„Кромберг и Шуберт Македонија Бт“ започнува нова инвестиција од близу 26 милиони евра

Нов договор за финансиска поддршка на компанијата „Кромберг и Шуберт Македонија Бт“ во висина од близу 26 милиони евра беше потпишан денеска во просториите на компанијата во индустриската зона „Жабени“ во Бтиола..Договорот што е во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестиции го потпиша заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи

Станува збор за трет договор што се потпишува со „Кромберг и Шуберт Македонија Бт“ и со него ќе се зголемат производните линии и ќе се отворат нови над 1.000 вработувања.

„Денешната дата, всушност, се поклопува со многу добар датум, а тоа е датата на отворање на оваа фабрика овде пред 10-ина години која денеска брои над 5.300 вработени. Новата инвестиција, за која денеска го потпишавме договорот за финансиска поддршка е во вредност од 25.760.000 евра и ќе креира нови 1.230 вработувања во следните три години, предвидува проширување не само на постојните и отворање нови производни линии со кои ќе се произведуваат делови за ‘ауди 4’, новиот модел ‘ауди А6’“, рече Битиќи.

Според вицепремиерот, компанијата „Кромберг и Шуберт Македонија Бт“ има исклучителна важност за развојот на пелагонискиот регион.

„Во последните години направивме значителни законски измени со цел развој на сите региони во нашата земја, а една од нив е измената која ја направивме во Законот за финансиска поддршка на инвестиции со која компаниите кои вложуваат во помалку развиените региони процентуално да добиваат поголема финансиска поддршка. Ова е примерот како ‘Кромберг и Шуберт’ ја добива таа поддршка, а поддршката за компаниите расте. Само оваа година преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции потпишавме нови 277 договори со компании за инвестициски циклуси во следните години, односно 277 договори ќе направат инвестициски циклус од 140 милиони евра, а 95 отсто од сите компании се домашни компании“, нагласи Битиќи.

Притоа тој истакна дека со неговото доаѓање на позицијата вицепремиер за економски прашања, во 2020 година за првпат и покрај ковид-кризата има 100 отсто исплата на државната помош кон нашите компании.

„Со тоа се потврдува нашата посветеност кон нив и нашата намера да продолжиме да ги поддржуваме. Секој што ќе инвестира, ќе биде поддржан“, рече Битиќи.

 


Статијата е прочитана 313 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско