Независен осигурителен брокер е препознатлив бренд на осигурителниот пазар

Интервју со Александра Поп Василева, извршен член на Одборот на директори во НОБ - Независен осигурителен брокер и Маја Ноневска, директор на продажба во НОБ - Независен осигурителен брокер. Поп Василева говори за преземањето на брокерското друштво и осигурителниот бизнис, образовната наобразба во Австралија и Шведска, тамошните практики како и за искуствата како предавач на универзитети во овие две држави. Ноневска се осврнува на нејзиното дводецениско работно искуство во осигурителниот бизнис, предизвиците но и за карактеристиките кои треба да ги поседувате за да бидете успешни и ефикасни во овој сектор

МАРИЛИ: Вие сте член на Одборот на директори во НОБ. Каква е Вашата функција и колку ја негувате развојната компонента во брокерското друштво?

ПОП ВАСИЛЕВА: Мојата функција извршен член во Одборот на директори е најмногу како поддршка на семејната инвестиција во која мојата мајка, Виолета Поп Василева, со својата истакната кариера во осигурувањето, уште еднаш се потврди како менаџер и експерт во осигурителниот бизнис и го презеде ова брокерско друштво, кое денес, 10 години по формирањето, е препознатлив бренд помеѓу многуте осигурителни брокерски друштва што работат на осигурителниот пазар.

Првенствено како академски работник со над 15-годишно искуство мојата поддршка во работата на брокерското друштво е во неговиот развој и стратегија, каде што на некој начин се обидувам да пренесам дел од тоа што фактички го предавав и го предавам на универзитетите во Сиднеј (Macquarie University) и во Мелбурн (Monash University) во Австралија и сега на Stockholm School of Economics во Стокхолм, Шведска, како доцент. Мојата експертиза се однесува на менаџментот на резултатите и контрола (performance management & control), кај нас попознато како менаџмент сметководство, област што ги опфаќа сите важни аспекти за успехот на еден бизнис и се заснова врз соодветното користење и толкување на финансиските и на нефинансиските информации на начин со кој го подобрува менаџерското одлучување.

Имено, кога станува збор за економијата и за економските закономерности на пазарно ориентираните општества, секаде има заеднички правила и закони, но, за жал, политичките состојби најмногу влијаат врз разликите во економиите на државите.

МАРИЛИ: Повеќе години сте дел од бизнисите на странски компании надвор од нашата земја, бевте во Австралија, а сега сте во Шведска. Кажете ни на кои позиции работевте и какви искуства пренесувате од тие земји за развој на семејниот бизнис?

ПОП ВАСИЛЕВА: По завршувањето на високото образование на Економскиот факултет во Скопје, мојата кариера започна во Сиднеј на Универзитетот „Маквари“, каде што ги продолжив студиите и магистрирав и докторирав на Катедрата за сметководство во рамките на Факултетот за Бизнис и Економија. Во текот на студиите ми беше овозможено да се вклучам и во предавањата и покрај тоа што бев вонреден студент, а тоа не беше вообичаен тек за повеќето докторанди и придонесе за долгиот стаж во однос на предавачката страна на работата. Во моментов работам како доцент во Стокхолм (Stockholm School of Economics) и директор на Научниот центар за блиска соработка со бизнис-партнерите на факултетот (Accounting & Financial Management Center of Excellence). 

Во однос на специфичноста на пазарот во Австралија и таа регулатива во споредба со европската, може да се користат одредени искуства конкретно за осигурувањето, како групирање на одредени ризици како посебни продукти што не е практика на европските пазари и уште помалку на нашиве простори. Секако, како искуство, ова може да им се предлага на осигурителните компании што одредуваат и одлучуваат какви видови ризици покриваат, а ние како нивен дистрибутивен канал во продажбата само учествуваме во продажба на нивните полиси за осигурување.

Австралија има многу широка мрежа на дистрибутивни канали за продажба на осигурителни полиси од најразлични видови услуги што во корелација со нивната основна дејност го вклучуваат и осигурувањето. Сепак, на тој пазар акцентот првенствено е ставен на автоматизацијата и дигитализацијата на осигурителните услуги, при што практично, како нивен клиент, не се доаѓа во личен контакт со осигурителната компанија, а секако се добиваат сите потребни покритија за осигурениот.

Изборот на осигурителната компанија му се пренесува на корисникот и постои поголема информативна асиметрија, каде што голем број од условите се пренесуваат на висок правен јазик што секогаш не му е достапен на секој поединец и многу од тие услови остануваат непознати при склучувањето полиса. За клиентите се појавуваат поголеми предизвици во процесот на остварување надоместок на штета, каде што при склучувањето на полисата играат улога голем број од непознатите услови, а во исто време пристапот до комуникацијата со поединци во осигурувањето е отежнат и долготраен како резултат на високата дигитализација.

Во такви случаи од непроценлива вредност е да се има брокерско друштво како НОБ, каде што корисникот може да се обрати за стручен совет и при изборот на компанија, како и при процесот на надоместок на штета и тоа без дополнителен трошок.

Инаку, осигурувањето како концепт е секаде ист и политиките на надоместок на штета практично се исти доколку се следат дадените инструкции каде што клиентот треба да се обрати. Ова го согледав со мојот личен пример при што заедно со мајка ми Виолета го решивме надоместокот за штета што ми следуваше за осигурениот случај што го имав и тоа согласно политиките за решавање на штети во компанијата во која мајка ми тогаш беше извршен директор. Имено, по идентични осигурителни практики го остварив максималното право за надоместок на штета што како ризик го имав платено во мојата полиса за осигурување. Но овој пример повеќе е исклучок отколку правило бидејќи повеќето осигурителни корисници на тој пазар немаат таква експертиза во осигурувањето и, за жал, не се во можност да ги остварат своите кориснички права.

Во Шведска сум помалку време во споредба со Австралија, па сега ги осознавам разликите во европската регулатива и конкретно во економијата и во образованието што таму се на многу високо ниво на префинетост и квалитет. Бизнис-практиката и образованието се во корелација заради постојаното унапредување со сите нови сознанија до кои се доаѓа при таа соработка.

МАРИЛИ: Како различните култури каде што престојувавте влијаеја врз Вас како личност, приватно и професионално? Што најмногу Ви недостасува од Македонија?