Отворена „Магна Мирорс“, новата странска инвестиција во ТИРЗ Струга

Во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга денеска беше официјално отворена канадската компанија „Магна Мирорс“ која произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на најзначајните производители на автомобили во светот.

Компанијата ќе вработува околу 1.300 лица кога ќе го постигне својот планиран капацитет, а поддршката од државата на оваа инвестиција е околу 50 проценти.

„Да не се отвореше оваа компанија, сите млади што се тука вработени ќе требаше да одат да работат во некоја од земјите во ЕУ. Затоа сакам да им се заблагодарам и на ‘Магна’ и на нејзиниот менаџмент што ја одбраа Северна Македонија за отворање на оваа високотехнолошка компанија“, рече премиерот Димитар Ковачевски на свеченото отворање на фабриката.

„Магна Интернешенел“ е канадска компанија со глобално седиште во Онтарио-Канада, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти.

„Нашите продукти и системи се вградени во две од секои три возила произведени во светот, а глобалната мрежа на ‘Магна’ се наоѓа на пет континенти и 28 држави и се состои од 347 производствени операции и 90 центри за инженеринг, продажба и развој со повеќе од 158.000 веаботени“, велат од компанијата.

Потпретседателот на компанијата „Магна Интернационал“, Дејвид Кресп истакна дека компанијата има широко портфолио и е на четврто место глобално во својата индустријата, додека „Магна мирорс“ е лидер во производстото на внатрешни и надворешни огледала за автомобили, како и напредни видео системи за следење на движењето, модули и компоненти за возила.

„Тоа што почна како идеја во 2018 година, сега е реалност. Нашата инвестиција е околу 35 милиони евра, се наоѓа на површина од 17 илјади квадратни метри и ќе има 1.000 вработени“, рече Кресп.


Статијата е прочитана 279 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско