Сашо Дукоски е едногласно избран за нов претседател на Трговската комора при ССКМ

Сашо Дукоски, косопственик на реномираните продавници за италијански златен накит и дијаманти „Сигма“ е новиот претседател на Трговска комора при Сојузот на стопанските комори на Македонија. Тој беше едногласно избран на седница на Собранието.

Фокусот на активностите на Дукоски во наредниот период ќе биде ставен на креирање подобри услови за деловни активности во секторот трговија и зајакнување на капацитетите на Трговската комора.

„Зголемување на активното членство во Трговската комора, која е најмногубројна организација во државата, преку истакнување на придобивките од коморското работење, ќе биде еден од главните приоритети во наредниот период. Наш важен партнер за соработка се организациите на потрошувачи, поради што ќе ја продлабочиме и прошириме соработката во овој сегмент. Посебен фокус ќе се стави и на борбата со црната економија, односно на поттикнување на надлежните органи за детектирање и сузбивање нерегистрирани и нелегални бизнис-активности спротивни на законските прописите. Исто така, важно и неопходно е и да се постигне регулаторно ослободување на бизнисот и да се интензивира соработката со донесувачите на законските решенија“, рече Дуковски во своето обраќање пред членовите на Собранието.

Тој се осврна и на обезбедувањето дополнителни поволности за членовите на Сојузот преку поддршка во обезбедување поволности за адвокатски, банкарски, услуги за стандардизација и медиуми и медиумски простор.

Сашо Дукоски по професија е магистер по технички и по економски науки. Има долгогодишно и богато работно искуство во банкарскиот, јавниот и во приватниот сектор.

 


Статијата е прочитана 348 пати.

Сподели: