Јовановски: „Бизнисот не може да го издржи ударот од цената на струјата, Владата да реагира итно со избалансирани решенија“

Во овој момент нема поголем проблем за македонската економија од цената на струјата, затоа Владата мора да најде избалансирани решенија кои ќе му овозможат на бизнис секторот да преживее. Ако тоа не се случи, многу фирми ќе се затворат, ќе се изгубат голем број работни места, а доколку луѓето останат без плата, нема да можат да ги платат сметките, колку и да се тие субвенционирани од Владата“, рече денеска на прес конференција потпреседателот на Стопанската комора, Зоран Јовановски.

Според Комората, потребна е итна реакција зашто времето поминува, а ризициите се зголемуваат.

„Пред мене имам конкретни податоци за сметката за струја на една компанија - членка на Комората. Иако во јули годинава компанијата потрошила помалку струја од јули минатата година, сметката за струја ѝ е речиси шестпати поголема во однос на јули минатата година. Кој бизнис сектор ќе го издржи ова и до кога? Во 2021 година од Централниот регистар се избришани 6.995 правни лица, а година досега се избришани 5.324 правни лица. Со вакви цени на струјата, уште колку компании ќе стават катанец на вратата во периодот што следува? Владата треба побрзо да ги прифати предлозите на Комората. Потребна е итна реакција зашто времето поминува, а ризициите се зголемуваат. Цената на струјата е најважното економско прашање и во моментов прашање за опстанок на македонскиот бизнис сектор. Нашите сознанија се дека оваа недела ќе биде разгледано ова прашање. Се надеваме дека ќе се согласат со нас за сериозноста на проблемот“, рече Јовановски.

Тој истакна дека прашањето за цената на струјата е важно и за во иднина, со оглед на тоа дека цената на струјата за компаниите во сите други земји од регионот е пониска од нашата, што ги прави нашите компании ценовно неконкурентни.


Статијата е прочитана 200 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско