Вкупно 40 успешни жени од Македонија членуваат во Глобалниот клуб на жени лидерки Г 100
Крилото за комуникација и застапништво на Глобалниот клуб на жени лидерки Г 100 во Скопје во септември беше домаќин на основачката на Глобалниот клуб на жени лидерки Г 100, г-ѓа Харбин Арора и нејзиниот тим. Гостувањето беше во рамки на Балканскиот проект за посета на жените лидери во Љубљана, Загреб, Сараево, Белград, Скопје, Тирана и Приштина.
Во Глобалниот клуб Г 100 членуваат најистакнатите светски жени лидерки кои се подготвени да го споделат своето знаење и искуство за заедничка цел - подобра иднина за сите. Глобалниот клуб Г 100 има 100 секторски крила и претставнички од сите земји и свои канцеларии во Брисел (ЕУ), Њујорк (ОН), Њу Делхи и Женева. Има околу 1.000.000 членки ширум светот.
Г-ѓа Ленка Угриновска, како државна претставничка го води Крилото за комуникација и застапништво во кое членуваат 40 успешни жени членки лидерки од нашата земја кои се од различни вери и потекло, различно животно искуство и кариера, но сите имаат иста визија - да делуваат локално, преку сопствени иницијативи да го направат нашето општество подобро место за жените и девојките.
„Размислуваме глобално - делуваме локално!“
Стратегијата на Глобалната мрежа Г 100 за следната деценија е во корелација со целите за одржлив развој на Обединетите Нации, поконкретно целта број пет: Родова еднаквост и еманципација на жените и девојчињата. Во овој контекст членките на глобалната мрежа Г 100 со заеднички сили работат на изнаоѓање применливи решенија кои ќе овозможат вистинска инклузија и економско и социјално зајакнување на жените и девојчињата ширум светот.
Членките на Г 100 се цврсто уверени дека постигнувањето на седумнаесетте стратешки цели за одржлив развој на ОН до 2030 година е возможно само и единствено преку целосно достигнување на родовата еднаквост, односно стратешката цел број пет.
Статијата е прочитана 569 пати.