Нова поставка во Музејот на Народната банка посветена на приказната за македонскиот денар
Во Музејот на Народната банка од петок за јавноста ќе биде отворена нова привремена музејска изложба посветена на денарот и неговите обележја, поточно, на изворното културно наследство кое послужило како основа за дизајнирање на предните и задните страни на тековното издание македонски банкноти.
Изложбата се организира во знак на одбележување на 30 години од издавањето на македонскиот денар, а Музејот на Народна банка одбележува 20 години од отворањето на постојната поставка.
Парите како физичко средство за размена, покрај ознаките за својата номинална вредност, претставуваат и медиум на чии аверсни и ревесни страни се прикажани многу други културни, историски и уметнички вредности од обединувачко значење за целокупната државна заедница. Тие се медиум кој ја уточнува, ја означува всушност споделената заедничка приказна за македонската држава.
Новата привремена изложба во Музејот на Народната банка е место во кое ќе може да се погледне најзначајното и амблемско културно наследство на современата македонска држава, а ги украсува предната и задната страна на тековното издание македонски банкноти.
Раководителката на Музејот на Народната банка, Катерина Христовска, во објава на Фејсбук страницата на централната банка, вели дека една од поспецифичните карактеристики на дизајнот на македонските пари, кај сите изданија, е застапеноста на дела од културното наследство на државата наспроти отсуството на историски личности на предната или задната страна, специфика што ја имаат многу малку европски држави.
„Постои една општа констатација кај истражувачите на овој вид специфичен дизајн дека нашите пари со својот колорит, со својата динамичност се можеби едни од најубавите банкноти испечатени на европската територија“, вели Христовска.
Борче Тодороски, кој ги дизајнираше првите македонски пари, сеќавајќи се како го изработил дизајнот за првите македонски денари вели дека својата работа ја извршувал во тајност, но со голема посветеност и пасија.
„Се работеше рачно, немаше помошни средства како сега, компјутери. Работев со перца на кои менував тушеви во боја. Многу непроспиени ноќи и многу работа“, вели Тодороски.
Од Народната банка најавија дека по свеченото отворање во четврток, поставката ќе биде достапна за јавноста од следниот ден, секој работен ден од 9 до 15 часот, во следните шест месеци
Статијата е прочитана 357 пати.