Комплексните општествени појави и економски предизвици налагаат холистички пристап и мултидисциплинарни познавања од повеќе области
Интервју со д-р Александра Наќева Ружин, специјален советник на министерот за финансии, поранешна македонска амбасадорка во Кралството Шведска, потпретседател на Советот на амбасадори, исклучителен професионалец со плодно 25-годишно работно искуство во јавниот и во приватниот сектор. Во интервјуто говори и за своите професионални искуства стекнати од дипломатскиот мандат во Шведска, но и за професорската работа.
МАРИЛИ: Имате богата 25-годишна кариера на високи позиции во јавниот и во приватниот сектор. Невообичаено за македонски услови е таква мобилност на професионален план помеѓу различни ресори и сектори, па нѐ интересира, која е вашата инспирација и водилка на професионален план?
НАЌЕВА РУЖИН: Мобилноста на професионалниот кадар од еден во друг сектор претставува стандард во западните економии, и истата соодветно се уважува и поттикнува и од институциите на системот. Имено, покрај кариерен развој на индивидуата, мобилноста овозможува стекнување на знаења и вештини и согледување на перспективите и капацитетите на различните сектори, што е клучно за унапредување на процесите на работа и придвижување на целата економија и општество напред.
Истото е, меѓудругото, поттикнато и со институционални механизми кои овозможуваат тесна соработка помеѓу државните институции, академијата и приватниот сектор, или т.н. трократен хеликс (анг: Triple helix), кои се воспоставени со цел градење партнерства и обезбедување инклузивен процес во усвојувањето на јавните политики.
Ваквата перспектива на мобилноста на кадрите, за жал, сѐ уште не е интегрирана во начинот на размислување и делување кај нас, кадешто, како рецидив од минатиот систем, првото работно место во одреден сектор неретко претставува и дестинација за пензионирање. Оваа пракса не ги одразува комплексните појави и предизвици во економијата и општеството на национално и глобално ниво, коишто налагаат примена на холистички, мулти-дисциплинарен пристап и ангажирање индивидуи со широки познавања во различни области и сектори. Оттука и потребата за менување на перцепциите и очекувањата, како и прифаќање на премисата дека партнерството помеѓу институциите на системот, академската јавност и приватниот сектор е основа за креирање и спроведување на јавни политики кои се во најдобар интерес за бизнисот, граѓаните и општеството во целина.
Во мојот случај, покрај огромното искуство од работа во странство и со странски организации во земјата, а што е заслужно за моето рано прифаќање и делување согласно принципите опишани погоре, објаснувањето може да се најде и во мојот темперамент и немирен дух, како и во фактот дека во суштина сум „бубалица“ со природен интерес во бројни области и актуелни технологии и процеси кои ги диктираат светските трендови во бизнисот и јавниот сектор.
МАРИЛИ: Кои се сегашните Ваши надлежности во рамки на Министерството за финансии кое минатата година ве дочека со „Добрдојдовте дома“ со оглед на тоа дека сте профилиран кадар на оваа институција од поодамна?
НАЌЕВА РУЖИН: Неизмерно сум благодарна за можноста да се приклучам на тимот во Министерството за финансии, особено во вака турбулентен период за фискалната политика во земјата и воопшто на глобално ниво. Постојно, во Министерството имам надлежност во доменот на јавните приходи и даночната и царинската политика, управувањето со јавните финансии, политиките за формализација на неформалната економија, како и за координирање на техничката помош од ММФ и соработката со Министерството за финансии на САД во сферата на даночната и царинската администрација.
Во институцијата, навистина, се чувствувам како да се имам вратено „дома”, со оглед што во овој ресор извршував одговорни позиции во периодот пред дваесетина години. Во тој период во Министерството преминав од позицијата Координатор за пензиските реформи кои се спроведуваа во Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светската банка.
Несомнено дека се работеше за мошне атрактивна позиција која овозможуваше секојдневна соработка со најреномираните светски експерти во областа на пензиските политики, од кои причини, во тоа време мислев дека не постои позиција која може да понуди поинтензивно учење и да биде позначајна за мојот професионален развој од онаа во Светската банка.
