„Веро“ - 25 години ги исполнува највисоките очекувања на потрошувачите
Интервју со Петар Денковски, генерален менаџер на „Веропулос“ ДООЕЛ – Скопје во кое зборува за јасната визија со која пред четврт век е отворен првиот маркет „Веро“ во нашата држава, за широкиот асортиман на производи, пространиот паркинг, брзината на пазарување и услужливиот персонал, за сето она што е главен адут на сите „Веро“ маркети, за идните планови поврзани со нови инвестиции во маркети, со зголемување на тимот и ставање уште поголем акцент на проекти насочени кон заштитата на животната средина и за помош на локалната заедница, но говори и за тоа што е се потребно за некој да се изгради во лидер, притоа водејќи се од сопственото мото: „Играј како шампион секој ден“
МАРИЛИ: Годинава „Веропулос“ прославува 25 години присуство на македонскиот пазар. Како една од поголемите странски инвестиции во нашата држава што во тоа време внесе нов тренд во купувањето, кажете ни кои се главните карактеристики според кои е препознатлив „Веро“, колку супермаркети има и каква е посетеноста?
ДЕНКОВСКИ: Отворањето на првиот маркет „Веро“ во Македонија во далечната 1997 година беше една од првите странски инвестиции во земјава и прва голема компанија во трговијата на мало што влезе на македонскиот пазар. Влезот на „Веро“ беше вистинско освежување во малопродажбата, воведе нови трендови и ги смени навиките на потрошувачите, но и ги подигна очекувањата на граѓаните за тоа како треба да изгледа модерното купување со квалитетна услуга. Денес, по 25 години работење, „Веро“ е еден од најуспешните и најсилните малопродажни синџири во земјава во кој дневно купуваат илјадници задоволни потрошувачи. Уште од отворањето на првиот маркет во Аеродром, „Веро“ имаше јасна визија за тоа што треба да им понуди на потрошувачите и сите овие години не отстапуваме од таа стратегија. Во изминатите 25 години со добрата деловна стратегија и внимателното планирање бизнисот се развиваше според очекувањата, така што денес дел од нашето семејство се 12 маркети „Веро“ во три града во земјава, трговскиот центар „Веро центар“ во Скопје, ресторанот за самопослужување „Фул Плејт“, како и франшиза за маркетите „Џамбо“ и за ресторанот за брза храна „Гудис“. Наш главен адут сите овие години е широкиот асортиман на производи, маркети што нудат простран и удобен паркинг во секое време, брзина на купување и услужлив персонал што секогаш е тука да им помогне на потрошувачите со совети. Посебно внимание им посветуваме на одделите за свежи производи што секогаш се приоритет и на кои сме особено горди во нашата понуда. На ова го додаваме и најдобриот однос на цената и квалитетот што го нудиме, за што потврда е добиената награда Best buy 2021/22 во оваа категорија. Наш заштитен знак се и квалитетната услуга што ја препознаа и институциите доделувајќи ни ја наградата „Фер со потрошувачот 2021/22“, грижата за потребите на потрошувачите и врвното шопинг-искуство во секој аспект за што ја добивме наградата „ Најдобар трговски објект за 2021 година“. Од сето наведено станува јасно дека „Веро“ е препознатлив бренд што на своите потрошувачи им нуди модерен начин на купување како во сите светски метрополи, а многубројните награди се доказ зошто сме најдобри и секогаш на врвот.
МАРИЛИ: Дали мотото на компанијата „купувачот е нашиот шеф“ значи задоволување на барањата на купувачот на едно место да најде сѐ што му е потребно, дали значи прифатлива цена, дали му се дава предност на квалитетот на производите, но и на услугата или можеби сѐ заедно?
ДЕНКОВСКИ: Мотото „купувачот е нашиот шеф“ е еден од петте столбови на „Веро“ врз кој ја градиме нашата успешна приказна. Денешните потрошувачи се модерни, со истанчен вкус, добро информирани за трендовите и иновациите во малопродажбата и токму тоа и очекуваат да го добијат во маркетот што го избрале. Денешните потрошувачи не може да ги „купите“ со импровизирани решенија и еднократни погодности, туку константно треба да им нудите максимален квалитет, професионален однос и услуга и најдобра вредност за нивните пари. Во вака поставениот систем „Веро“ е маркетот што ги исполнува нивните највисоки очекувања и затоа потрошувачите му враќаат со долгогодишна лојалност. Тоа што повеќето потрошувачи му се лојални на „Веро“ уште од почетокот и со нив секојдневно се среќаваме во нашите маркети е само потврда дека сме успеале во нашата мисија, а за нас нивното задоволство е мотив повеќе да продолжиме посветено да работиме и понатаму.
МАРИЛИ: И покрај намалената куповна моќ на населението, пред сѐ, поради пандемијата, постојано внесувате новини, промоции, се трудите да ги анимирате лојалните потрошувачи за одредени погодности. Како резултат на тоа, „Веро“ беше прогласен за најдобар супермаркет за 2021 година според оценките на купувачите. Што значи оваа награда и кои се идните планови и цели на компанијата?
ДЕНКОВСКИ: Малопродажниот сектор е многу динамичен и во него константно се случуваат промени на кои мора брзо да се приспособите ако сакате да останете во игра и да бидете прифатени од потрошувачите. Во бизнисот, исто како и во животот, секогаш не опстануваат најголемите и најсилните, туку тие што најбрзо и најуспешно ќе се приспособат на промените. За нас наградата за најдобар супермаркет е потврда дека успешно го менаџираме целиот период полн со предизвици, најпрво со пандемијата на КОВИД-19, а сега и со актуелните светски политички и економски случувања. Будно ги следиме состојбите и преземаме брзи и вистински реакции за секоја новонастаната ситуација и со максимална посветеност и ангажираност на целиот тим на „Веро“ успеваме да им излеземе во пресрет на нашите потрошувачи преку имплементирање нови содржини, услуги и технолошки иновации. И покрај сите предизвици, успеваме да го одржиме највисокото ниво на услуга во нашите маркети и не дозволуваме надворешните влијанија да се одразат врз потрошувачите на кој било начин.
Нашето мото за целиот период на пандемија беше „Се грижиме едни за други“, при што врвен приоритет ни беше грижата за здравјето и безбедноста на нашите ценети потрошувачи, но и на нашите вработени. На вработените сум им бескрајно благодарен за нивниот пристап, пожртвуваност и напор што го вложија за да го пребродиме овој исклучително тежок и кризен период во работењето.
Потрошувачите навистина го ценат тоа што го правиме и нивните оцени се потврда дека сме ја постигнале целта. Не постои поголемо задоволство кога признанијата доаѓаат директно од потрошувачите бидејќи тие се најрелевантниот судија за тоа колку сме успешни во работењето. Исто така, наредниот период ќе биде исполнет со справување со предизвици, но и со имплементирање нови трендови и иновации во малопродажбата што уште повеќе ќе го надградат потрошувачкото искуство. Нашите идни планови се поврзани со нови инвестиции во маркети, зголемување на тимот, како и ставање уште поголем акцент на проекти насочени кон заштитата на животната средина и помош на локалната заедница. Општествената одговорност ќе ни остане меѓу врвните приоритети исто како и во изминатиот период, организирајќи различни хуманитарни акции и активности за поддршка на најранливите групи во општеството.
МАРИЛИ: Вие сте во „Веро“ од самите почетоци. Што беше пресудно позитивно да ја градите Вашата кариера и колку искуството во работењето во Србија Ви помогна да бидете лидер и визионер?
ДЕНКОВСКИ: Секогаш со гордост истакнувам дека сум дел од успешната приказна на „Веро“ уште од самите почетоци, искачувајќи се постепено по сите скалила додека стигнав до денешната позиција - генерален менаџер на „Веро“. Пред да дојдам на оваа позиција поминав 10 прекрасни години како дел од тимот на „Веро“ во Србија, период во кој целосно ја консолидиравме компанијата и постигнавме неверојатен успех во силната меѓународна и домашна конкуренција на српскиот пазар. Секое искуство е драгоцено и од големо значење во работењето, особено кога станува збор за два пазара што, од една страна, се многу слични, но во исто време имаат и разлики што ги прават уникатни. Сметам дека само работното искуство не е доволно некој да се изгради во лидер. Тоа е долготраен процес што бара постојано учење од сопствените и од туѓите искуства, константно надградување и вложување во себе и во тимот. Моето мото, кое е моја ѕвезда водилка сите овие години, е: „Играј како шампион, секој ден“ (Play like a champion, every day). Големото искуство во малопродажбата сега ми овозможува за кратко време да ги препознаам луѓето околу себе со кои ја делиме истата енергичност, страст за работата, амбицијата и визиите и да го создадам вистинскиот тим кој секогаш е подготвен за победа. Верувам дека сега во „Веро“ ја имам токму таа победничка комбинација.
МАРИЛИ: Колку професионалниот ангажман во „Веро“ Ви остава време за Вашата „втора љубов“ - кошарката и како успевате да го поделите денот за работата, семејството, спортот?
ДЕНКОВСКИ: Работниот ден во малопродажбата е брз, динамичен и целосно исполнет со активности, средби со различни луѓе, многубројни обврски, планирања и состаноци. Многу ретко со таква агенда работниот ден ми завршува во регуларното работно време, поради што трпи слободното време. За жал, покрај работните обврски на кои сум им целосно посветен, сѐ помалку ми останува квалитетно време за спорт и за дружење со драги личности. И по 30-годишно активно работење како кошаркарски судија, од кои 20 години имав меѓународна кариера во ФИБА, љубовта кон кошарката не ме напушта и не ме остава мирен. Останав активен во овој спорт, но сега како делегат на ФИБА и инструктор и контролор на судиите, што само ја дополнува мојата богата кошаркарска кариера. Она малку слободно време што го имам се трудам максимално да му го посветам на семејството, кое е моја вечна инспирација и на кое сум му бескрајно благодарен за поддршката и енергијата што ми ја дава сите овие години. Слободното време им го посветувам и на драгите луѓе и блиски пријатели што ми го прават животот поубав. Сакам да одам и на добри концерти што, за жал, беа лимитирани во време на пандемијата, да прочитам добра книга, особено оние чија тематика е од доменот на мојата работа. Навечер сакам да уживам во некој филм или актуелна серија. И покрај многубројните обврски се трудам да најдам време и за мојата пасија, а тоа се патувањата и посетата на необични места. Тие се мојот извор од кој црпам енергија за сите нови проекти и за остварување на уште поамбициозни планови и повисоки цели. Велат „само небото е граница“, можностите се бесконечни, а ние само треба да имаме храброст, енергија и истрајност за да ги оствариме. Токму овие три карактеристики се тајната на мојот успех.
Статијата е прочитана 1464 пати.