Во домовите за грижа за возрасни лица „Резиденција Дабески“ здравствените услуги се примарни

Интервју со Даниела Дабеска и Ана Марија Дабеска, сопственици и менаџери на домовите за грижа за возрасни лица „Резиденција Дабески - Лукс“ и „Резиденција Дабески“. Во интервјуто тие зборуваат за исклучително одговорната работа да се менаџира со установа за грижа на возрасни лица, за новиот објект „Резиденција Дабески - Лукс“ кој започна со работа за време на пандемијата, за иднината насочена кон развој на здравствениот туризам и тоа за постари и инвалидски туристи, како и за активнизмот за женски права и регионалното вмрежување и основање на Балканската женска асоцијација, заедно со организации од Косово, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна

 

МАРИЛИ: Што значи да се менаџира приватна установа за грижа за стари лица, колкави се потребите за вакви домови и кои предуслови треба да се исполната за да се отворат вакви објекти? 

Д.ДАБЕСКА: Менаџирањето со установа за грижа на возрасни лица претставува исклучително тешка и одговорна работа. Ова го велам од аспект дека луѓето што одлучиле да живеат во нашата установа, всушност, ни ја дале нивната доверба и тоа треба да биде целосно оправдано од наша страна. Иако ваков тип установи спаѓаат во делот на социјална дејност, конкретно за „Резиденција Дабески“ слободно може да кажам дека здравствените услуги се примарни. Тоа се наметна бидејќи, за разлика од развиените општества каде што најголем процент од корисниците се сместуваат поради потребите од социјален аспект, во нашата држава, за жал, претежно се сместуваат луѓе чија здравствена состојба е лоша. Велам за жал, бидејќи ваквиот тип установи навистина имаат многу да понудат. Сепак, за разлика од пред една деценија кога имаше навистина големи стереотипи и предрасуди, денес таа стигма е намалена како кај корисниците, така и кај нивните најблиски, но, сепак, треба многу да се работи и на подигнувањето на јавната свест во однос на ова прашање.
Што се однесува до предусловите за отворање ваква установа, за разлика од претходните години кога каков било објект можеше да се претвори во установа, сега, за среќа, со законските измени што ги направи Министерството за труд и социјална политика постојат стандарди за ваков тип установи што обврзуваат да бидат обезбедени технички карактеристики, број и категории персонал и слично. Сите стандарди овозможуваат корисниците да бидат безбедни и задоволни. 

 

МАРИЛИ: По една деценија успешно работење го отворивте вториот објект „Резиденција Дабески - Лукс“ со кој менаџирате. Кои стандарди ги исполнува и зошто го носи епитетот „лукс“?

Д.ДАБЕСКА: „Резиденција Дабески - Лукс“ започна со работа за време на пандемијата. Секако, со оглед на целата тогашна ситуација ризикот беше голем, но бидејќи целиот концепт и метод на работа беше пренесен од установата во Сопиште, ни олесни во стартувањето на установата. И оваа установа, како и „Резиденција Дабески“ во Сопиште, ги поседува сите стандарди предвидени со закон, но, исто така, целосно сме усогласени и со сите европски стандарди.
Додавката ЛУКС е поради апартманското сместување во кое има спална соба, дневен престој, бања, целосно опремена кујна и тоа претставува идеална единица за сместување брачни парови.

 

МАРИЛИ: Вие сте активист за правата на жените. Во кои домашни и интернационални проекти за заштита на женските права сте работеле?

Д.ДАБЕСКА: Јас сум претседателка на здружението „Македонски центар за женски права - ШЕЛТЕР ЦЕНТАР“. Мојот активизам започна во 1999 година, беа реализирани голем број програми на локално ниво, како што се, на пример, бесплатна правна помош, женски економски развој, кампањи против насилство над жените, но најголем успех беше отворањето на првиот Шелтер центар во Македонија во 2001 година. Последниве години сме регионално вмрежени и основач сме на Балканската женска асоцијација, заедно со организации од Косово, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна. Целта на оваа асоцијација е унапредување на женските права во регионот.

МАРИЛИ: Вие сте дел од семејниот бизнис за грижа за стари лица и самостојно менаџирате со домот „Резиденција Дабески“ во Сопиште. Како се разви афинитетот кон оваа работа и кои се Вашите квалификации? 
А.М.ДАБЕСКА: Афинитетот кон оваа работа се разви со тоа што сфатив дека помошта и негата што можеме да им ја дадеме на возрасните лица е од големо значење за нив и наедно за целото општество. Овој вид работа ме исполнува најмногу поради чувствата и љубовта и сите емоции што ги будат возрасните луѓе во мене, како развивањето поголем алтруизам и емпатија. Со сигурност можам да кажам дека секое битие е дојдено на овој свет со некаква сопствена цел и, искрено, образованието што го има завршено не е секогаш вистинското нешто кон кое треба да цели. Почнувајќи од мене, моето образование е целосно во друг правец од мојата желба и афинитет кон оваа работа. Секој човек може да има успех во работата и да се истакне само доколку навистина ја сака. 
Заклучно со претходно наведеното, клучните квалификации што ги поседувам се мојата посветеност на работата, подобрување и олеснување на животот на лицата во трета доба, исполнување на нивните потреби и, најважно, љубовта и почитта што сум способна да им ја дадам.