Но, тоа траеше сѐ до моментот на премин во Министерството за финансии, кое заслужено и гордо го носеше пиететот на ризница на знаење, кошница на таленти, и извор на амбиција, стручност и одважност за спроведување на крупни, системски реформи кои го воспоставија буџетскиот, трезорскиот и финансискиот систем на начин што е задржан и до денеска.
Во тој период, во Министерството најпрво бев назначена за советник на министерот и потоа помошник раководител на Секторот за финансиски систем, за набрзо потоа да ја преземам функцијата државен советник надлежна за Секторите за буџет и за внатрешна ревизија, како и координатор на Проектот на Светска банка за реформи во јавниот сектор. Воедно, бев задолжена за формирање и раководење со новиот Оддел за супервизија на осигурувањето и за стекнување на статус на член во Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори. Покрај овие надлежности, бев и дел од преговарачките тимови на Министерството за финансии со ММФ, Светската банка и Светската трговска организација, и член на Редакцискиот одбор на Билтенот кој во тоа време го издаваше Министерството.
Навраќајќи се назад на тој период на мој иницијален ангажман во Министерството за финансии, а и денес, можам да констатирам дека не постои институција во системот која е подинамична, со поинтензивни активности и со поголема одговорност, и тоа не само за реализирање на функциите на државата, туку пред сѐ за обезбедување на услови за долгорочен и одржлив раст и развој на економијата и остварување на највисоките стратешки цели и приоритети на државата.
МАРИЛИ: Како се движат трансформациите во делот на јавните финансии кои нѝ се наметнати од Европски институции, а се со цел придвижување кон ЕУ? Колку се тие важни за побрза интеграција?
НАЌЕВА РУЖИН: Како ко-претседавач на Секторската работна група за Управување со јавните финансии (УЈФ) на ниво на Министерството за финансии, можам да констатирам дека досега е постигнат значаен напредок на овој план, и тоа во сите сегменти на УЈФ. Само во последната година е постигнат крупен исчекор со усвојувањето на новиот Закон за буџети со кој се поставени основите за понатамошно унапредување на буџетското управување, и тоа во сегментите на среднорочната буџетска рамка, годишниот буџетски процес и кредибилитетот на процесот на планирање на приходите и расходите, буџетското извршување, квалитетот на управување со јавниот долг, и транспарентноста и сеопфатноста на буџетското известување и надзор над истото. Воедно, со овој закон се овозможува зајакнување и на функциите на внатрешна контрола и ревизија и надворешната ревизија на буџетските корисници, а се поставени и основите за развој и имплементација на новиот Интегриран информациски систем за финансиско управување (ИФМИС) во Министерството за финансии и новиот Интегриран даночен информациски систем (ИТИС) во УЈП.
Во овој капацитет го предводев тимот на Министерството за финансии на билатералниот скрининг во областа на Реформи во Јавната администрација (РЈА), кој се одржа во Брисел, во декември минатата година. Процесот на скрининг беше исклучително значаен за земјата и институциите на системот од причина што УЈФ, како интегрална и најкомплексна компонента на РЈА, која пак е една од основните хоризонтални области во процесот на пристапување кон ЕУ, претставува клучен репер според кој Европската Комисија (ЕК) ќе го оценува напредокот на земјата на пристапниот пат, т.е. дали поседуваме институционален капацитет за спроведување на acquis и за преземање на обврските од членство во ЕУ согласно Копенхашките критериуми. Оттука и зајакнатиот фокус на ЕК врз УЈФ, како и интересот и активната улога на меѓународните финансиски институции и останатите билатерални донатори во оваа област.
Сепак, и покрај досегашниот напредок, свесни сме и за подрачјата на УЈФ во кои има потреба од понатамошен зајакнат фокус од домашните институции и од понатамошна соработка со меѓународната заедница, што е соодветно предвидено со Програмата за реформи на УЈФ 2022-2025 година. Не помалку значајни за забрзан напредок на земјата на пристапниот пат кон ЕУ се и реформите во Поглавјето 16 - Оданочување, за кое, како Раководител на поглавјето, го предводев меѓуресорскиот тим од Министерството за финансии, УЈП, Царинската управа, Управата за финансиска полиција, ДКСК, ТИРЗ и останати институции, на билатералниот скрининг во Брисел, во март оваа година.
Како и за УЈФ, и овде станува збор за многу широко и комплексно Поглавје во кое нѐ очекува уште многу работа на хармонизација на домашната регулатива со Директивите и Регулативите на ЕУ. Оттука и посветеноста на Министерството за финансии и останатите институци на подготовка на придонесот на земјата и водење на пристапните преговори со ЕК во ова Поглавје, и тоа во континуираната соработка со ЕУ, ММФ, ОЕЦД и Светската банка.
МАРИЛИ: Вие сте исто така и потпретседател на Советот на Амбасадори. Кажете нѝ нешто повеќе за активностите на Советот и неговата улога во земјата?
НАЌЕВА РУЖИН: Советот на амбасадори (СА) е независно, непартиско и непрофитно здружение основано во 2019 година од истакнати членови на нашата дипломатија - поранешни амбасадори и министри за надворешни работи. Ми претставува чест што уште од самото основање сум дел од СА како член на Извршниот одбор, а веќе од 2021 година и како Потпретседател на здружението.
Целта на СА е давање професионален придонес во креирањето и спроведувањето на надворешната политика и интеграцијата на земјата во ЕУ, преку тесна соработка со носителите на надворешната политика - Претседателот на државата и Министерството за надоворешни работи, како и со Делегацијата на ЕУ и странските дипломатски мисии во Северна Македонија.
СА е високо респектирана организација во дипломатските кругови во земјата и странство.
Препознатливи сме по артикулирањето во јавноста на независни и аргументирани ставови и анализи за актуелните збиднувања на надворешно-политички план, како и со организирање на јавни дебати и форуми со дипломатскиот кор на актуелни политички, економски и безбедносни теми од значење за земјата и Регионот. Притоа, како еден од најистакнатите настани, кој со нетрпение се очекува на годишно ниво е т.н. Амбасадорската тркалезна маса, која традиционално ја организираме под покровителство на Претседателот на државата.
МАРИЛИ: Вашата наобразба и постојано доусовршување во науката, но и на дело во пракса, се потврдени и со тоа што сте и професорка на Американ колеџ, каде воведовте и наставен предмет. Кој предмет го предавате на колеџот и на што се однесуваше вашиот докторски труд?
НАЌЕВА РУЖИН: Непосредно по основањето на Американ колеџ - Скопје, ме поканија да се придружам како професор - предавач од пракса со цел воспоставување на курикулумот и држење на предавањата по предметот Јавни финансии на студентите кои студираат на англиски јазик. Па така, го предавав овој предмет на Факулетот за бизнис и менаџмент во текот на неколку академски години во периодот 2008-2011 година, и тоа паралелно со извршување на тогашната позиција на генерален директор во финансиската индустрија.
По враќањето од мандатот во Шведска продолжив со предавањата на Американ колеџ во академската 2018/2019 година, со тоа што покрај предметот Јавни финансии, го покривав и предметот Организација на индустријата (Industrial Organization), и тоа се до оваа 2022/2023 академска година кога, поради динамиката и интензитетот на работа во Министерството за финансии, бев принудена да го ставам ангажманот на Колеџот во мирување.
Инаку, изминатите години сум чест гостин-предавач и на останати Универзитети во Европа и САД, како на пример на Stockholm School of Economics во Шведска, University of Pittsburgh во САД, University of Leeds во Велика Британија и Економскиот факултет во Скопје. Впрочем, едни од најдрагите награди и признанија ги имам добиено токму од академските институции, пришто би го издвоила Меѓународното признание за остварувања во јавната политика, кое ми беше доделено од Универзитетот во Питсбург, во 2016 година.
Морам да признаам дека работата со студентите ми носи најголемо задоволство, и дека и покрај пребукираната агенда во министерството, ми недостасува интеракцијата со студентите и научно-истражувачката работа, без кои мислам дека е непотполно остварувањето на професионален план.
Имено, и покрај обемните надлежности кои ги имам во министерството, секојдневната соработка со најистакнати светски експерти и преинтензивната агенда на настани и службени патувања кои овозможуваат мое континуирано надградување во областа и држење на чекор со водечката мисла и најдобрите практики на глобално ниво, ме радува помислата на продолжување на академската кариера и враќање во универзитетските амфитеатри.
Инаку, во образовната сфера бев ангажирана и во периодот од 2020-2021 година, и тоа во областа на дигиталното образование. Имено, во Министерството за образование и наука ја извршував функцијата Координатор за развој и имплементација на Националната платформа за учење на далечина која им овозможи на речиси 250 илјади ученици во основните и средните училишта ширум земјата да посетуваат онлајн настава во текот на пандемијата со Ковид-19, а бев ангажирана и како Координатор за дигитално учење и Експерт за дигитализација и иновации во образованието.
Што се однесува до докторскиот труд, истиот е во областа на финансискиот систем, поконкретно финансиската супевизија, а со оглед што истиот го пријавив во време на мојот ангажман во приватниот финансиски сектор.
Од особен интерес во тоа време ми беа финансиските конгломерати кои како феномен не се обработувани научно во земјата, ниту до тој момент беа препознаени и како такви подложени на посебен надзор од страна на супервизорските власти, а притоа истите се асоцирани со бројни и комплексни ризици од екстерна и интерна природа со потенцијал да влијаат врз стабилноста на финансискиот сектор.
МАРИЛИ: Колку е значајно искуството во приватниот бизнис сектор каде бевте на менаџерска позиција?
НАЌЕВА РУЖИН: Релативно долго време се задржав во финансискиот сектор, најпрво како Директор за финансии и сметководство, а набрзо потоа и како генерален менаџер на компанија во осигурителната индустрија. Значењето на искуството од таа позиција го гледам во ретко-повторливата можност да се биде дел од тимот од самото основање на една компанија, односно да се управува со процесите на изградба на системите, ангажирање и унапредување на кадарот и ширење на пазарната мрежа преку основање на 30-тина филијали ширум земјата, и со тоа да се предводи растот и развојот на компанијата се до заземање на втората позиција во индустријата.
Функцијата на генерален директор, а поради неподелената одговорност за остварувањата на компанијата и нејзиниот углед и репутација на пазарот и кај супервизорските власти, овозможува уникатен увид и искуство во сите функционални области од работењето - од финансии и управување со ризици и ликвидност, сметководство, маркетинг, ИТ, човечки ресурси, правни работи, и во случајот со осигурителните компании - и процена и ликвидација на оштетни побарувања.
Оттука, искуствата и вештините стекнати на ваква позиција се универзални и трансферабилни во која било индустрија и пазар, а голем дел од истите - како на пример предводење и управување со тим/ови, ефективна комуникација и ефикасна координација на човечките капацитети за остварување на деловните цели - се подеднакво применливи и важни и во јавниот сектор.
Не помалку важно искуство, кое имав привилегија да го стекнам во текот на 10-годишното работење во приватниот сектор, е поврзано со моето членување во Извршниот одбор на Стопанската комора на Македонија, Претседателството на Арбитражниот суд, Извршниот одбор на Националното биро за осигурување, како и на позицијата Претседател на Европската бизнис асоцијација. Познанството и соработката со челните луѓе во сите останати сектори и индустрии е од непроценливо значење пред се за спознавање на капацитетите, состојбите и перспективите типични за пооделните индустрии, и најзначајно, за стекнување пријателства кои се предуслов за идна соработка, без оглед во кој сектор делувам и која функција ја извршувам.
МАРИЛИ: Што за Вас претставуваше амбасадорската функција во Шведска и на каков начин таа ги доизгради вашите професинални, но и лични ставови и гледишта?
НАЌЕВА РУЖИН: Пред упатувањето на извршување на мандатот амбасадор на Република Македонија во Кралството Шведска, имав чувство дека го имам достигнато врвот на професионален план - богато искуство и највисоки (неполитички) позиции во јавниот и приватниот сектор, успешни ангажмани во меѓународните финансиски институции и во академската сфера. Немав очекување дека можам да научам нешто повеќе, напротив, очекував дека амбасадорската функција ќе претставува единствено можност со моето знаење и искуства да дадам највисок придонес кон општеството, да и се одолжам на својата земја за сите услови кои ми ги има пружено овозможувајќи ми да ги постигнам дотогашните успеси.
На мое изненадување и големо задоволство, се покажа токму спротивното. Од дипломатската кариера во таа земја стекнав повеќе искуство и спознание за светот, одколку во претходните 15-тина години професионален ангажман во различни области и сектори.
Прво, научив дека комплексноста на меѓународните односи не може ниту да се насети, а уште помалку да се осознае на која било друга позиција освен во надворешните работи. Второ, сфатив дека без познавање на природата и историјатот на недворешно-политичките односи помеѓу земјите и/или регионите, неможе да се разберат причините, ниту состојбите во билатералните односи помеѓу земјите на други полиња т.е. економијата, одбраната, дипломатијата, културата и други области. Трето, и најважно, научив дека гео-стратешките и економските интереси, односно потребата за енергетска сигурност и безбеденост со храна, се главните двигатели на сите останати делувања на надворешно-политички план.
Инаку, Шведска се покажа исклучително тло за мој професионален развој во повеќе области и земјата сеуште ми претставува инспирација, меѓудругото и на полето на безбедносната политика, енергетската ефикасност и лидерството во Европа кога станува збор за „зелените” или „чистите” технологии, како и на полето на родовата еднаквост.
МАРИЛИ: Колку и дали се применливи енергетските искуства од Шведска за подобрување на енергетската ефикасност и развивање на обновливи извори на енергија во нашата држава?
НАЌЕВА РУЖИН: За да се разберат достигнувањата и позицијата на една земја во дадена област, треба добро да се проучат приликите кои придонеле за таков развој. Веројатно за многумина е загатка како така мала земја како Шведска, со само околу 10 милиони жители, има прераснато во една од водечките нации во светот кога станува збор за иновациите, примената и извозот на „зелени“ технологии, и која, согласно Глобалниот индекс на енергетска архитектура (анг: Global Energy Architecture Performance Index) на Светскиот економски форум, во континуитет се пласира на врвот на листата во т.н. енергетски триаголник на економски раст и развој, еколошка одржливост и енергетски пристап и безбедност.
Одговорот може да се изрази со еден збор - криза, што е впрочем заеднички именител на речиси сите технолошки револуции на човештвото. Имено, сѐ започнува во 60-тите години од минатиот век, кога земјата се соочува со потребата од итни мерки за заштита на шумите и рибарството. Во 1967 година Шведска станува првата земја во светот која основа Национална агенција за заштита на животната средина, додека во 1969 година прва усвојува Закон за заштита на животната средина, согласно кој компаниите стануваат одговорни за нивните емисии на стакленички гасови и јаглероден отпечаток. Паралелно со ова, Владата воведува систем на стимулации за еколошки технологии и започнува со индустриско-истражувачки програми за развој на нови технологии за справување со еколошките предизвици. Зелениот технолошки бум е исто така фасилитиран и од силните еколошки политики на локално ниво. Општините верувале во биогасот уште од самите почетоци кога технологијата е иницијално непрофитабилна, а за само за една деценија Шведска станува светски лидер во технологијата на филтри за сулфурна прашина и тешки метали, додека за неколку кратки децении прави револуција во употреба на отпадот.
Нафтените кризи и нуклеарните катастрофи во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, пак, се „виновни” за нов напредок, односно иницираат развој на алтернативни форми на енергија што е поддржано со нова иницијатива, т.е. Стратегијата за биогорива. Новата политика за управување со отпадот, воведена во 70-тите, овозможува отпадот од домаќинствата наместо да се закопува под земја, да се рециклира или да се користи за обновлива енергија. Денес, речиси 50% од биогасот произведен од третманот на отпадните води се претвора во гориво за возилата, па така сите автобуси во Стокхолм и другите поголеми градови возат на биогас или етанол. Фокусот на развојот на зелените технологии и овозможува на Шведска да биде една од првите безфосилни нации, т.е. прва земја во Европа што ги има исполнето целите за обновливи извори на енергија на ЕУ за 2020 година, и тоа осум години пред рокот. Всушност, многу аспекти на светската економија и трговските и инвестициските односи меѓу земјите ги научив на примерот од Шведска, чиј успех на економски план се темели на холистичкиот начин на размислување и посветеност на иновациите, одважност за храбар исчекор кој овозможува развој, и секако на соработката помеѓу јавниот сектор, бизнисот и академијата.
МАРИЛИ: Шведска е водечка земја кога се во прашање родовата еднаквост и недискриминацијата. Колку е блиску или пак далеку нашата земја од таквата реалност?
НАЌЕВА РУЖИН: Така е, Шведска е препознатлива во светот по многу нешта, но можеби најповеќе по имиџот кој заслужено го има во доменот на родовата еднаквост. Според Глобалниот индекс на родов јаз за 2022 година (анг: Global Gender Gap Index) на Светскиот економски форум, Шведска го зазема високото 5-то место на глобално ниво. Земјата го има затворено родовиот јаз кога станува збор за академските остварувања на припадниците од двата пола, во учество на жените на професионалните позиции, меѓудругото и на министерски функции, како и во еднаквоста според остварениот доход.
Сето ова за мене е сосема очекувано достигнување. Имено, ја имав честа да ја извршувам својата функција во Шведска во време кога на чело на Шведското МНР беше г-ѓата Маргот Валстром, која прва во светот ја воведе т.н. Феминистичка надворешна политика втемелена на неколку клучни постулати - еднакви права, еднакви можности и еднакви ресурси. Имав прилика доста да соработувам со оваа исклучителна жена, која цврсто веруваше и сесрдно се залагаше за каузата на феминистичката надворешна политика и која ќе остане запаметена по нејзината изјава дека „Тоа не само што е вистинското нешто што треба да се направи, тоа е истовремено и паметна политика”. Од нејзиното богато искуство на домашната и меѓународната политичка сцена научив дека мировните договори имаат многу поголема веројатност дека ќе се окончаат успешно и ќе се одржат за подолг период, доколку истите се предводени од жени.
Инаку, отворено говорам дека пред заминувањето за Стокхолм лично не верував во родова нееднаквост.
Сметав дека дотогаш се немам почувствувано дискриминирано поради тоа што припаѓам на женскиот пол, дека ги имам уживано истите права, можности и привилигии како и мажите и дека општествата на овие простори, како резултат на социјализмот во поранешна Југославија, традиционално се родово поеднакви во однос на некои од западните демократии во кои подоцна од кај нас жените се имаат стекнато со правото на глас. Но, живеењето во Шведска ми помогна да станам посензитивна на ова поле и да ја препознавам скриената родова дискриминација која е омниприсутна во нашето поднебје, а која во повеќето случаи опстојува на несвесно ниво.
Оттука, и не е случајно што според индексот посочен погоре, Македонија е рангирана на 69-то место на глобално ниво, и што покажува одреден, скромен напредок во однос на минатата декада. Очигледно е дека многу можеме да научиме од шведското искуство во повеќе области, меѓудругото и од нивните достигнувања и континуирани вложувања во каузата за родова еднаквост.
Статијата е прочитана 1350 пати.