Бизнис вести

Владата ја усвои информацијата за нацрт-концептот на даночни реформи

четврток, 04 август 2022

Владата на Република Северна Македонија, денеска, преку видеоконференциска интернет врска, ја одржа 67-та седница.

На предлог на Министерството за финансии, министрите ја разгледаа и усвоија информацијата за нацрт-концептот на даночни реформи, согласно Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025).

Стратегијата ги утврдува главните цели на даночните реформи, а кои се однесуваат на обезбедување праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст.

Во рамки на Стратегијата дефинирани се пет приоритети за креаторите на даночната политика и органите кои ги администрираат јавните приходи, и тоа: поголема праведност во оданочувањето; поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите; зголемена даночна транспарентност; подобар квалитет на услугите, и воведување на еколошко („зелено”) оданочување.

Подготовката на нацрт-концептот на даночни реформи, Владата преку Министерството за финансии го води низ транспарентен и инклузивен процес, согласно целите и приоритетите на реформите на даночниот систем.

Денеска Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за пристапување на Република Северна Македонија кон програмата Дигитална Европа – Digital Europe (DIGITAL), подготвена од Министерството за информатичко општество и администрација.

Програмата DIGITAL претставува нова програма на Европската Унија насочена кон приближување на дигиталните технологии кон бизнисите, граѓаните и јавната администрација, како клучни чекори кон унапредување на живеењето и работењето, особено кога пандемијата со КОВИД-19 ни покажа колку е важен развојот и познавањето на технологијата, како и колку е важно Европа да не зависи од системи и решенија кои доаѓаат од други региони во светот.

Програмата DIGITAL обезбедува стратешко финансирање поддржувајќи проекти во пет клучни области на капацитет: суперкомпјутери, вештачка интелигенција, сајбер безбедност, напредни дигитални вештини и обезбедување широка употреба на дигитални технологии низ економијата и општеството, вклучително и преку дигиталните иновациски хабови.

Целта е да го забрза економското закрепнување и да ја обликува дигиталната трансформација на европското општество и економија, носејќи придобивки за сите, особено за малите и средни претпријатија.

Членки во програмата се сите ЕУ- земји, дополнително, членки се и сите земји од Европската Економска Заедница, а постои можност и за покажување интерес и членство и на земји кандидати, како и на земјите од програмите за добрососедство.

Со усвојување на оваа информација Владата го започнува процесот на преговори со Европската комисија за учество во програмата DIGITAL.

Ова ќе обезбеди можности за финансирање на проектите кај сите компании, институции и граѓански организации кои ќе аплицираат со проекти за дигитализација на повиците во рамки на Програмата.

Содржината е прочитана 22 пати.