Македонија има голем потенцијал за селски туризам
Пандемијата на КОВИД-19 ги сврти луѓето кон природата, кон истражување на природните реткости. Тука е шансата за иднината на туризмот, тука е предизвикот да се одговори и на најпребирливите вкусови, а да не се наруши тајната на моќта на селските и на еколошките природни вредности.
Околу 25 отсто од граѓаните во Европа се решаваат првиот дел од одморот да го поминат во традиционална селска куќа или во винарска визба адаптирана за туризам наместо на плажа. Ова го покажува европската статистика, односно се повеќе европски туристи бараат домашна атмосфера, нетрадиционални туристички услуги и селски амбиент.
Македонија има големи потенцијали за алернативен, селски туризам, а автентичните македонски предели се задолжителна станица за оние што сакаат да комбинираат активен и културен туризам. Искуствата од изминативе години покажаа дека планините нудат велосипедизам, планинарење и јавање коњи, кампување во природа, а езерата, пак, рекреација на вода.
Истовремено повеќе од јасно е дека се потребни поголеми инфраструктурни инвестиции. Така ќе може да се чекори во новите трендови во европскиот и во светскиот туризам, кои на нашата земја ќе можат да ѝ донесат повеќе прилив од сегашниот во туризмот.
Убавите села низ Македонија ќе го привлечат секој љубител на природата и тие се доказ дека нашата држава ги има сите услови за успешен селски туризам. Во повеќето вакви места може да најдете индивидуално сместување, голем број локални жители ги пренамениле своите куќи во вили за сместување.
Недалеку од Велес постои сместување што би се нарекло сместување на новата генерација патници, сместување што е спој на луксузот и традицијата. Бидејќи пандемијата го стесни изборот на места за одмор „Ранчо на Ванчо и Ката“ во село Оморани претставува несекојдневна авантура. Реставрираната куќа е наменета за селски туризам, со можност за подготвување храна и организирање активности според желбите на гостите. Во дворот има летна кујна, натстрешница од дрвени греди и базен, а за вистинско уживање во стилот на 19 век е осмислен и дел за „турско седење“. Така, на еден простор гостите можат автентично да го доловат животот во селски амбиент и истовремено да уживаат во удобноста на објектот.
Селото Дихово, кое се наоѓа на планината Баба, има одлична местоположба и природно опкружување, па станува идеална локација за селски туризам. Дихово спаѓа во педесетте најубави тајни локации во Европа. „Вила Дихово“ овозможува вистинско искуство за селски туризам на Пелистер. Таа е лоцирана на 7 километри од центарот на Битола. Тоа е мала селска куќа со соби со бесплатен бежичен интернет и бесплатен паркинг. Собите се декорирани со локални резби и дрвенарија. Оваа куќа го претставува вистинското значење на зборот селски туризам.
Хотелот „Калин“ се наоѓа во Лазарополе на 1.350 метри надморска височина. Опкружен е со предел од карпести ридови, а во целата околина има двокатни и трикатни куќи изградени од камен. „Калин“ е спој на традиционалното мијачко градителство со современи архитектонски решенија, што создава топла и уникатна атмосфера. Хотелот е опкружен со букова и дабова шума идеална за прошетка. За оние што се љубители на велосипедизмот, околината е фантастичка за практикување на овој спорт.
Михајлово не е само детско одморалиште, објектот има и хотелски капацитет што е отворен за сите патници и авантуристи вљубеници во планинскиот туризам. Ова местенце е лоцирано на 40 километри од Кавадарци, со целосно реконструиран пат, на надморска височина од 1.200 метри, опколено со стара борова шума. Објектот нуди прекрасни хотелски адаптирани соби и вкусни оброци подготвени на традиционален начин. Во состав на објектот се наоѓаат стандардизиран ресторан, спортски терени, пешачки патеки, а има услови и за планински велосипедизам.
За оние што сакаат да ги искористат слободните денови од годината за да посетат нови предели и села, споделуваме уште една предлог-дестинација, а тоа е ранчот „Гара“ во селото Сладуево што се наоѓа на 3 километри од Демир Хисар, а до кое може да се пристигне со автомобил. Таму ќе се запознаете со вљубеници во јавањето коњи, а и самите можете да научите да јавате коњ.
Статијата е прочитана 1091 пати.