро ДОО“ располага со 40 хектари лозје и 150 хектари овошни насади (праски, кајсии, сливи и јапонски јаболка).

Целото производство се извезува во истите држави како и доматите.

Поради големите количини производи изградивме и откупен центар и ладилник со најсофистицирана опрема, проект што беше кофинансиран од програмата ИПАРД.

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно жената да напредува во кариерата? Дали  тоа се личните карактеристики, образованието и доедукацијата, поддршката од семејството, поддршката од тимот или, пак, нешто друго?

ИЛИЕВА: За да напредува една жена во кариерата, важно е образованието, доедукацијата, тимот, но пресудни се амбицијата и поддршката од фамилијата. Според моето мислење, доколку личноста нема амбиција, разбирање и поддршка од фамилијата, сметам дека секоја друга алка е празна и неостварлива.

Мојот приватен и деловен живот би го поделила пред смртта на мојот сопруг и потоа. На почетокот имаше моменти на носталгија и жал за сѐ што остана зад мене. Сепак, многу брзо сфатив дека тагата може само да ме зароби во сопствениот очај и да ме осуди на инертност. Затоа многу брзо почнав да се фокусирам на сопствениот потенцијал, амбициите и личните афинитети, од една страна, и можностите, од друга страна.

Вложив голем напор, време и енергија за да се стабилизирам и етаблирам во постојните бизниси. Кога ќе се најдете на таа патека, од многу голема важност е поддршката од пријателите.

МАРИЛИ: Која е Цветанка Илиева приватно? Што Ве исполнува, релаксира и што Ви дава „ветер во грб“? Кое е Вашето животно мото?

ИЛИЕВА: Во приватниот живот, нормално, како и секоја друга жена сум со повеќе улоги или идентитети. Главниот фокус се моите деца, нивното оформување, нивната среќа.

Тие ме инспирираат и мотивираат. Како што ме учеа и научија, семејството е темел на секое општество. Кога приватните обврски ги извршуваме со задоволство и без напор, тогаш двапати повеќе сме подготвени и за деловните предизвици. Во слободното време спортувам, се дружам со драги луѓе, се дообразувам. Од сите видови спортови, сепак, избрав вежбалница бидејќи станува збор за спорт во кој доаѓа до израз способноста на поединецот и се учи од грешките за да се стане подобар и посилен. Никогаш не треба да заборавиме на начинот на размислување на сите врвни спортисти, а тоа е размислувањето дека патот до врвот е тежок.

Некогаш бара време и има многубројни падови, по кои секогаш одново треба да се соземеме, повторно да се обидеме и да веруваме дека ќе ја постигнеме поставената цел. Моето животно мото е „Човек учи додека е жив.“

МАРИЛИ: Од неодамна сте и почесен конзул на Малезија во нашата држава. Што претставува за Вас оваа функција? 

ИЛИЕВА: Уште од најрана возраст често патував со семејството и ги истражувавме европските престолнини.

За време на студиите сама истражував други континенти. Тогаш сфатив дека Европа не е центарот на светот, поточно Европа има интересно минато и солиден систем на вредности, но брзиот економски развој се случува на друго место.

Затоа со огромно задоволство прифатив да бидам почесен конзул на Малезија. Културното зближување и економската соработка на двете земји ќе бидат моја мисија. 

Голема чест за мене ќе биде доколку дојде до вмрежување на бизниси од двете држави.

Отворањето нови бизнис- можности ми е најголем предизвик.

Им стојам на располагање на фирми што имаат намера да инвестираат и да истражуваат нови пазари.


Статијата е прочитана 1002 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско