Рекордни 14,5 отсто инфлација во јуни на годишно ниво
Инфлација од 14,5 проценти во јуни на годишно ниво измери Државниот завод за статистика. Овој рекорден пораст на инфлацијата во јуни не е изненадување со оглед дека на стартот на месецот беа укинати антикризните мерки, по што цените на некои производи пораснаа и до 70 проценти.
„Индексот на трошоците на животот во јуни 2022 година во однос на јуни 2021 година бележи зголемување од 14,5 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 13,7 проценти“, се вели во соопштението на ДЗС.
Според податоците на ДЗС, има раст на цените кај основните продукти како маслото, лебот, млекото, месето и на месечно ниво. Пораст на индексите на трошоците на животот во јуни 2022 година, во споредба со претходниот месец е забележан кај маслото и маснотиите за 10,4 отсто, кај лебот и житата за 7,8 проценти, потоа кај млекото за 6,7, месото за 5,2, свежото и разладеното овошје за 2,9 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 2,7 отсто...
Исто така пораст на индексите на трошоците на животот има и кај горивата и мазивата за сопствените превозни средства и тоа за 17,2 отсто, кај течните горива за домаќинствата за 16,3 проценти, цврстите горива за домаќинствата за 6,2 проценти.
Статијата е прочитана 419 пати.