Реформите и странските инвестиции во фокусот на конференцијата „Економски предизвици во 2023 година“

Кај некои од пекарите веќе е регистрирано намалување на цената на белиот леб, исто така има намалување на цените на млекото кај одредени млекарници, и треба да се има предвид дека одредени маркети имаат залихи од претходно и тие се по стари цени, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на конференцијата „Економски предизвици во 2023 година: Како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“, во организација на Стопанската комора на Северна Македонија.

 

Во наредниот период премеиерот очекува дополнително намалување на цените и кај другите производи од пекарската, млекарската и од месната индустрија кое што намалување, како што рече, очекуваме да биде како што беше договорено од најмалку 10 %.

Во обраќање на, Ковачевски  се осврна на мерките и одлуките на Владата за ублажување на кризата и високата инфлација и истакна дека грижата на Владата и политиките за помош на граѓаните и стопанството продолжува и следната година.

„За антикризни мерки се издвоени 250 милиони евра. Кризата уште трае, ја менува формата и динамиката, поставува нови неизвесности и предизвици и Владата е тука да ги слушне сите предлози на деловната заедница како што ги слушаше и досега. Наша цел е домашните и странските инвестиции да бидат двигател на растот, да се зголемува извозот, да се намалува невработеноста, паралелно да растат платите  и да се подобрува животниот стандард. Нашето членство во НАТО обезбедува сигурност на инвестициите, дополнително стартот на пристапните преговори  во ЕУ ќе ја зголеми стабилноста , ќе се отворат нови пазари, а сето тоа значи и нови можности за компаниите“, рече Ковачевски.

Народната банка очекува инфлацијата годинава да се стабилизира, да забави и да изнесува 8 до 9 проценти. Како што рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во овие услови на криза фокусот е ставен врз макроекономските политики, но клучниот двигател на растот се структурните реформи.

„Нашето основно макроекономско сценарио е дека двоцифрената инфлација од минатата година постепено ќе се стабилизира и ќе забавува. Оваа година очекуваме да изнесува 8 до 9 проценти, а на среден рок да продолжи да забавува, без притоа економијата да влезе во рецесија. Но, има важни претпоставки за ова сценарио да се оствари. Пред се, многу е важен глобалниот контекст кој се уште е многу неизвесен.  Фокусот ни е на макроекономските политики и тие по правило се прва линија на одбрана, како и прва линија на инструменти за стабилизација на економијата, но не се и клучниот двигател на растот, рече Ангеловска-Бежоска.

Кога се работи напорно и има волја, посочи, нема недостижна цел, а бизнис заедницата во Владата има сериозен партнер.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на панелот „Како истовремено да оствариме соборување на инфлацијата и раст на економијата“ рече дека и во 2023 година државта ќе продолжиме со конзистентните политики зашто пред нас повторно е година со предизвици.

„Новата 2023 година ќе биде продолжение на предизвиците со кои веќе четврта година по ред се соочуваме. После ковидот беше најавено дека ќе живееме во една нова нормала, а тоа е да се креира раст во време на кризи. Глобалните проекции има ревидирање надоле за глобалната економија во 2023 година, а ние и во овие услови проектираме дека ќе има повисок раст од 2022 година, рече Бесими.

Нагласи дека растот во 2022 година беше 2,7, а за годинава се  планира раст од 2,9 отсто.

-Како мала економија ќе се соочиме со предизвиците на нашиот најголем трговски партнер кој има забавен раст. Мора да се фокусираме и на домашната побарувачка за одржување стабилност на цените. Планираме фискална консолидација што значи дефицитот од 8,2 на среден рок да се сведе на 3 отсто, а јавниот долг на 60 отсто од БДП, посочи Бесими.

Главната порака кон инвеститорите и приватниот сектор, како што рече, е создавање кредибилни политики.


Статијата е прочитана 232 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско