Почнува вакцинација со четврта доза против Ковид-19

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ги разгледа заклучоците од Националната комисија за имунизација во врска со почеток на вакцинација со четврта доза на вакцина против КОВИД-19.

Четврта доза може да примат лицата над 18 годишна возраст што примиле три дози вакцина против КОВИД-19. Граѓаните од денес можат да се обратат во вакциналните пунктови, за што не е потребно закажување.

Вакцинацијата со четврта доза е предвидено да се спроведува со мРНА вакцина на Фајзер или Модерна. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци.

Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години.

Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на вирусот КОВИД-19. Државата располага со доволни количини вакцини, кои се безбедни и ефикасни и ги повикуваме граѓаните да се имунизираат во вакциналните пунктови со вакцина против КОВИД-19, со цел да стекнат дополнителен имунитет.


Статијата е прочитана 304 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско