Вкусот на производите на „Бучен Козјак“ поврзува генерации потрошувачи

Интервју со Наташа Денковска Бојковски, генерален менаџер на „Бучен Козјак“ – Куманово. Денковска Бојковски говори за 40-годишниот успех на компанијата, за исклучителниот квалитет на производите и како да се опстои за време на кризи. Генералната менаџерка говори и за сопствените искуства, што се е потребно за жената во бизнисот да може да напредува, за мотивацијата и поддршката од семејството. Денковска Бојковски вели дека типично за „Бучен Козјак“ е тоа што жените се дел од сопственичката и управувачката структура, но се застапени и на многу од раководните позиции.
МАРИЛИ: „Бучен Козјак“ е препознатлив бренд во македонската млечна индустрија веќе 40 години. На што се должи долгогодишното успешно постоење и што ја одвојува оваа млекарница од конкуренцијата?
ДЕНКОВСКА БОЈКОВСКИ: Уште од создавањето на млекарницата, основачите имале јасно поставена мисија - компанијата, која е водич низ долгогодишното работење веќе четири децении, „да произведува традиционални млечни производи со висок квалитет“ што со својот вкус поврзуваат генерации потрошувачи.
Наша најголема вредност се вработените и богатото долгогодишно искуство во создавањето и развојот на брендот. Поврзувањето на традиционалниот начин на производсво и задоволувањето на барањата на потрошувачите токму за такви млечни производи, нѐ издвојува и нѐ прави препознатливи на пазарот.
МАРИЛИ: Млекарницата е синоним за производство на киселомлечни производи. Какви се производи излегуваат од погоните на „Бучен Козјак“ и од каде ја набавувате суровината, каква е соработката со млекопроизводителите?
ДЕНКОВСКА БОЈКОВСКИ: Во асортиманост на производи водечка улога во производството и во продажбата има јогуртот, кој навистина е синоним за „Бучен Козјак“ и генерално прва перцепција од потрошувачите за компанијата. Како дел од таа програма е и пробиотскиот јогурт што последниве три години бележи континуран и стабилен раст во продажбата.
Киселите млека (и кравјото и овчото) кои се типични традиционални производи препознатливи за потрошувачите со кајмакот на површината на производот, се издвојуваат на пазарот. Не заостанува и тврдата програма што сѐ повеќе зазема пазарно учество во продажбата, бели сирења - кравјо, мешано и овчо, жолти сирења и кашкавал. Најнов производ е трајното млеко со 3,2 % масленост, што веќе ги постигнува проектираните количини за продажба и ги исполнува барањата на потрошувачите.
Суровината се набавува од домашни млекопроизводители со кои имаме воспоставено партнерска и долгорочна соработка. Досега имаме иницирано и реализирано повеќе различни заеднички проекти со фармерите, во насока на унапредување и развој на примарното производство.
Од едукацијата со нашите доктори ветеринари обезбедување опрема за олеснето и поквалитетно работење, финансирање со бескаматни заеми за зголемување на количините на откуп на суровина како потреба од наша страна, а порентабилно и квалитетно работење на кооперантите.
И во иднина се планирани проекти за остварување на поставените стратегии на компанијата од аспект на развој, унапредување и обезбедување квалитетна суровина како основа за производство на висококвалитетни млечни производи.
МАРИЛИ: Енергетската криза многу влијаеше врз зголемувањето на цената на млекото и на млечните производи. Како „Бучен Козјак“ се справува со овој проблем?
ДЕНКОВСКА БОЈКОВСКИ: Последниве две години беа исклучително тешки за сите економски оператори во Македонија и во светот, КОВИД и постковид кризата, сега и енергетска криза имаат огромно влијание врз ценовните шокови и стапката на инфлација што од месец во месец сѐ повеќе се зголемува. Она на што немаме влијание, односно надворешните фактори и опкружување, го балансираме со приспособување на внатрешните политики и стратегии на компанијата за амортизација на влезните параметри и зголемените трошоци на суровините и репроматеријалите, со цените на готовите производи.
Први чекори што се преземени се планови за оптимизација на производните процеси, инвестирање во опрема за генерирање заштеди, проекти за ублажување и намалување на потрошувачката на енергија.