Музиката е мојата духовна храна без која не можам да живеам

Интервју со виолинистката Ева Богоевска. Иако е млада, има плодна и успешна кариера. Зборува за работата под менторство на врвниот виолинист Сергеј Островски, за трудот, макотрпната работа и посветеност кои се потребни да ги поседува секој оној кој сака да биде успешен во својата работа. Богоевска говори за нејзината најголема љубов виолината и нејзината духовна храна – музиката, за нејзините искуства, но и идните планови и настапи. Добитничка е на многу награди кои ги добива уште како јуниорка, па сѐ до денес. Сака да гледа филмови, да снима филмска музика и да патува.

 

МАРИЛИ:  Вие сте една од нашите најмлади и најреномирани виолинистки. Минатата година магистриравте. Кажете нѝ, каде и во класата на кој професор ја одбранивте магистратурата и колку таа е важна во градењето интернационална кариера?

БОГОЕВСКА: Да работам под менторство на еминентниот педагог и виолинист Сергеј Островски за мене претставува огромна чест и задоволство. Тој е виолинист со импозантна биографија и во неговата класа доаѓаат да учат најдобрите студенти по виолина. Од неговата класа произлегле многу познати виолинисти кои прават успешни кариери во светот. Подготовките за прием во неговата класа беа напорни.

Спремањето на програма за аудиција не е нешто што инстант може да се подготви. Интензивните подготовки можам да кажам започнаа од јануари 2021 година, но да спомнам дека за прием во класа на еден ваков професор потребно е долгогодишно, континуирано вежбање, усовршување и надградување.

Во таа смисла, благодарна сум и на мојот професор Олег Кондратенко кој долги години наназад го водеше мојот професионален развој.

МАРИЛИ: Вие бевте најмлад студент по виолина и дипломиравте со највисок просек на Државниот универзитет во Скопје, што го потврдува Вашиот исклучителен талент. Но, факт е дека само талентот не е доволен за голем успех, дека мора да се надополнува со напорна работа. Колку жртвувате како млад човек за да ги постигнете сите овие високи резултати?

БОГОЕВСКА: Мојата професија бара секојдневна посветеност, напорна работа и многу труд. Секојдневните вежбања по повеќе часови на ден, проби, припреми, бараат огромна посветеност, а со тоа и жртвување на социјалниот живот, дружење со пријателите, изглегување и слично.

Јас не можам воопшто да се замислам во ниедна друга професија освен музиката.

Во некои денови кога сум оневозможена да свирам, на пример патувам, се чувствувам како да ми недостасува дел од мене. Едноставно музиката е мојата духовна храна без која не можам да си го замислам животот.

МАРИЛИ: Во Вашата кратка, но исклучително богата кариера освоивте многу меѓународни награди. Кои се најзначајните и Вам најдраги?

БОГОЕВСКА: Добитник сум на многу први меѓународни награди меѓу кои позначајни се: Прва награда на Фестивалот за музика во Сан Ремо, Италија во 2012 година, потоа Лауреат од прв степен на реномираниот Меѓународен фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Русија.

Во 2016 година, како претставник од нашата земја освоив Гранд При на Меѓународниот Фестивал за класична уметност и култура кој се одржа во Ерусалим, Израел. Во 2017 година добив прва награда на најголемиот Интернационален натпревар за класична музика базиран во Њујорк. 

Како првонаградена во својата категорија (во која се натпревауваа околу 200 кандидати од сите континенти во светот) ја добив наградата-концертен настап во Карнеги Хол, Њујорк.

Имам повеќепати настапувано како солист со Филхармонија како и со Националниот Оркестар на Операта и балетот во Хо Ши Мин, Виетнам.

Како солист имам остварено солистички настапи во Словачка, Малезија, Виетнам, Италија, Русија, Франција, Австрија, Чешка, Унгарија, Португалија, Америка, Израел, Турција и кај нас.

МАРИЛИ: Која Ви е омилена сцена на која сте настапиле, дали постои сцена за која сѐ уште сонувате?

БОГОЕВСКА: Би сакала да продолжам да концертирам постојано.Секоја сцена ми претставува предизвик и инспирација за креирање музика.

МАРИЛИ: Какви се плановите на Ева Богоевска за 2023 година, дали се веќе закажани концерти и гостувања надвор од нашата држава?

БОГОЕВСКА: Имам закажан концерт на 11-ти мај во познатата катедрала Свети Пол ( Saint Paul`s Cathedral) во Лондон. Ќе исполнувам еден исклчително богат репертоар кој се состои од Брамс, Леклер, како и делото на нашиот еминентен композитор и професор Живоин Глишиќ „Варијации на традиционална тема за соло виолина”, компонирано специјално за мојот настап на Сан Ремо-јуниор во 2012 година. Пијано соработник на концертот ќе биде еминентната пијанистка Пинар Челик Варси, која студирала и работела на познатата Ројал академија во Лондон.

МАРИЛИ: Ако виолината е Вашата „прва љубов“, кои се другите „љубови“ и како го поминувате слободното време. Што Ве исполнува како личност? 

БОГОЕВСКА: Моја омилена слободна активност е гледање филмови. Инаку член сум и на Оркестарот ФАМЕС каде снимам филмска музика и навистина уживам во тоа.

МАРИЛИ: Покрај професионалните работни патувања дали постојат дестинации што би сакале да ги посетите, но приватно и колку патувањата влијаат позитивно на Вашиот уметнички дух? 

БОГОЕВСКА: Јас обожувам да патувам. Патувањето ме прави среќна и исполнета. До сега сум патувала во многу земји за реализација на мои концертни настапи и рецитали, но и туристички, за одмор.

Сум посетила повеќе  од 25 земји во светот и секоја нова земја би ми претставувала особен предизвик.

Имам желба да го посетам прекрасниот град Петра во Јордан, како и Мексико.

 


Статијата е прочитана 1261 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско