Владата ќе донесе нови одлуки за производи со замрзната цена

Владата денеска на седница треба да донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во тек на неделава да одлучува и за цените на дел од овошјето и зеленчукот. Од Владата оценуваат дека нејзините одлуки за цените генерално се почитуваат и најавуваат дека ќе има и други интервенции ако анализите покажат дека е неопходно.

„Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. Со одлука на Владата ќе ги намалиме цените на лепеза хигиенски прозводи на истиот начин како што го сторивме тоа и кај цените на прехранбените производи, до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре“, најави вчера министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерството за економија ги доби анализите за овошјето и зеленчукот од Министерството за земјоделство и веќе се утврдува кои од нив ќе бидат со намалена цена. Според Бектеши, најверојатно во текот на неделава ќе бидат замрзнати цените на повеќе од пет-шест производи. За таа цел се чекаат и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците за да се види колку е разликата во делот на маржите.


Статијата е прочитана 465 пати.

Сподели: