Денешната мода кај нас не е толку производ на материјалните можности колку на менталната свест!

Интервју со Олгица Ѓоргиева, моден дизајнер и сопственик на модното ателје „ОГ“ во кое говори за тоа колку е важно една креативна личност да се изгради во успешен менаџер со цел модниот дизајн да стане профитабилен претприемачки бизнис, за искуството да се работи костимографија за балет за странска продукција, за плановите за оваа година.

МАРИЛИ: Името Олгица Георгиева е препознатлив моден бренд во нашата земја. Колку години сте активно присутна во дизајнот и кои периоди беа пресвртници во Вашиот пат до успехот? 
ЃОРГИЕВА
: Активно сум присутна на македонската модна сцена веќе 12 години. Сметам дека целиот тој процес на постоење е нераскинлива врска. Секоја своја активност, креација, настан, проект е дел од таа приказна која, ете, успеа да се избори за своето место и да се запише во историјата на македонската мода.
Можеби како пресвртница би ги издвоила мојот почеток, затоа што беше доволно издржан и квалитетен за да бидам препознаена како нешто ново и креативно на сцената и 2019 година, кога мојата кариера фати еден малку поинаков тек, надвор од границите на нашата држава, што воедно значи и наредно ниво од мојата работа.

МАРИЛИ: Колку е важно една креативна личност да се изгради во успешен менаџер со цел модниот дизајн да стане профитабилен претприемачки бизнис? Дали покрај праксата се потребни и некои менаџерски обуки за да се постигне тоа ниво?
ЃОРГИЕВА:
На нас уметниците секогаш на прво место ни е уметноста, но кога ќе одлучите тоа да ви биде животна професија од која ќе живеете, тогаш морате да го научите и тој другиот дел за да може приказната да биде целосна. Секако дека секоја обука е добредојдена и секојдневната инвестиција во себе е неизбежен проце.

МАРИЛИ: Излеговте од границите на нашата земја, работите со австриска продукција за креирање костими за театарски претстави. Кажете ни нешто повеќе околу ова?
ЃОРГИЕВА:
Ова за мене е едно прекрасно искуство во секој поглед. Предизвик, креативност, преиспитување во секој можен поглед! После костимографијата за претставата „Електра“, којашто ја работев во Грција, минатата година, дојде понудата од Австрија за костимографија на балетската претстава „Амадеус“, која свое претставување доживеа во повеќе држави. Минатата 2019, за мене беше година исполнета со многу креативност, буквално уживав во секој нареден ден што ќе дојдеше. Можам да кажам дека пораснав со овој проект, од секој можен аспект! Имав прилика да работам со големи професионалци, големи креативци, уметници од кои во исто време и научив многу, но и се видов себе си, каде сум и каде можам да одам. Многу прашалници избришав во тој проект и многу сум среќна поради тоа! 

МАРИЛИ: Многу наши креативни луѓе заминаа во странство. Но, дали Вие ја најдовте формулата да работите во сопствената држава за странски пазари?
ЃОРГИЕВА
: Јас секогаш знам да кажам - секој со својата приказна. Најбитно од се е човек да биде мирен со тоа што го одбрал. Во моментот ова е мојот концепт, што ќе донесе иднината, никој не знае. Јас, нормално дека имам некој план по кој што би сакала да се движат и развиваат работите. Во кокретниот случај овој концепт е возможно така да функционира и зошто да не!

МАРИЛИ: Постојано сте присутна и на Модниот викенд со свои колекции. Колку, според Вас, е важно да има ваков тип на промоции во нашата земја за подигање на модната култура?
ЃОРГИЕВА:
Присутноста значи многу, тоа кажува за вас дека сте постојани, одговорни, сигурни... Како држава би требало да имаме официјален настан за мода каде би можеле да ја презентираме нашата работа. Секако дека е од помош и има нормално едукативен и инспиративен момент кој многу влијае на креативноста и естетиката на генералната мода.

МАРИЛИ: Каде е денес Македонија на светската културна модна мапа? Дали сметате дека луѓето во Македонија, согласно своите материјални можности, сепак се модерно облечени?
ЃОРГИЕВА:
Секогаш има исклучоци, но имаме уште многу работа. Ова што го гледаме во секојдневието не е толку производ на материјалните можности колку на менталната свест! Најголемиот отпор се јавува кога треба да има промени, а ние таму имаме многу работа!


МАРИЛИ: Каде и од што најчесто ја црпите инспирацијата за своите креации?
ЃОРГИЕВА:
Инспирацијата нема ограничувања! Буквално можам да се инспирирам од се! Понекогаш е момент, понекогаш е патување, предмет, збор..., листата е долга.

МАРИЛИ: Како ги полните батериите, што најмногу Ве опушта и рекреира?
ЃОРГИЕВА:
Добра книга секогаш. патување, квалитетен разговор и дружба со пријател, пешачење, чаша чај...

МАРИЛИ: Кои се плановите за 2020 година?
ЃОРГИЕВА
: Порано многу планирав, но оваа година сфатив дека понекогаш треба да бидеш малку пофлексибилен, затоа што можат да дојдат и подобри, поинтересни планови од тоа што веќе сте испланирале.
Имам нов прстор за работа, едно креативно катче каде се гледам со моите клиенти. Секако, и оваа година ќе им бидам посветена ним. Тековните колекции секако дека ќе ги има. Во меѓувреме, во глава веќе имам неколку проекти кои би сакала да ги реализирам... И, секако, сум отворена за новите можности што ќе дојдат.
 


Статијата е прочитана 1632 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско