Народната банка и Германското друштво за меѓународна соработка потпишаа меморандум за соработка

Народната банка и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) потпишаа меморандум за соработка кој ќе придонесе кон натамошно јакнење на активностите за спречување перење пари и финансирање тероризам.

 

Од Народната банка денеска информираа дека е договорено обезбедување на финансиска поддршка за постојан пристап на овластените супервизори на Народната банка до меѓународната база на податоци, што ќе придонесе за исполнување на законските надлежности на централната банка за лиценцирање и вршење надзор.

На средбата на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и генералната директорка на супервизија Викторија Глигорова со директорот на Канцеларијата на ГИЗ за Северна Македонија, Давид Оберхубер и советникот во Глобалната програма за спречување нелегални текови на пари за Северна Македонија, Илија Бундалески, стана збор и за следните чекори за натамошно унапредување на активностите за спречување нелегални финансиски текови.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека супервизорските овластувања на Народната банка налагаат примена на одредени мерки и дејствијата врз банки, штедилници, менувачници и даватели на услуги за брз трансфер на пари, како и на други финансиски институции коишто даваат платежни услуги за спречување перење пари и финансирање тероризам.

– Преку заемната соработка со ГИЗ, како и поддршката за поврзување на Народната банка со платформата, базата на податоци, супервизорите на Народната банка ќе имаат пристап до меѓународни извори на податоци за спречување перење пари и финансирање тероризам, првенствено до списоци со меѓународни санкции и до други релевантни податоци, се вели во соопштението од Народната банка.

Со меморандумот се овозможува и зголемување на ефикасноста во примената на препораките и меѓународните стандарди чија цел е да се спречат овие незаконски активности и штетата што тие му ја предизвикуваат на општеството, донесени од глобалното набљудувачко тело за перење пари и финансирање тероризам ‒ Работната група за финансиски активности (ФАТФ).

Германското федерално министерство за економска соработка и развој заедно со Норвешкото министерство за надворешни работи му овозможи мандат на ГИЗ преку Глобалната програма за справување со недозволени финансиски текови да ги спроведе своите активности со кои се обезбедува поддршка за зајакнување и развивање на глобалните, регионалните и националните системи за борба против незаконските финансиски текови.

ГИЗ е активно ангажирано во земјава од 1992 година воспоставувајќи соработка со локалните партнери посветени на поддршка на реформските напори на земјата во ЕУ преку различни развојни пристапи.


Статијата е прочитана 364 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско