„Кромберг и Шуберт“ - пионери во поставувањето нови стандарди за работа
Најголемиот работодавач во државата, „Кромберг и Шуберт“ од Битола како многу важен член на бизнис-заедницата и тоа како ги чувствува последиците од миграцијата на работоспособното население, што влијае и врз дејствувањето на самата компанија. Сепак, компанијата се обидува да ги задржи своите млади вработени, а со тоа да биде позитивен пример и за другите правни субјекти.
МАРИЛИ: По сѐ изгледа моментно иселувањето е најгорливиот проблем на нашата држава. Бројката од 500.000 иселени македонски граѓани, која ја презентираше Светска банка во октомври, е поразителна, особено ако се има предвид дека најголем дел од оние што си заминуваат се млади и работоспособно население. Какви се Вашите сознанија од аспект на компанија со најголем број вработени во државата, повеќе од 6.000, дали и Вие, како брзорастечка фирма се соочувате со недостиг на луѓе?
КШМК: Како членови на бизнис-заедницата и ние сме свесни и секојдневно се среќаваме со појавата на миграција на работоспособното население од нашата држава. Ваквата појава влијае и врз нашето дејствување бидејќи и ние, како компанија, се соочуваме со фактот дека повремено некои наши вработени, како и можеби потенцијалните кандидати за вработување се иселуваат од државата, претежно во европските држави, најчесто во Германија и во прекуокеанските земји, најмногу во Австралија. Напуштањето на работното место и заминувањето во други држави има директен ефект врз нашиот производен процес и секако дека создава тешкотии во долгорочното планирање на деловните активности на друштвото, односно ги ограничува можностите за раст и развој бидејќи постои неизвесност дали ќе бидеме во состојба да го обезбедиме потребниот број вработени, ако размислуваме за изграба на уште една фабрика или, пак, за зголемување на постојниот производствен капацитет.
МАРИЛИ: Како „Кромберг и Шуберт“ се обидува да ги задржи своите млади вработени, а со тоа да биде позитивен пример и за други компании? Дали можеби создавате можност за доедукација, за професонално унапредување во рамките на самата компанија, редовни и високи плати...?
КШМК: Нашата заложба како компанија е да се задржат сите луѓе што се дел од нашиот тим, без оглед на годините, образованието, националноста, религијата итн. Креираме интердисциплинарни тимови, со постојано вложување во професионалниот развој на нашите вработени преку разни видови интерни и екстерни обуки. Во рамките на компанијата повеќе од 1.000 вработени биле дел од интерните обуки за лидерство што вклучуваат развој на меките вештини и компетенции, како што се: развој на тимска работа, емоционална интелигенција, аналитичко размислување, ефективна комуникација, ориентираност кон целта, проактивност и совети за зголемување на самодовербата на тимовите и кај самите вработени. Дополнително, паралелно се организираат и обуки чија цел е развој на техничките компетенции, експертски вештини и презентација на различни помошни алатки што се насочени кон производствениот процес, односно негова контрола и обезбедување квалитет, при што акцент се става на целокупните процеси, дејства и ставови.
Нашата ориентираност е да имаме задоволни вработени. Поради тоа постојано инвестираме во нивниот дополнителен професионален и едукативен развој и горди сме на фактот дека повеќе од 5.000 вработени биле дел од интерна и/или екстерна обука. Фокусот е ставен на тоа нашите вработени да се ориентирани кон остварувањето на целите на компанијата, но наша интенција е тоа да биде во чекор со остварувањето на нивните кариерни амбиции. Наша цел е да имаме задоволен клиент и задоволни вработени, па поради тоа се грижиме да се зголемуваат платите на нашите вработени. Во овие седум години од нашето дејствување секогаш, кога резултатите го дозволувале тоа, сме ја зголемувале платата, редовно се исплаќаат месечните, кварталните и полугодишните бонуси за сите вработени, нашите работници имаат многу придобивки преку различни бизниси во градот и воопшто во регионот, како што се попусти или можности за плаќање на рати, во разни продавници за облека, спортска опрема, бела техника, апарати за домаќинство, супермаркети, приватни болници, фитнес-центри, банки, обезбедуваме билети за спортски или за културни настани итн. Постојано работиме и водиме сметка севкупните услови за работа континуирано да се подобруваат, инвестираме во здрави оброци за вработените и воопшто се трудиме генерално позитивно да влијаеме врз нивниот квалитет на живеење, настојуваме да се негуваат позитивните вредности што произлегуваат од големината на нашата компанија, како што се: заедништво, колегијалност, солидарност, грижа за своето.
Со последните промени во платите нашата компанија влегува во рангот на неколку компании во Македонија каде што вработените имаат најдобри плати и воопшто услови за работа. Дополнително, од оваа година се вклучуваме во Проектот за дуално образование, односно ќе ја добиеме првата паралелка со 12 деца, повеќето се деца на наши вработени, што е дополнителна мотивација за луѓето и можност за подобра иднина на следните генерации. Исто така, имаме соработка со Универзитетот во Битола, како и со повеќе други факултети во државата, доделуваме стипендии, овозможуваме практикантска програма за околу 50 студенти годишно, во кратки црти се трудиме и работиме да бидеме позитивен пример во секој аспект од работата. Тука спаѓаат и многубројните спонзорства, донации и хуманитарни акции што редовно ги спроведуваме во различни области, за кои не се фалиме, туку оставаме делата да го кажат своето. Тоа е правилниот начин. Наши најголеми амбасадори и промотори, всушност, се нашите вработени што многу често споделуваат на социјалните мрежи сѐ што е важно за нив и со што се идентификуваат.
МАРИЛИ: Која е Вашата поврзаност со кампањата #СакамДаОстанам. Какви активности се планирани во рамките на оваа кампања?
КШМК: Ние како компанија и дел од нашите вработени како поединци учествуваме во кампањата #СакамДаОстанам. Тоа е кампања креирана од група луѓе што не се партиски определени, ниту како било политички инволвирани и има цел да внесе нови вредности, да отвори прашања и да најде одговори меѓу нашите сограѓани преку проактивно размислување како да се подобри состојбата во државата и да се намали степенот на иселување на граѓаните, особено на младите од Македонија и тие да почнат својата иднина да ја гледаат тука, дома, во земјата каде што се родени. Дополнително, целта на оваа кампања е да се поттикне развивање свест за позитивните вредности, принципи и идеали што се подзаборавени веќе подолг период, додека младите се оставени на маргините на општеството без можност да променат нешто или да се господари на својот живот. Долго време во Македонија идоли се некои негативни ликови на кои „сѐ им се простува“ само поради тоа што направиле многу пари, без оглед колку закони прекршиле или колку неправди и штети предизвикале. Долго време сите само зборуваат за некакви поделби и разлики, никој не дискутира што нѐ спојува и во што сме исти или слични како луѓе што живеат во една држава. Долго време се заборавени чесноста, професионалноста, скромноста, срдечноста по која е познат македонскиот народ, помагањето со дела (не само со споделување на социјалните мрежи), грижата за другите, радувањето на малите работи... Се надеваме дека ќе придонесеме постепено да се менуваат работите на подобро, односно да се враќаат во нормала бидејќи ова што ни се случува во Македонија последниве дваесетина години и не е нешто нормално.
Освен нашата компанија, во кампањата се вклучени и голем број компании, поединци, познати личности од нашата држава и планирани се најразлични активности што ќе се реализираат во сите поголеми градови во земјата, односно ќе се организираат разни работилници и проекти во средните училишта и на факултетите, а планирани се и јавни дебати, форуми во повеќето општини во Македонија. Од планираните активности во тек е поставувањето табли во градовите во нашата земја, каде што секој граѓанин ќе има можност да размисли и да ги напише причините што го врзуваат со нашата татковина. Досега сме биле во Битола, Прилеп, Ресен, Струмица, Кавадарци, Велес, а дополнитено е планирано да ги посетиме Скопје, Охрид, Тетово, Штип и други градови. Интересно е што реакциите на граѓаните се многу позитивни и ја поздравуваат оваа идеја да се размислува оптимистички и да се согледаат и позитивните страни што ги нуди нашата држава. Луѓето се желни за убави работи и за позитивни примери. Исто така, само што заврши пријавувањето за конкурсот за есеј од средношколци, а требаше да пратат есеј на тема „Зошто сакам да останам во Македонија“. Најдобрите три есеи ќе бидат наградени со по еден лаптоп, а добитниците ќе бидат објавени кон средината на ноември. Како што споменавме и погоре, планирани се и многу други активности, но тие ќе ги објавуваме тековно.
МАРИЛИ: Дали сите овие мерки што ги преземате Ве прават доволно атрактивни за вработување млади луѓе и од поширокиот регион, не само од Битола и дали сметате дека компании од типот на „Кромберг и Шуберт“ во различни региони на државата би можеле да ја запрат внатрешната миграција што речиси целосно е насочена кон главниот град?
КШМК: Апсолутно, да. Можеби ќе звучи малку нескромно, но ефектите од таканаречениот „крошувизам“ веќе се чувствуваат во целиот Пелагониски Регион. Се разбира, не е идеално и има уште многу работа, меѓутоа е подобро – а, подобро е ДОБРО. Нашата инспирација од задоволни вработени не застанува во рамките на компанијата, туку се грижиме како директно, така и индиректно да го подигнеме нивото на квалитетот на животот за сите граѓани. Кога ние ќе направиме нешто, другите компании мора да реагираат некако. Бидејќи сме најголеми, ние поставуваме трендови. Другите ги преземаат нашите мерки, нѐ следат или нѐ копираат, меѓутоа, сето тоа е добро бидејќи на крајот ефектот се гледа во економијата, работните навики што се создаваат кај луѓето, како и преку новите позитивни практики што се развиваат, а се во чекор со современиот начин на работа. Само со искрена намера, вистински дела, почит и повторно заживување на позитивните вредности, веруваме дека веќе имаме и ќе продолжиме да имаме удел во спречувањето на внатрешните иселувања, давајќи му шанса на секој регион во нашата држава да има пристојни услови за живот. Како пионери во сите активности поврзани не само со овозможувањето добри услови за нашите вработени туку и со поставувањето пример на вистински општествено одговорна компанија и поинаков менаџмент, ние продолжуваме интензивно да работиме, да се бориме и силно да веруваме во идејата дека и тука, во Битола, во Македонија, може да се успее, да се гради кариера и да се придонесува за сите. Не е и нема да биде лесно, свесни сме со што сѐ ќе се соочиме (веќе се соочуваме секојдневно), меѓутоа вреди човек да се бори за своето, да работи за своето, да се грижи и да го сака своето, било тоа да е потесното семејство, компанијата од каде го заработува лебот, местото каде што живее или државата каде што се родил. Сите овие нешта вредат и за нив човек треба да направи сѐ што може. Болката, маката, проблемите ќе нѐ туркаат сѐ додека визијата не нѐ повлече нагоре! Или, како што би рекол Моџо, кој, исто така, е дел од тимот на #СакамДаОстанам, ТУКА НИ Е БОРБАТА.
Статијата е прочитана 13451 пати.