Славе Сирачевски од „Аурора Турс“ добитник на Признание за животно дело во туризмот

По повод 27 септември - Светскиот ден на туризмот доделени се признанија за животно дело во оваа област. Меѓу лауреатите е и Славе Сирачевски од „Аурора Турс“, кој е еден од најуспешните туристички работници во државата.

Секторот за туризам заедно со Советот за туризам направија селекција при што е донесена одлука за доделување признанија за животно дело за исклучителен придонес во развојот на туризмот, афирмацијата и промоција на Република Северна Македонија на меѓународен план на 20 доајени на македонската туристичка индустрија.

Признанија за животно дело беа доделени на: Илија Камнар (постхумно), Зибер Бислими (постхумно), Енвер Малиќи (постхумно), Ставре Николовски (постхумно), Олгица Илоска (постхумно), Миомир Рафајловски, Јуксел Керим, Дончо Таневски, Славе Сирачевски, Мирослав Чоневски, Менан Мемеди, Петар Јанев, Меџит Цапа, Стефан Мишевски, Радослав Симевски, Јован Танаскоски, Миле Спироски, Стојан Филипоски, Ангел Иванов, Перо Митров. 

„Денес заедно со многу претставници од секторот на туризам, факултети за туризам, доајени на туристичката индустрија, угостители и други го одбележивме 27 септември - Светскиот ден на туризмот под глобалното мото ‘Rethink Tourism’. За таа цел оваа година наместо признанија за успешни агенции и хотели, да се потсетиме на луѓето кои се најзаслужни што туризмот денеска е една од главните теми во нашата држава. По повод овој ден имав можност да доделам признанија за животно дело на 20 истакнати туристички работници“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

Тој притоа потенцираше дека туризмот во последниве години се соочува со многу предизвици заради што е потребно наредните чекори да се преземат заеднички, со цел да се врати туризмот на местото кое го заслужува.

„Туризмот е и ќе биде приоритет на Владата, бидејки сме свесни дека е една од најзначајните гранки во економијата на нашата држава. Туризмот во последниве години се соочува со многу предизвици кои влијаат на развојот на оваа индустрија. Имајќи предвид дека ова се светски кризи, во соработка со Светска туристичка организација се обидуваме да најдеме најдобри модели за справување со истите. Според сите показатели оваа година ќе бидат постигнати очекуваните резултати“. рече Бектеши по повод одбележувањето на Светскиот ден на туризмот.

Според податоците во првите шест месеци годинава во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 53,3 отсто и тоа кај домашните туристи има зголемување за 13,7 проценти, додека кај странските за 109,9 проценти.


Статијата е прочитана 363 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско