Порталот „Пари“ ја објави листата на „100 најголеми“ компании по добивка во Македонија за 2021 година
Порталот „Пари “ во соработка со платформата за бонитетни информации „БизнисМрежа.мк“ ја објави листата „100 Најголеми“ компании по приходи во Македонија за 2021 година.
Веќе трета година по ред овој проект, кој содржи три категории -најголеми компании по приходи, добивка и по број на вработени, има за цел да придонесе кон развој и јакнење на позитивната деловна клима низ промоција на позитивната деловна пракса на најголемите компании по приход, добивка и број на вработени.
Од „Пари“ потенцираат дека предмет на рангирањето на 100-те најголеми се компании - трговски друштва во приватна сопственост. Ранг листата не вклучува правни лица, банки, осигурителни компании, државни институции, компании во државна сопственост и останати правни лица кои не се регистрирани согласно законот за трговски друштва.
Податоците што ги објави порталот „Пари“ покажуват дека 100-те најголеми компании по приход минатата година оствариле вкупен приход од 10,3 милијарди евра. Во 2020 година истите овие компании имале вкупен приход од 8,16 милијарди евра, што значи дека во 2021 имале подобар резултат за 2,14 милијарди евра, или раст за околу 25 проценти. Од порталот потенцираат дека инфлацијата во 2021 година се уште не беше во размери каква што е сега, така што овие компании имаат и голем реален раст на приходите, не само во номинална вредност. Имено, инфлацијата во 2021 година беше 3,2 отсто во однос на 2020 година.
Од податоците може да се види дека на самиот врв, во првите 10 компании по направен приход се компаниите што се во бизнисот со горива и струја, како и компании од технолошко-индустриските развојни зони.
Овие 100 најприходни компании лани оствариле добивка од 570,6 милиони евра, а во 2020 година имале вкупна добивка од 412 милиони евра. Податоците покажуваат дека 5 од компаниите, иако се во друштвото на најголеми по приходи, прават и сериозни загуби. Имено, ЕВН хоум иако лани направила приход од 335,7 милиони евра, годината ја завршила со црвено салдо од 703.000 евра, но, сепак, тоа е многу помалку од загубата во 2020 година – од речиси 12 милиони евра. Вкупните загуби што ги направиле петте компании се 20 милиони евра, а во 2020 година од сегашната листа на 100 најприходни фирми имало дури 12 кои биле во загуба, а вкупниот износ на загубата бил 58,5 милиони евра.
Статијата е прочитана 304 пати.