Индивидуалност изразена преку очилата на брендот „Диоптра“

Интервју со Марија Костуранова, генерален менаџер на „Диоптра оптикс“, Скопје во кое зборува за 30-годишниот развој на успешната бизнис приказна за чиј успех говорат и седумте салони со најсовремени оптометриски кабинети и опрема за изработка на оптички леќи од типот 15-минутен сервис, за стручниот и професионален кадар, за индивидуалниот пристап кој овозможува изработка на персонализирани стакла и очила од најреномираниот бренд „Линдберг“. Костуранова зборува и за сѐ она што е потребно за да се биде успешна жена менаџер

 

МАРИЛИ: „Диоптра оптикс“ одбележува 30-годишен јубилеј на задоволство на Вашите бројни клиенти. Накратко кажете ни како започна оваа успешна бизнис приказна и кои беа најважните фази на развој на брендот?

КОСТУРАНОВА: Неверојатно, но вистинито. 30 години ми летнаа. Приказната „Диоптра“ започна во 1993 година и тоа во услови на војна, ембарга, прекинати соништа и планови за моето заминување во странство по матурирањето во Загреб. Моја девиза секогаш било дека сѐ е со причина и секое лошо е за подобро. Така излезе и со брендот Диоптра, кој  на сите предизвици и тешкотии стануваше се појак и подобар. Со право може да кажеме дека сме лидер во оптичката бранша, не само во државата, туку и во регионот. Нашиот салон Диоптра Котур, на плоштад, во склоп на хотел Мериот е прогласен за една од најубавите и најголемите оптики во светот. Мило ми е што наметнавме високи стандарди и придонесовме сите светски трендови и најреномирани брендови во оптичката индустрија да бидат достапни за нашите клиенти. Ја имаме и врвната оптометриска опрема за најсофистицирана дијагностика и одредување диоптрија.

Најбитните фази можеби си доаѓаа последователно, слушајќи ги нашите клиенти, следејќи ја нашата визија и професионалност. Со секој салон отворавме нова приказна. Некогаш невозможното го правевме можно.

Многу од овие еминентни брендови и крупни проекти биле неуспешни за многу поголеми метрополи, но ете, некогаш големата љубов и желба кон професијата си го прави своето и мило ми е што успеавме во остварувањето на сите наши проекти, иако скоро секој беше во нестабилно време и тешки околности.

МАРИЛИ: Колку продажни салони имате, колку оптиметриски кабинети и каков вид услуги нудите?

КОСТУРАНОВА:Диоптра денес брои 7 салони и во повеќето од нив имаме оптометриски кабинети за проверка на видот, најсовремена опрема за изработка на оптички леќи од типот на 15-минутен сервис, стручен и професионален кадар што ги посетува сите тренинзи и обуки од најголемите светски производители на оптички производи. Технологијата толку брзо се развива, што навистина се трудиме секогаш да бидеме први. Ги посетуваме и сите светски саеми, конференции, презентации на нови колекции и се што е новитет во оптичката индустрија.

МАРИЛИ: Работите персонализирани стакла и персонализирани очила и тоа со најреномираниот бренд „Линдберг“, па во таа смисла објаснете ни што значи  индивидуалниот пристап кон клиентите?

КОСТУРАНОВА: Индивидуалноста се повеќе се цени, посебно што сите ние имаме свој вкус, свој начин на гледање, диоптрија, физиономија...Очилата се дел од нас. Тие го отсликуваат нашиот карактер и може да ни прикријат или истакнат некој дел од лицето. Може да ни дадат одреден стил, да не ,,разубават”, да делуваме попаметни, посериозни...

Данскиот бренд Линдберг е единствен по тоа што изработува персонализирани очила од врвни материјали како титаниум и кои иако повеќето се минималистички, може да се изработат со должина на рачки, мост, носници, според Вашата физиономија, да си одберете стил, боја од палета бои и имаат преку 450 000 комбинации. Притоа се со неколку патенти и овозможуваат најголем комфорт. Не случајно сите претседатели на држави, кралеви и светска елита ги носат. Никој ги немаше во регионот и посебно бевме горди што успеавме да ги донесеме во Скопје во нашиот салон Диоптра Котур. Пред неколку години кај нас се одржа и презентација на истиот бренд, дел од светската презентација во најголемите светски метрополи.