Започна транспортот на опасниот линдан од малата депонија од ОХИС

Првите седум контејнери со чист линдан, од кои секој тежок по 22-26 тони, вчера попладне излегоа од ОХИС и тргнаа на пат кон Солунското пристаниште од каде ќе заминат за Франција. Со ова започна транспортот на опасниот отпад од депонијата на поранешниот индустриски гигант ОХИС. 

„Како што беше посветено посебно внимание на безбедноста на самиот процес на ископување на линданот и неговите изомери складирани во малата депонија на ОХИС, исто така координирано, прецизно и крајно внимателно, со особено залагање на искусни професионалци кои си ја знаат својата работа до најситен детал беше извршена подготовката за транспорт што подразбира пакување и товарење и самото транспортирање.  Целиот процес се водеше со посебна внимателност и почитување на меѓународната регулатива за прекуграничен транспорт на опасен отпад по Базелска Конвенција и сега е најважно оваа пратка да стигне безбедно до крајната дестинација“, потенцираат од Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Вкупно 477,1 тони отпад од HCH ископани и спакувани во 1936 буриња и натоварени во седум контејнери и 126,37 тони HCH загадена почва ископана и соодветно спакувана, со товарни возила ќе бидат транспортирани до Солунското пристаниште во Грција од каде со брод HCH отпадот ќе биде транспортиран  за Франција, а контамираната почва за АТМ Холандија.

Во наредниот период уште 20 контејнери ќе бидат товарени и транспортиртани од државата со што завршуваат активностите опфатени со ГЕФ проектот што се реализира преку УНИДО. Но, ископот во континуитет ќе продолжи со користење на средства од Повеќепартнерскиот фонд за животна средина специјално формиран за чистење на контаминацијата во кругот на ОХИС во сорабoтка со UNOPS.

 

Во меѓувреме продолжи ископот на останатиот материјал од малата депонија која е поделена во уште четири лота. Во тек е ископот на вториот лот за чиј надзор е одговорна компанијата HPC во соработка со локалниот партнер „Екомозаик“.

 


Статијата е прочитана 339 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско